Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 6, 2016

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Како да се покаже почит

Како да се покаже почит

ПРЕДИЗВИК

Мажот вели: „Кога стапивме во брак, јас и жена ми имавме различно мислење за тоа што значи да се покаже почит. Не дека едниот беше во право а другиот не — едноставно различно гледавме на работите. Честопати сметав дека жена ми би требало да покажува повеќе почит во начинот на кој зборува со мене“.

Жената вели: „Во културата во која израснав беше нормално да се зборува гласно, да се покажуваат драматични изрази на лицето и да им се упаѓа на другите во збор. Тоа не го сметавме за непочитување. Но, маж ми израснал во сосема поинаква средина“.

Почитта во бракот не е нешто што треба да се покажува само повремено, таа е нешто неопходно. Како можеш да покажеш дека го почитуваш брачниот другар?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Мажите особено имаат потреба од почит. Библијата го содржи следниот совет за мажите: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе“. Но, потоа додава: „А жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Иако и жените и мажите чувствуваат потреба да бидат сакани и почитувани, на мажите посебно им значи да бидат почитувани. „Секој маж сака да има чувство дека успева да ги држи работите под контрола, да ги решава проблемите и да се грижи за семејството“, вели еден сопруг по име Карлос. * Кога жената го почитува мажот поради овие работи, му прави добро не само нему туку и себеси. „Всушност, маж ми многу повеќе ми покажува дека ме сака кога јас му покажувам дека го почитувам“, вели една жена по име Корин.

Се разбира, и жените имаат потреба да бидат почитувани. Ова е логично бидејќи еден сопруг не може вистински да ја сака својата жена доколку не ја почитува. „Свесен сум дека треба да ги земам предвид мислењата и предлозите на жена ми“, вели Даниел. „Но, исто така треба да ги земам предвид и нејзините чувства. Тоа што не разбирам зошто жена ми се чувствува на одреден начин не ми дава за право да ги игнорирам нејзините чувства.“

Другиот треба да каже дали покажуваш почит. Не е важно дали мислиш дека покажуваш почит, туку дали твојот сопружник се чувствува почитуван. Тоа го сфатила и сопругата што беше цитирана во поднасловот „Предизвик“ во почетокот на оваа статија. „Дури и ако сметав дека не сум постапила без почит, штом така се чувствуваше маж ми, јас бев таа што требаше нешто да смени“, вели таа.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

  • Напиши три работи поради кои му се восхитуваш на твојот сопружник. Особините што ги цениш кај брачниот другар можат да бидат основата врз која ќе градиш почит.

  • Во текот на една седмица, следи го своето однесување (не на твојот сопружник) на следниве полиња.

Твоите зборови. Според едно истражување во кое биле вклучени брачни парови, „кога расчистуваат недоразбирање, брачните другари што имаат среќен и стабилен брак кажуваат пет пати повеќе позитивни забелешки отколку негативни. За разлика од нив, брачните парови што биле пред развод кажувале помалку од една (0,8) позитивна забелешка за секоја негативна“. * (Библиско начело: Изреки 12:18.)

Прашај се: „Дали зборувам со почит со мојот брачен другар? Колку често го критикувам, а колку често го пофалувам? Со каков тон зборувам кога имам некаква забелешка или кога сакам да се пожалам за нешто?“ Дали твојот брачен другар би се согласил со твоите одговори? (Библиско начело: Колошаните 3:13.)

Предлог: Постави си цел секој ден барем еднаш да го пофалиш твојот брачен другар за нешто. На пример, сети се кои негови особини ти се допаѓаа порано. Нека ти стане навика да му кажуваш што ти се допаѓа кај него. (Библиско начело: 1. Коринќаните 8:1.)

Твоите постапки. Една жена по име Алисија вели: „Трошам многу време за да средам низ дома, и кога маж ми покажува дека го цени тоа што го правам така што си ги раскрева работите или си ги мие садовите, чувствувам дека мојот труд вреди и дека сум му важна“.

Прашај се: „Дали од начинот на кој се однесувам со мојот брачен другар јасно се гледа дека го почитувам? Дали му посветувам доволно време и внимание?“ Дали твојот брачен другар би се согласил со твоите одговори?

Предлог: Напиши на кои три начини ти би сакал твојот сопружник да ти покаже почит. И тој нека го направи истото. Потоа разменете си ги ливчињата и секој од вас нека се труди да покажува повеќе почит во работите што ги запишал другиот. Сконцентрирај се на она што треба ти да го направиш за да покажуваш почит. Ако едниот од вас почне да се менува, најверојатно и другиот ќе го следи неговиот пример.

^ пас. 8 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 14 Од книгата Ten Lessons to Transform Your Marriage.

Нешто повеќе

ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА БИДЕ СРЕЌНО

Барај совети од Бог за да имаш среќен брак

Одговорот на две едноставни прашања ќе ти помогне да си го подобриш бракот.