Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 4, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА СТЕКНЕШ ДОБРИ НАВИКИ

1. Биди реален

1. Биди реален

Можеби сакаш да ги смениш сите свои навики одеднаш. Си велиш: „Од оваа седмица повеќе нема да пушам, да пцујам и да останувам до доцна навечер, а ќе почнам да вежбам, да се хранам поздраво и почесто да им се јавувам на дедо ми и баба ми“. Но, ако се обидеш да ги постигнеш сите свои цели одеднаш, на крајот нема да постигнеш ниту една!

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Мудроста е кај скромните“ (Изреки 11:2).

Оној што е скромен е реален. Сфаќа дека времето, силата и средствата што ги има се ограничени. Затоа, не се обидува да смени сѐ одеднаш, туку прави промени постепено.

Ако се обидеш да ги постигнеш сите свои цели одеднаш, на крајот нема да постигнеш ниту една!

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Не менувај повеќе од една до две навики истовремено. Еве што може да ти помогне:

  1. Направи список со две колони. Во едната напиши ги добрите навики што би сакал да ги стекнеш, а во другата лошите што би сакал да ги отстраниш. Потруди се да наброиш што е можно повеќе навики, а не само неколку.

  2. Подреди ги навиките по важност така што ќе ставиш бројка пред нив.

  3. Од секоја колона избери само неколку навики, можеби една или две, и концентрирај се само на нив сѐ додека не постигнеш барем некаков резултат. Потоа премини на наредните една до две навики од списокот.

Забрзај го процесот така што некоја од лошите навики ќе ја замениш со некоја од добрите. На пример, ако во колоната со лоши навики имаш напишано „премногу гледање телевизија“, а во колоната со добри навики „да им се јавувам почесто на блиските“, тогаш може да ти биде цел секој ден откако ќе си дојдеш од работа да му се јавиш на некој пријател или роднина наместо веднаш да го вклучиш телевизорот.