Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 5, 2017

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Заштитни мерки во случај на катастрофа

Заштитни мерки во случај на катастрофа

„Силната експлозија речиси ме фрли на подот. Од отворите за вентилација почна да влегува чад, а високата зграда во која беа нашите канцеларии се вивна во пламен“ (Џошуа).

Земјотреси, урагани, терористички напади, пукање во училишта... Речиси секој ден слушаме за вакви работи. Се разбира, не е исто да слушаш за вакви настани и лично да поминеш низ нив. Што би можел да направиш пред, за време на и по катастрофата за да се спасиш?

 ПРЕД КАТАСТРОФАТА — ПОДГОТВИ СЕ!

СЕКОЈ човек може да доживее катастрофа. Кога некој е подготвен, има многу поголеми шанси да преживее. Како да се подготвиш?

  • Подготви се психички. Прифати ја реалноста дека секогаш постои можност да се случи катастрофа и дека во потенцијална опасност сте и ти и твоите најблиски. Не можеш да се подготвиш за катастрофа откако таа ќе се случи.

  • Дознај повеќе за тоа какви катастрофи би можеле да се случат во твоето место. Информирај се каде има засолништа. Прашај се дали градбата и локацијата на твојот дом се доволно безбедни. Отстрани сѐ што би можело лесно да предизвика пожар. Постави детектори за пожар и менувај им ги батериите барем еднаш годишно.

  • Подготви ги неопходните работи. Во случај на катастрофа, може да дојде до прекини во снабдувањето со струја и вода, како и проблеми со телефонските мрежи и јавниот превоз. Ако имаш кола, труди се во резервоарот секогаш да има гориво барем до половина, и секогаш имај резерви од храна и вода, како и ранец со неопходните работи. (Види ја рамката „ Имаш ли сѐ што е потребно?“)

    Подготовката е клучна за преживување

  • Имај пристап до телефонските броеви на пријателите кои живеат во твоја близина или подалеку.

  • Направи план за евакуација и вежбајте го со семејството. Кога одиш некаде, труди се да ги забележиш најблиските излези и кажи им на децата што да прават доколку се случи некоја катастрофа додека се на училиште. Како семејство, одредете места каде што ќе се најдете — на пример, некое училиште или парк — едно во близина на вашиот дом и едно подалеку. Некои државни служби препорачуваат семејствата одвреме-навреме да пешачат до тие места како вежба.

  • Размисли како би можел да им помогнеш на другите, вклучувајќи ги постарите и лицата со хендикеп.

ЗА ВРЕМЕ НА КАТАСТРОФАТА — РЕАГИРАЈ БРЗО!

„Кога избувна пожарот, повеќето луѓе не беа во паника; тие одолговлекуваа“, раскажува Џошуа, кој беше цитиран во почетокот. „Некои си го исклучуваа компјутерот или си полнеа вода. Еден човек рече: ’Можеби е најдобро да почекаме‘.“ И покрај таквата реакција на другите, Џошуа извикал: „Луѓе, мора веднаш да излеземе од тука!“  Тогаш неговите колеги се освестиле и тргнале по него надолу по скалите. Џошуа повторувал: „Ако некој падне, кренете го и продолжете да се движите. Ќе биде добро, ќе успееме!“

  • Во случај на пожар. Биди што поблизу до подот и брзо движи се кон најблискиот излез. Поради чадот, потешко се гледа. Освен тоа, најголемиот број смртни случаи при пожар се предизвикани од гушење со чад. Не се обидувај да ги спасиш личните работи — во прашање се секунди!

  • Во случај на земјотрес. Засолни се под некое големо и цврсто парче мебел или до некој носечки ѕид. Очекувај последователни потреси, и излези надвор и оддалечи се од високите градби што побрзо. Бидејќи екипите за спасување може да пристигнат дури по неколку часови, обиди се да спасиш нечиј живот доколку си во можност.

  • Во случај на цунами. Ако водата почне нагло да се повлекува од брегот, веднаш упати се кон некое повисоко место. По кратко време ќе надојдат големи бранови.

  • Во случај на торнадо или ураган. Без одложување појди во засолниште од бура.

