Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 3, 2017

Ентеричниот нервен систем (прикажан со сина боја) се наоѓа во дигестивниот тракт

Ентеричниот нервен систем — твојот „втор мозок“

Ентеричниот нервен систем — твојот „втор мозок“

КОЛКУ мозоци има човекот? Ако одговориш „еден“, во право си. Сепак, во човечкото тело има и други нервни системи. Еден од нив има толку раширена мрежа од неврони што некои научници го нарекуваат „втор мозок“. Станува збор за ентеричниот нервен систем кој главно е сместен во стомакот, а не во главата.

На телото му треба неверојатна координација и огромен напор за да ја претвори храната во енергија. Затоа е соодветно што контролата над најголемиот дел од овој процес мозокот му ја препушта на ентеричниот нервен систем.

Иако овој систем е многу поедноставен од мозокот, сепак е прилично сложен. Кај човекот, тој се состои од околу 200 до 600 милиони неврони. Оваа сложена мрежа од неврони е сместена во дигестивниот систем. Научниците сметаат дека, кога функцијата на ентеричниот нервен систем би се одвивала во мозокот, би биле потребни многу подебели нерви. Според една книга, „далеку побезбедно и попрактично е што [дигестивниот систем] сам си ја врши таа функција“ (The Second Brain).

„ХЕМИСКА ЛАБОРАТОРИЈА“

За да може да се свари храната во телото, потребно е да се произведе прецизна мешавина од хемиски супстанции, и тоа во вистинско време и на вистинско место. Професорот Гери Мо соодветно го нарекол дигестивниот систем „хемиска лабораторија“. Варењето на храната е неверојатно сложен хемиски процес. На пример, на ѕидовите на цревата се наоѓаат посебни клетки кои служат како еден вид хемиски рецептори и имаат задача да утврдат кои супстанции се внесени преку храната. Тие информации му помагаат на ентеричниот нервен систем да ги активира ензимите кои се потребни за да се разложи храната на најмали делови, кои телото ќе може да ги апсорбира. Но, ентеричниот нервен систем има и друга важна улога. Тој ја проверува киселоста и некои други хемиски својства на разложената храна и, во склад со тоа, ја регулира работата на ензимите.

Дигестивниот систем во најголема мера е управуван од ентеричниот нервен систем и може да се спореди со производна лента во фабрика. Нашиот „втор мозок“ ја движи храната низ дигестивниот тракт така што предизвикува грчење на мускулите. Тој ја регулира јачината и зачестеноста на овие грчеви според потребите, за процесот да се одвива непрекинато, исто како работата на производна лента.

Ентеричниот нервен систем има и заштитна функција. Храната што ја јадеме честопати содржи штетни бактерии. Затоа не е за изненадување што околу 70-80 отсто од лимфоцитите, клетки кои имаат важна улога во имунолошкиот систем, се наоѓаат токму во стомакот! Ако во организмот се внесат голем број штетни организми, ентеричниот нервен систем ќе го заштити телото така што ќе предизвика силни грчеви поради кои ќе дојде до повраќање или дијареја и ќе го исфрли најголемиот дел од отровните материи.

ДОБРА КОМУНИКАЦИЈА

Иако се чини дека ентеричниот нервен систем функционира независно од мозокот, овие два нервни система се во постојана комуникација. На пример, ентеричниот  нервен систем учествува во регулирањето на хормоните кои му сигнализираат на мозокот кога и колку треба да јадеш. Нервните клетки на овој систем го „известуваат“ мозокот кога си најаден и можат да предизвикаат мачнина доколку си претерал со јадењето.

Дури и пред да ја читаш оваа статија можеби мислеше дека постои некаква поврзаност меѓу дигестивниот тракт и мозокот. На пример, дали си забележал дека понекогаш ти се подобрува расположението кога јадеш калорична храна? Истражувачите сметаат дека тоа се случува кога ентеричниот нервен систем испраќа „сигнали на среќа“ до мозокот, со што започнува низа реакции кои придонесуваат за добро расположение. Можеби токму од оваа причина луѓето сакаат да јадат ваква храна кога се под стрес. Затоа, научниците истражуваат дали би можело преку вештачко стимулирање на ентеричниот нервен систем да се лекува депресија.

Друг пример кој покажува дека постои комуникација меѓу мозокот и дигестивниот систем е чувството што некои го опишуваат како „пеперутки во стомакот“. Тоа чувство можеби го предизвикува ентеричниот нервен систем со тоа што ја пренасочува крвта надвор од стомакот кога мозокот се соочува со напнатост или стрес. Поради тоа може да настане и гадење, бидејќи при стрес мозокот го поттикнува ентеричниот нервен систем да направи промени во грчењето на цревата.

Иако ентеричниот нервен систем може да предизвика одредено чувство во стомакот, не може да ти помогне да размислуваш ниту, пак, да носиш одлуки бидејќи не е мозок во вистинска смисла на зборот. Не може да ти помогне да составиш песна, да испланираш како да ги трошиш парите што ги имаш или да напишеш домашно. Сепак, овој уникатен нервен систем постојано ги воодушевува научниците со својот сложен начин на функционирање од кој поголемиот дел веројатно допрва треба да се истражи. Затоа, следниот пат кога ќе седнеш да јадеш, помисли што сѐ се случува во твоето тело — проверки, обработка на податоци, координација, комуникација. Нашиот дигестивен систем е вистинско чудо!