Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 5, 2016

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Зборувај со детето за интимните односи

Зборувај со детето за интимните односи

ПРЕДИЗВИК

До пред само неколку децении, родителите имаа барем некакви шанси да бидат првите што ќе зборуваат со својот син или ќерка за интимните односи. Можеа да им објаснуваат околу тоа малку по малку, според возраста и потребите.

Но, денес е многу поинаку. „Децата се изложени на пораки со сексуална содржина на сѐ помала возраст, и такви содржини има сѐ почесто во програмите за деца“, пишува во еден прирачник (The Lolita Effect). Дали овој тренд им користи или, пак, им штети на децата?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Сексуални содржини има насекаде. Во една своја книга, писателката Дебора Рофман вели дека „во разговорите, рекламите, филмовите, книгите, текстовите на песните, телевизиските емисии, пишаните материјали, игрите, билбордите и телефонските и компјутерските екрани има толку многу слики, изрази и други работи што асоцираат на секс што многу [тинејџери, деца на предтинејџерска возраст, па дури и мали деца] не може а да не заклучат, макар и потсвесно, дека сексот мора да е... апсолутно најважната работа во животот“ (Talk to Me First).

Делумно се одговорни и рекламите. Рекламната индустрија и трговијата пласираат секси облека за деца, и со тоа уште од мали нозе ги учат да му придаваат преголемо значење на изгледот. Како што пишува во една книга, „светот на трговијата знае дека децата имаат потреба да бидат прифатени од врсниците, и тоа добро го искористува“ (So Sexy So Soon). Книгата додава: „Целта зад сето тоа е да ги натера децата постојано да сакаат да купат нешто ново“.

Потребно е повеќе од информации. Како што постои разлика меѓу тоа некој да знае како работи една кола и да биде одговорен возач, така постои разлика и меѓу тоа детето да знае што се интимни односи и да го користи тоа знаење за да носи добри одлуки.

Заклучок: Денес, повеќе од кога и да било порано, мора да му помогнеш на твоето дете да развие „моќ на согледување“ за да може „да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14).

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Зборувај на темата. Колку и да ти е непријатно, како родител имаш одговорност да зборуваш со твоето дете за интимните односи. Немој да бегаш од таа одговорност. (Библиско начело: Изреки 22:6.)

Разговарајте пократко но почесто. Наместо еднаш надолго и нашироко да зборувате, користи ги секојдневните прилики за да започнеш разговор, на пример, кога одите некаде со кола или правите нешто заедно. За да му помогнеш на детето да се отвори, поставувај прашања преку кои ќе видиш како размислува. На пример, наместо да прашаш: „Тебе ти се свиѓаат вакви реклами?“, би можел да речеш: „Што мислиш, зошто во рекламите ставаат разголени слики?“ Откако детето ќе одговори, би можел да го прашаш: „А тебе како ти изгледа тоа што го прават?“ (Библиско начело: 5. Мојсеева 6:6, 7.)

Зборувај според возраста. На децата на предучилишна возраст родителите можат да им кажат како се викаат половите органи и како да се заштитат од сексуални напасници. Како што растат, може да им кажат и некои основни работи за репродукцијата кај човекот. До пубертетот, тие веќе би требало добро да ги разбираат физичките и моралните аспекти на интимните односи.

Всади им вредности. Уште на рана возраст почни да го поучуваш детето што значат и колку вредат чесноста, верноста и почитта. Потоа, кога ќе разговарате за интимните односи, ќе можеш да градиш на тој темел. Јасно кажи што сметаш за исправно а што не. На пример, ако мислиш дека не е исправно некој да има предбрачен секс, кажи го тоа. Објасни и зошто сметаш дека тоа е погрешно и штетно. „Кај младите кои знаат дека нивните родители се против тоа тинејџери да имаат секс, помала е веројатноста да го направат тоа“, стои во една книга (Beyond the Big Talk).

Биди добар пример. Живеј според она што го зборуваш. Дали се смееш на безобразни шеги, се облекуваш провокативно, или флертуваш? Тоа може да ги уништи моралните вредности кои сакаш да ги всадиш во твоите деца. (Библиско начело: Римјаните 2:21.)

Биди позитивен. Интимните односи се дар од Бог, и во исправни околности — во брак — тие можат да бидат извор на задоволство (Изреки 5:18, 19). Објасни му на детето дека еден ден, како возрасен маж или жена, ќе има можност да ужива во тој дар, но без болката и грижите што ги носи предбрачниот секс (1. Тимотеј 1:18, 19).