  • Во случај на поплава. Не влегувај во поплавени објекти. Избегнувај да се движиш или да возиш низ водата. Ваквата вода може да биде контаминирана и да крие многу опасности како, на пример, секаков отпад, отворени шахти и откачени електрични кабли.

  • Дали си знаел? Само 0,6 метри вода можат да однесат цела кола. Повеќето смртни случаи при поплава настануваат поради тоа што луѓето се обидуваат да возат низ водата од поплавата.

  • Ако властите наредат евакуација, замини веднаш! Извести ги пријателите каде си, бидејќи во спротивно би можеле да тргнат да те бараат и во опасност да биде нивниот живот.

    Ако властите наредат евакуација, замини веднаш

  • Дали си знаел? Обично е подобро да испратиш СМС-порака отколку да се обидуваш да се јавиш.

  • Ако властите ги предупредат жителите да останат дома или во засолниште, не излегувај надвор. Во случај на несреќа или напад од хемиска, биолошка или нуклеарна природа, остани внатре, исклучи го системот за вентилација и добро затвори ги сите врати и прозорци. Ако настане нуклеарна катастрофа, слези во најнискиот дел на куќата или зградата во која се наоѓаш за да ја намалиш изложеноста на радијација. Слушај ги вестите од некоја локална телевизија или радио. Остани внатре сѐ додека властите не објават дека опасноста поминала.

 ПО КАТАСТРОФАТА — ГРИЖИ СЕ ЗА СВОЈАТА БЕЗБЕДНОСТ!

За да се заштитиш од зарази и од други опасности, обрни внимание на следниве препораки:

  • Остани кај пријатели доколку е можно, наместо во камп.

  • Одржувај ја хигиената на високо ниво.

  • Користи лична заштитна опрема кога расчистуваш после катастрофата. Ако е можно, носи ракавици, цврсти чевли, шлем и заштитна маска за прашина. Внимавај на електрични жици, како и на вжарени предмети.

  • Труди се да ги задржиш секојдневните навики. Важно е твоите деца да видат дека си смирен и позитивен. Учете заедно, играјте си и проучувајте ја Библијата како семејство. Немој да се преокупираш со вестите за трагедијата и, ако си вознемирен или нервозен, труди се тоа да не се одрази врз членовите на твоето семејство. Прифаќај помош, и помагај им на другите.

    По катастрофата, труди се да ги задржиш секојдневните навики

  • Биди свесен дека секоја катастрофа носи загуба. Владата и сите организации што се трудат да помогнат се концентрираат на тоа да спасат животи, а не да ја надоместат сета материјална штета. За некој да остане жив, потребни му се вода, храна, облека и засолниште (1. Тимотеј 6:7, 8).

  • Размисли како ситуацијата влијае врз твојата емоционална состојба и побарај помош. Тоа обично доаѓа до израз некое време по катастрофата. Некои од симптомите се претерана вознемиреност, потиштеност, нагли промени во расположението, тешкотии околу работата и проблеми со концентрацијата и спиењето. Разговарај со некој близок пријател.

Иако Џошуа го преживеал пожарот, многумина од оние што ги познавал не преживеале. Подоцна тој добил помош од христијанските старешини и од стручни лица. „Тие ме уверија дека е сосема нормално да чувствувам таква тага и дека со текот на времето таа ќе помине“, вели Џошуа. „По шест месеци, сѐ поретко имав кошмари. Но, некои други последици траеа подолго.“

Катастрофите го будат чувството за правда кај луѓето. Затоа, некои луѓе го обвинуваат Бог поради тоа што страдаат невини луѓе, иако тој воопшто не е виновен. Исто како Џошуа, многу други што преживеале катастрофа се борат со чувство на вина. „Сѐ уште се прашувам дали можев да спасам повеќе луѓе“, вели тој. „Ме теши мислата дека Бог наскоро ќе донесе правда на целата Земја и ќе ги исправи сите неправди. Дури да дојде тоа време, го ценам секој ден што го имам и правам сѐ што можам за да си го зачувам животот“ (Откровение 21:4, 5). *

^ пас. 33 Нешто повеќе за Божјите ветувања за иднината и за тоа зошто Бог ги допушта страдањата, можеш да прочиташ во книгата Што навистина учи Библијата? Можеш да ја преземеш од www.jw.org/mk.