Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 4, 2016

Што вели Библијата за хомосексуалноста?

Што вели Библијата за хомосексуалноста?

БРАКОТ меѓу лица од ист пол сѐ уште е тема на дебата во многу земји. Но, во 2015 год., Врховниот суд на Соединетите Држави го легализираше хомосексуалниот брак во целата земја. Веднаш потоа, бројот на пребарувања на Интернет на оваа тема драстично се зголеми. Едно од најчесто поставуваните прашања беше: „Што вели Библијата за бракот меѓу хомосексуалци?“

Библијата не зборува конкретно за тоа дали лица од ист пол имаат право да стапуваат во брак или не. Многу посуштинско прашање е следново: „Што вели Библијата за хомосексуалноста?“

Иако не ја испитале Библијата детално, мнозина сметаат дека го знаат одговорот на ова прашање — но нивните мислења многу се разликуваат. Некои велат дека Библијата ја осудува хомосексуалноста. Други тврдат дека библиската заповед „сакај го својот ближен“ покажува дека секоја сексуална определба е исправна (Римјаните 13:9).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА?

Кои од следниве тврдења сметаш дека се точни?

  1. Библијата ги осудува хомосексуалните постапки.

  2. Библијата нема ништо против хомосексуалните постапки.

  3. Библијата поттикнува на хомофобија (омраза и предрасуди кон хомосексуалците).

ОДГОВОРИ:

  1. ТОЧНО. Библијата вели: „Мажи што легнуваат со мажи... нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). Истото важи и за жените (Римјаните 1:26).

  2. НЕТОЧНО. Во Библијата пишува дека сексуални односи можат да имаат само маж и жена кои склопиле брак (1. Мојсеева 1:27, 28; Изреки 5:18, 19).

  3. НЕТОЧНО. Библијата ги осудува хомосексуалните постапки, но не ги одобрува предрасудите кон хомосексуалците, омразата кон нив или, пак, да се малтретираат на кој и да било начин (Римјаните 12:18). [1]

 Какво е мислењето на Јеховините сведоци?

Јеховините сведоци сметаат дека е најдобро да се живее според библиските морални мерила, и затоа избираат да живеат така (Исаија 48:17). [2] Тоа значи дека се против секаков вид сексуален неморал, вклучувајќи ја и хомосексуалноста (1. Коринќаните 6:18). [3] Тие сакаат така да живеат и имаат право на таков избор.

Јеховините сведоци се трудат да живеат според Златното правило така што се однесуваат со другите онака како што би сакале другите да се однесуваат со нив

Во исто време, Јеховините сведоци се трудат да бидат во мир со сите (Евреите 12:14). Иако не ги одобруваат хомосексуалните постапки, тие не им го наметнуваат својот став на другите, не учествуваат во напади на хомосексуалци ниту, пак, се радуваат кога некој друг го прави тоа. Јеховините сведоци се трудат да живеат според Златното правило така што се однесуваат со другите онака како што би сакале другите да се однесуваат со нив (Матеј 7:12).

Дали Библијата шири предрасуди?

И покрај сѐ, некои луѓе тврдат дека Библијата поттикнува на предрасуди кон хомосексуалците и дека оние што живеат според библиските морални мерила не се толерантни. Тие велат: „Библијата била напишана во време кога имало ограничени сфаќања. Денес ги прифаќаме сите луѓе, без разлика на нивната раса, националност или сексуална определба“. За нив, да си против хомосексуалноста е исто како да си против луѓето од друга раса. Но, дали оваа споредба е соодветна? Не. Зошто?

Затоа што постои разлика помеѓу тоа да не ги прифаќаш хомосексуалните постапки и да не ги прифаќаш хомосексуалците како луѓе. Според Библијата, христијаните треба да го почитуваат секого (1. Петрово 2:17). [4] Но, тоа не значи дека треба да одобруваат и секакви постапки.

Размисли за следнава споредба: Да речеме дека пушењето го сметаш за штетно, па дури ти е и одвратно. Но, што ако имаш некој колега што пуши? Дали другите треба да те сметаат за човек со ограничено размислување само затоа што имаш поинакво гледиште за цигарите? Дали фактот што твојот колега пуши а ти не, автоматски значи дека имаш предрасуди кон него? Ако твојот колега бара да си го смениш ставот кон пушењето, зар тоа не би покажало дека, всушност, тој размислува ограничено и не е толерантен?

Јеховините сведоци избираат да живеат според моралните мерила изнесени во Библијата. Тие не ги одобруваат постапките што Библијата ги осудува. Но, не ги исмеваат ниту, пак, ги малтретираат луѓето што се поинакви од нив.

