Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 4, 2017

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Кога децата ќе се отселат

Кога децата ќе се отселат

ПРЕДИЗВИК

За многу брачни парови, најголемиот предизвик е кога децата ќе пораснат и ќе се отселат од дома. Во „празната куќа“ може да се чувствуваат како странци. „Советувам многу луѓе кои не знаат како одново да се зближат со својот брачен другар“, напишал Гери Њуман, стручњак за семејни односи. „Кога децата ќе си заминат од дома, [родителите] речиси и да немаат што да си кажат.“ *

Дали нешто слично се случува и во твојот брак? Ако да, можеш да ја подобриш ситуацијата. Најпрво да видиме неколку работи што можеби придонеле да се оддалечиш од твојот брачен другар.

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Со години на прво место биле децата. Иако имаат добри намери, многу родители го запоставуваат својот брак за да ги задоволат потребите на своите деца. Како резултат на тоа, толку многу се навикнуваат на улогата на родители што ја губат блискоста како сопруг и сопруга, а тоа станува особено очигледно кога децата ќе се отселат од дома. „Додека децата беа со нас, правевме барем некои работи заедно“, вели една сопруга која има 59 години. Но, во врска со периодот кога децата се отселиле, таа додава: „Имавме сосема различни приоритети во животот“. Еднаш дури му рекла на маж ѝ: „Си пречиме еден на друг“.

Некои парови не се спремни да се приспособат на новите околности. Во една книга пишува: „Многу парови се чувствуваат како штотуку да стапиле во брак“ (Empty Nesting). Бидејќи сметаат дека немаат речиси ништо заедничко, многу сопрузи и сопруги се повлекуваат секој во својот свет и живеат повеќе како цимери отколку како брачни другари.

Сепак, можеш да ги надминеш предизвиците, па дури и да уживаш во ова ново поглавје од животот. Библијата може да ти помогне во тоа. Да видиме како.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Прифати ја промената. Во врска со децата кои пораснале, Библијата вели: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си“ (1. Мојсеева 2:24). Целта на родителите е да ги подготват децата за тој момент и да им помогнат да ги стекнат вештините кои ќе им бидат потребни во светот на возрасните. Ако гледате на работите од овој агол, тоа што вашите деца се осамостоиле треба да ве направи горди родители. (Библиско начело: Марко 10:7.)

Се разбира, ти секогаш ќе им бидеш родител на твоите деца. Меѓутоа, може да се каже дека повеќе немаш улога на „надзорник“, туку на „советник“. Тоа ќе ти помогне да останеш близок со децата додека во исто време поголемо внимание му посветуваш на твојот брачен другар. * (Библиско начело: Матеј 19:6.)

Не ги чувај грижите во себе. Зборувај со твојот брачен другар за тоа како се чувствуваш поради новата ситуација, и биди спремен да го сослушаш и него кога ќе зборува за своите чувства. Биди стрплив и покажи разбирање. Можеби ќе ви треба време за да си го зајакнете бракот, но вреди да се вложи труд. (Библиско начело: 1. Коринќаните 13:4.)

Правете нови работи заедно. Поставете си нови цели кои ќе можете заедно да ги остварите или разговарајте кои нови работи би можеле да ги правите како брачен пар. Додека низ годините сте ги воспитувале вашите деца, сте стекнале мудрост. Зошто да не ја користите за да им помагате на другите? (Библиско начело: Јов 12:12.)

Зајакнете ја брачната врска. Размислувај за особините на твојот брачен другар што ти се допаднале во почетокот. Потсетете се на некои заеднички моменти од минатото, како и на проблемите што сте ги надминале. Всушност, оваа промена во вашиот живот можеби и не е толку лоша. Со заеднички напори ќе можете да си го зајакнете бракот и да ја разгорите љубовта што сте ја имале на почетокот.

^ пас. 4 Од книгата Emotional Infidelity.

^ пас. 12 Ако вашите деца сѐ уште живеат со вас, не заборавај дека си „едно тело“ со твојот брачен другар (Марко 10:8). Децата се чувствуваат безбедно кога гледаат дека нивните родители имаат добар брак.

Нешто повеќе

ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА БИДЕ СРЕЌНО

Бидете верни еден на друг

Дали верноста во бракот вклучува повеќе отколку само да не се направи прељуба?