Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 6, 2016

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Точност

Точност

Многумина од оние што ја ценат точноста, самите водат борба со доцнењето. Библијата ни дава некои мудри совети во врска со точноста.

Колку вреди точноста?

ЗОШТО Е ВАЖНО:

Некои увиделе дека кога на закажаните средби пристигнуваат малку порано, чувствуваат помалку стрес. Освен тоа, точноста придонесува да бидеш на добар глас кај другите. Како?

Точноста е показател за твоите способности. Тоа што си точен покажува дека се трудиш да имаш контрола над својот живот наместо да дозволиш околностите да те спречуваат да ги правиш планираните работи.

Точноста е показател дека другите можат да се потпрат на тебе. Бидејќи живееме во општество во кое ветувањата често се прекршуваат и не се почитува договореното, луѓето ги ценат оние што си стојат на зборот. Луѓето од збор ја стекнуваат почитта од пријателите и од семејството. Работодавците ги ценат оние што доаѓаат на работа навреме и ги завршуваат задачите во предвидениот рок. Некои од нив дури и ги наградуваат таквите работници со поголеми одговорности и повисока плата.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Во Библијата има стихови кои се однесуваат на точноста. На пример, во неа пишува: „Сѐ нека биде пристојно и така како што е редот“ (1. Коринќаните 14:40). Кога двајца ќе се договорат да се сретнат во одредено време на одредено место, треба да го почитуваат договореното и да бидат точни. Исто така, Библијата вели: „Сѐ си има свое време, сѐ што се прави под небото си има свое време“ (Проповедник 3:1). Наредниот стих додава дека има „време за садење и време за корнење на посаденото“ (Проповедник 3:2). Земјоделците ги садат своите култури во точно одредено време за да соберат што поголем род. Со други зборови, нивната точност дава добри резултати.

Библијата открива и една поважна причина за да бидеме точни — на тој начин покажуваме почит кон другите и кон нивното драгоцено време (Филипјаните 2:3, 4). Од друга страна, оние што постојано доцнат, всушност, им го крадат времето на другите.

„Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4)

 Што да направиш за да бидеш точен?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата нѐ поттикнува однапред да си го планираме времето (Изреки 21:5). Ако често доцниш на закажаните средби, можеби имаш навика да планираш премногу работи. Во тој случај, можеби ќе биде подобро да ги тргнеш од планот работите што не се толку важни. Остави си поголем временски простор меѓу закажаните термини и труди се да пристигнуваш доволно рано. На тој начин ќе си оставиш време и за непредвидени ситуации, како што се застој во сообраќајот или лоши временски услови.

Библијата исто така нѐ поттикнува да бидеме скромни, што значи да бидеме свесни за нашите ограничувања (Изреки 11:2). Пред да договориш нешто или да ветиш дека ќе завршиш некоја работа во одреден рок, размисли дали реално имаш време за тоа. Кога се преоптоваруваш со обврски, создаваш стрес и напнатост — и за себе и за другите!

Освен тоа, Библијата ни вели да го користиме времето најдобро што можеме (Ефешаните 5:15, 16). Труди се прво да ги завршиш најважните работи (Филипјаните 1:10). На пример, додека користиш јавен превоз или чекаш некого, искористи го времето за да читаш или да го испланираш остатокот од денот.

„Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5)