Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 4, 2017

 ИНТЕРВЈУ | РАЏЕШ КАЛАРИЈА

Невролог зборува за својата вера

Невролог зборува за својата вера

РАЏЕШ КАЛАРИЈА, професор при универзитетот во Њукасл (Англија), го изучува човечкиот мозок повеќе од 40 години. Порано тој верувал во еволуција. Но, сега има поинакво гледиште. Разбудете се! разговараше со него за неговата вера и професија.

Кажете ни нешто за религијата на Вашето семејство.

Татко ми е роден во Индија, а мајка ми, иако има индиско потекло, е родена во Уганда. Во нивниот живот, важно место имаа хиндуистичките обичаи. Јас бев второто од три деца. Живеевме во Најроби (Кенија), а во нашата околина живееја и многу други хиндуистички семејства.

Како се заинтересиравте за науката?

Отсекогаш им се восхитував на животните и честопати одев во природа и кампував со пријателите за да го набљудувам прекрасниот жив свет. Отпрвин сакав да станам ветеринарен хирург. Но, откако завршив колеџ во Најроби, заминав за Англија за да студирам патологија на универзитетот во Лондон. Подоцна специјализирав во областа на неврологијата.

Дали она што го студиравте влијаеше врз Вашите верувања?

Да. Колку повеќе ја изучував науката толку потешко ми беше да верувам во хиндуистичките традиции и митологија како, на пример, обожавањето на животни и предмети.

Зошто го прифативте учењето за еволуција?

Кога бев помлад, многу од луѓето со кои имав контакт сметаа дека еволуцијата на човекот започнала во Африка, а на училиште често зборувавме за тоа. Исто така, наставниците и професорите на факултет ни создаваа слика дека сите угледни научници веруваат во еволуција.

Зошто по некое време повторно почнавте да размислувате за настанокот на животот?

Додека сѐ уште учев биологија и анатомија, еден студент  ми кажа што дознал за Библијата од Јеховините сведоци. Тоа ми ја побуди љубопитноста. Затоа, присуствував на собирот на Јеховините сведоци кој се одржа во салата на нашиот колеџ во Најроби. Подоцна, две мисионерки кои беа Јеховини сведоци ми објаснија некои учења од Библијата. Нивната вера во Творец кој го има одговорот на најважните животни прашања воопшто не ми изгледаше како некаква митологија. Она што го кажуваа ми се допадна бидејќи ми звучеше разумно и логично.

Дали Ви беше тешко да верувате во Творец поради Вашите познавања од медицината?

Воопшто не. Напротив, додека учев анатомија, сфатив колку сложена градба имаат живите организми. Повеќе не ми беше логично заслугата за сите тие врвни дела да ја има слепата случајност.

Можете ли да наведете пример за тоа?

Го изучувам човечкиот мозок уште од почетокот на 1970-тите години, и овој извонреден орган ме воодушевува до ден-денес. Во него се создаваат нашите мисли, се складира нашата меморија и оттаму се управуваат многу од телесните функции. Исто така, мозокот е центар на многу од нашите сетила, и тој ги обработува информациите кои доаѓаат и од самото тело и надвор од него.

Нашиот мозок може да ги врши своите функции главно поради сложените хемиски процеси и високо разгранетите мрежи од неврони, кои се основни мозочни клетки. Човечкиот мозок содржи милијарди неврони, кои меѓу себе комуницираат со помош на нервни влакна — долги нервни продолжетоци наречени аксони. Преку нив, невроните може да воспостават илјадници врски со други неврони од кои се разгрануваат кратки нервни продолжетоци наречени дендрити. Како резултат на сето тоа, вкупниот број на врски во мозокот е неверојатно голем! Освен тоа, оваа густа мрежа од неврони и дендрити не е хаотична, туку е добро организирана. Навистина генијално!

Дали може да го објасните тоа?

Формирањето на врски во мозокот се одвива во најдобар ред уште од развојот на ембрионот во матката, како и откако бебето ќе се роди. Невроните пуштаат нервни продолжетоци за да стигнат до други неврони кои може да се оддалечени и до неколку сантиметри — растојанија кои на клеточно ниво се огромни. Целта на нервното влакно не е секогаш само одредена клетка, туку може да биде и конкретен дел од таа клетка.

Кога од невронот почнува да расте нервен продолжеток, тој е придружен од хемиски „знаци“ кои му даваат упатства исто како да му велат „стој“, „продолжи“ или „сврти“, сѐ додека не стигне до својата цел. Без јасни упатства, овие нервни продолжетоци за кратко време би се „изгубиле“ на својот пат. Целиот овој процес е совршено организиран, а сѐ почнува од упатствата кои се запишани во нашите гени.

Може да се каже дека сѐ уште сме далеку од тоа да сфатиме како точно се развива и функционира нашиот мозок, вклучувајќи го и создавањето на спомени, чувства и мисли. За мене, самото тоа што мозокот работи — без да го спомнеме беспрекорниот начин на кој функционира и се развива — укажува на фактот дека го осмислил ум кој е далеку повозвишен од нашиот.

Зошто станавте Јеховин сведок?

Јеховините сведоци ми покажаа докази кои потврдуваат дека Библијата е Божја Реч. На пример, иако Библијата не е научна книга, кога спомнува работи поврзани со науката, секогаш дава точни информации. Исто така, таа содржи точни пророштва. А им го подобрува и животот на оние што се држат за нејзините учења. Можам да го кажам тоа и од лично искуство. Откако станав Јеховин сведок во 1973 год., Библијата ми е водич во животот. Благодарение на тоа, најдов смисла во животот и имам внатрешно задоволство.