Дали библиското гледиште е сурово?

А што ако хомосексуалните склоности кај некои луѓе се вродени? Зарем не би било сурово да им се забрани да го прават она за што чувствуваат потреба?

Библијата не кажува дали хомосексуалноста е предизвикана од биолошки причини, иако покажува дека некои карактеристики кај луѓето можат да бидат длабоко вкоренети. Сепак, таа вели дека некои постапки — вклучувајќи ги и хомосексуалните — мора да ги отфрлиме ако сакаме Бог да нѐ одобри (2. Коринќаните 10:4, 5).

Некои сметаат дека ваквото гледиште на Библијата е сурово. Но, нивното тврдење се темели на претпоставката дека мораме да постапуваме според своите нагони или дека нагоните, особено сексуалните нагони, се толку важни што не треба — па дури е и невозможно — да се контролираат. Сепак, Библијата им дава достоинство на луѓето со тоа што вели дека тие можат да ги потиснат своите нагони. За разлика од животните, луѓето можат да изберат да не постапуваат според секој свој нагон (Колошаните 3:5). [5]

Да разгледаме еден пример: Некои експерти велат дека некои однесувања како, на пример, агресивноста, можеби се од биолошка причина. Библијата не кажува дали агресивноста е од биолошка причина  или не, но потврдува дека некои луѓе се склони кон лутина и лесно избувнуваат (Изреки 22:24; 29:22). Сепак, Библијата го дава следниов совет: „Отфрли го гневот и остави ја лутината“ (Псалм 37:8; Ефешаните 4:31).

Малкумина би рекле дека овој совет не е на место или дека е сурово да се бара такво нешто од оние што се склони кон агресивност. Всушност, дури и експертите што сметаат дека лутината е генетски предодредена вложуваат голем труд за да им помогнат на луѓето да ја контролираат оваа склоност.

Јеховините сведоци имаат ваков став кон секое однесување што е спротивно на библиските мерила, вклучувајќи ги и сексуалните односи меѓу две лица од спротивен пол што не се во брак. Во секој случај важи следниов библиски совет: „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест, а не во незауздана сексуална страст“ (1. Солуњаните 4:4, 5).

„Такви беа некои од вас“

Оние што сакале да станат христијани во првиот век имале различно потекло и различен начин на живот, и некои од нив направиле големи промени во однесувањето. На пример, Библијата спомнува блудници, идолопоклоници, прељубници, мажи што легнуваат со мажи и потоа додава: „Такви беа некои од вас“ (1. Коринќаните 6:9-11).

Дали со зборовите „такви беа некои од вас“ Библијата сака да каже дека оние што престанале со хомосексуалните постапки никогаш повеќе немале хомосексуални желби? Тешко дека било така, затоа што Библијата го дава и следниов совет: „Живејте според духот па нема да им угодувате на желбите на телото“ (Галатите 5:16).

Библијата не вели дека на христијаните никогаш нема да им се појави некоја неисправна желба. Наместо тоа, вели дека секој од нас може да избере дали ќе постапи според своите желби. Христијаните учат да ги контролираат неисправните желби и не се задржуваат на нив за да не почнат да постапуваат според нив (Јаков 1:14, 15). [6]

Значи, Библијата прави разлика меѓу желбите и постапките (Галатите 5:16). Оној што има хомосексуални желби може да избере дали ќе мисли на нив или не, исто како што би направил и со секоја друга погрешна желба како, на пример, склоноста да се разгневи, да направи прељуба или да биде алчен (1. Коринќаните 9:27; 2. Петрово 2:14, 15).

Јеховините сведоци живеат според моралните мерила запишани во Библијата. Но, тие не им ги наметнуваат своите гледишта на другите ниту, пак, се обидуваат да ги менуваат законите кои ги штитат правата на оние што живеат поинаку од нив. Пораката што ја објавуваат Јеховините сведоци е позитивна, и затоа со цело срце им ја пренесуваат на сите што сакаат да ја слушнат (Дела 20:20).

^ 1. Римјаните 12:18: „Бидете во мир со сите луѓе“.

^ 2. Исаија 48:17: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“.

^ 3. 1. Коринќаните 6:18: „Бегајте од блуд!“

^ 4. 1. Петрово 2:17: „Почитувајте го секого“.

^ 5. Колошаните 3:5: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст“.

^ 6. Јаков 1:14, 15: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“.

Нешто повеќе

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Кое е библиското гледиште за браковите меѓу лица од ист пол?

Оној што го основал бракот најдобро знае како да се изгради трајна и среќна брачна врска.