Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 6, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗАШТИТИ СЕ ОД ЗАРАЗНИТЕ БОЛЕСТИ

Заштити се од заразните болести

Заштити се од заразните болести

МНОГУ од древните градови биле заштитени со огромни ѕидини. Ако непријателот успеел да пробие и само мал дел од ѕидот, тоа го изложувало на опасност целиот град. Твоето тело е како еден таков утврден град. Колку ќе бидеш здрав многу зависи од начинот на кој се грижиш за твојот одбранбен систем. Да разгледаме пет работи преку кои може да се пренесе заразна болест и да видиме како можеш најдобро да ја зајакнеш твојата одбрана.

1. ВОДА

СКРИЕНА ОПАСНОСТ: Во твоето тело можат да навлезат штетни организми преку загадена вода.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИШ: Најдобро ќе се заштитиш ако внимаваш изворот од кој земаш вода да не е загаден. Ако знаеш или се сомневаш дека водата е загадена, можеш да ја прочистиш самиот за да биде безбедна за пиење. * Водата за пиење чувај ја во затворен сад и земај од неа на хигиенски начин — или со чиста црпалка или преку славина. Никогаш не ги ставај рацете во садот со чиста вода. Доколку е можно, најдобро е да живееш во место во кое човечките фекалии се отстрануваат на исправен начин, што го спречува загадувањето на изворите на вода.

2. ХРАНА

СКРИЕНА ОПАСНОСТ: Штетните организми може да бидат присутни во или на твојата храна.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИШ: Некоја храна може да изгледа свежо и здраво, но сепак да биде загадена. Затоа, нека ти стане навика темелно да ги миеш овошјето и зеленчукот. Пред да почнеш со подготвување или сервирање на храната, погрижи се да бидат чисти кујнскиот прибор, површините за готвење и твоите раце. Некои видови храна мора да се зготват на одредена температура за да се уништат опасните микроорганизми. Биди внимателен ако некоја храна ја сменила бојата или има непријатен мирис или вкус. Тоа може да биде знак дека е полна со штетни микроорганизми кои можат да го нападнат твоето тело. Храната што ти останала стави ја во фрижидер што е можно поскоро. Избегнувај да готвиш за други кога си болен. *

 3. ИНСЕКТИ

СКРИЕНА ОПАСНОСТ: Некои инсекти можат да ти пренесат зараза преку штетните микроорганизми што живеат во нив.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИШ: Ограничи го контактот со инсектите што пренесуваат болести така што ќе седиш во затворен простор кога тие се активни или ќе носиш облека што ќе те штити, на пример, долги ракави и пантолони. Спиј под мрежа третирана со инсектицид и имај лично средство за заштита од инсекти. Отстрани ги садовите со застоена вода, бидејќи тие се погодно место за размножување на комарци. *

4. ЖИВОТНИ

СКРИЕНА ОПАСНОСТ: Микроорганизмите што живеат во некое животно може да бидат безопасни за него но опасни за тебе. Ако те каснало или те изгребало домашно милениче или некое друго животно или, пак, си дошол во допир со неговиот измет, тоа може да ти го загрози здравјето.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИШ: Некои луѓе ги чуваат животните надвор од куќата за да го сведат на минимум контактот со нив. Измиј ги рацете со сапун откако си допирал домашно животно и немој да допираш диви животни. Ако некое животно те касне или те изгребе, темелно измиј ја раната и побарај совет од лекар. *

5. ЛУЃЕ

СКРИЕНА ОПАСНОСТ: Некои микроорганизми можат да навлезат во твоето тело откако биле распрснати во воздухот од некој што се искашлал или кивнал. Исто така, можат да се пренесат преку допир како, на пример, при гушкање или ракување. Микроорганизмите од други луѓе можат да останат на кваките, гелендерите, телефоните, далечинските управувачи или компјутерските екрани и тастатури.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИШ: Не позајмувај личен прибор за хигиена како, на пример, бричеви, четки за заби или пешкири. Внимавај да не допираш телесни течности од животни или од други луѓе, вклучувајќи крв и производи што содржат крв. И не заборавај, колку почесто и потемелно ги миеш рацете, толку подобро. Миењето раце веројатно е најефикасниот начин да го спречиш ширењето на зарази.

Кога си болен, ако е можно остани дома. Американскиот центар за контрола и превенција на болести препорачува да кашлаш или киваш во марамче или во својот ракав, наместо во дланките.

Една стара изрека вели: „Умниот го гледа злото и го избегнува“ (Изреки 22:3, Превод на МПЦ — ревидирано издание). Колку се точни овие зборови денес, кога светот е преполн со потенцијално опасни болести! Затоа, дознај повеќе така што ќе се советуваш со медицинско лице и избегни го „злото“ така што ќе одржуваш добра хигиена. Стори сѐ што можеш за да ја зајакнеш својата одбрана и намали го ризикот од заразна болест!

^ пас. 6 Светската здравствена организација препорачува неколку начини за подобрување на квалитетот на водата во домашни услови, на пример, преку хлорирање, соларна дезинфекција, филтрирање или превривање.

^ пас. 9 За повеќе информации околу безбедноста на храната, види во изданието на Разбудете се! од јуни 2012, страници 3-9.

^ пас. 12 За конкретни мерки за заштита од маларија, види во изданието на Разбудете се! од јули 2015, страници 14-15.

^ пас. 15 За раните и убодите од отровни животни и инсекти обично е потребна итна медицинска помош.