Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 4, 2016

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Физичка убавина

Физичка убавина

Од нашиот став кон физичката убавина може да зависи дали ќе бидеме среќни или не.

Зошто ја цениме убавината?

Човечкиот мозок ја забележува убавината на начин кој сѐ уште е мистерија. Библијата не објаснува како се случува тоа, но открива од каде доаѓа нашата способност да ја цениме убавината — Бог е тој што ни ја дал (1. Мојсеева 1:27; Проповедник 3:11). Исто така, Бог го создал нашето сложено човечко тело, кое има неверојатен изглед и функција. Во врска со тоа, еден писател од минатото во песна рекол: „Те фалам [Боже] полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден“ (Псалм 139:14).

Сепак, денешните ставови кон физичката убавина честопати се неурамнотежени — тренд наметнат од модната индустрија и од познатите медиуми. Според една книга за физичкиот изглед, голем број истражувања спроведени во западните култури „покажуваат дека физичкиот изглед е пресуден фактор за тоа какво мислење ќе има некој за својата целокупна личност“ (Body Image). Меѓутоа, ако некој е сконцентриран само на физичкиот изглед ќе запостави нешто многу поважно — внатрешната личност (1. Самоилова 16:7).

Во многу места се става несоодветен нагласок на физичкиот изглед и на сексуалната привлечност

Освен што луѓето ставаат голем нагласок на физичкиот изглед, сѐ повеќе се нагласува и сексуалната привлечност, особено кај жените. Во еден извештај на Американското здружение на психолози објавен во 2007 год. стои: „Буквално секој медиум што беше вклучен во истражувањето во огромна мера потврди дека на жените се гледа како на сексуални објекти“. Со добра причина, Библијата нѐ предупредува да не дозволиме да ни влијаат таквите гледишта (Колошаните 3:5, 6).

„Вашиот украс нека не биде надворешен... туку тоа нека биде тајниот човек на срцето, облечен во нераспадливото руво на мирниот и благ дух, кој е драгоцен во Божји очи“ (1. Петрово 3:3, 4)

Зошто е мудро да имаме урамнотежено гледиште?

Во врска со физичката убавина, некои велат: „Ако си убав, искористи го тоа!“ Онаму каде што ваквото размислување е вообичаено, девојчињата на тинејџерска, па дури и на предтинејџерска возраст, учат да се гледаат себеси „како предмет за исполнување на туѓите желби... и нивниот физички изглед да биде нешто што другите ќе го забележуваат и по кое ќе ги вреднуваат“, како што вели извештајот на Американското здружение на психолози. Ваквото гледиште може да биде многу штетно.  Всушност, тоа е толку голем општествен и здравствен проблем што, според ова здружение, може да доведе до „многубројни негативни емоционални последици“. Дел од нив се „анксиозност, па дури и чувство на презир кон себеси... нарушувања во исхраната, ниска самопочит, депресија и нерасположеност“.

„Отстрани ја болката од срцето свое и оддалечи ја неволјата од телото свое, зашто младоста и најубавите години од животот се суета“ (Проповедник 11:10)

Кое гледиште е урамнотежено?

Библијата ја поврзува разумноста со скромноста (1. Тимотеј 2:9). Размисли за следново: Скромните луѓе не се површни ниту вообразени и не се опседнати со својот изглед, туку имаат исправно, урамнотежено гледиште за себеси. Исто така, тие мислат на чувствата на другите, и затоа другите им се восхитуваат и ги почитуваат, а што е најважно од сѐ, таквите луѓе му се многу драги на Бог (Михеј 6:8). Освен тоа, тие полесно можат да стекнат вистински пријатели и да најдат брачен другар кому нема да му биде најважна физичката интимност, туку да имаат трајна и среќна врска.

Затоа Библијата нѐ поттикнува пред сѐ да ни биде важна внатрешната личност, односно „тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:3, 4). Внатрешната убавина никогаш не избледува. Всушност, со текот на времето таа може да стане уште повпечатлива! „Седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“, стои во Изреки 16:31. Според тоа, било да се млади било да се стари, луѓето што ги применуваат библиските совети ќе ги краси убавина која не само што не избледува туку носи достоинство и дава чувство на задоволство.

„Шармот залажува, убавината минува, а жената која во ГОСПОД верува — заслужува пофалба“ (Изреки 31:30, Радосна Вест)

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Зошто библиските начела се за наше добро?

Исус објаснил зошто ни треба водство и кои две библиски начела се најважни.