Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 4, 2017

Извонредната поларна рибарка

Извонредната поларна рибарка

ДОЛГО време се мислело дека поларната рибарка лета околу 35.200 километри додека патува од Арктикот кон Антарктикот и назад. Сепак, некои понови истражувања откриле дека овие птици минуваат многу повеќе километри.

Поларната рибарка не патува директно кон својата дестинација, како што може да се види на сликата

На некои птици од овој вид им биле прикачени мали направи наречени геолокатори. Овие уреди, кои тежат помалку од еден грам, покажале дека некои рибарки во просек летаат околу 90.000 километри во двата правци, што е најдолгата позната миграција во животинскиот свет. Една од овие птици прелетала речиси 96.000 километри! Зошто новите сознанија покажуваат толкава разлика во километражата?

Сеедно од каде го почнува својот пат, поларната рибарка не лета директно кон својата дестинација. Како што може да се види од сликата, кога патува над Атлантскиот Океан, оваа птица обично лета во облик на буквата Ѕ. Зошто? Затоа што при летањето ги користи поволните ветрови.

Во текот на својот животен век, кој трае околу 30 години, една рибарка може да прелета повеќе од 2,4 милиони километри. Ова би било исто како три-четири пати да оди до месечината и назад! Еден истражувач рекол: „Ова е навистина неверојатно за една птица која тежи малку повеќе од 100 грама“. Интересно е и тоа што поларната рибарка престојува во лето и на јужниот и на северниот пол, поради што е изложена „на дневна светлина повеќе од кое и да било друго живо суштество“, како што пишува во една книга (Life on Earth: A Natural History).

Нешто повеќе

КНИГИ И БРОШУРИ

Дали животот е Божје дело?

Важно ли е што веруваш во врска со потеклото на животот?