Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 3, 2016

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Вера во Бог

Вера во Бог

Некои луѓе велат дека се религиозни, но тешко им е да разберат што значи зборот „вера“. Што е тоа вера, и зошто е важно да ја имаме?

Што е тоа вера?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ:

Многу луѓе мислат дека оној што има вера едноставно верува во нешто без да има вистински докази за тоа. На пример, некој што е религиозен може да рече: „Јас верувам во Бог“. Ако го прашаме зошто верува во Бог, можеби ќе одговори: „Така сум воспитан“ или „Отсекогаш верувам во Бог“. Но, во таков случај изгледа како да нема разлика меѓу некој што има вера и некој што е лековерен.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

„Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме, доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евреите 11:1). За некој да биде цврсто уверен дека нешто ќе се случи, треба да има добри причини за тоа. Всушност, на изворниот јазик изразот „цврста увереност“ опфаќа многу повеќе од внатрешно чувство или обична желба нешто да се случи. Според тоа, да имаш вера значи да бидеш уверен во нешто на темел на докази.

[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20)

Зошто е важно да имаме вера?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

„Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6).

Како што беше спомнато, многумина веруваат во Бог само затоа што така биле поучени. „Така ме израснале моите“, можеби ќе речат. Но, Бог сака оние што веруваат во него да бидат цврсто уверени дека тој постои и дека ги сака. Од таа и од други причини, Библијата нѐ поттикнува да го бараме Бог и добро да го запознаеме.

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8)

 Како може да стекнеме вера?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

„Верата се стекнува од слушање на пораката“, вели Библијата (Римјаните 10:17). Значи, првиот чекор што е потребен за да стекнеш вера во Бог е да го слушаш она што Библијата го кажува за него (2. Тимотеј 3:16). Ако ја проучуваш Библијата, ќе најдеш веродостојни одговори на важни прашања како, на пример: Кој е Бог? Има ли докази дека тој постои? Дали Бог се грижи за мене? Каква намера има Бог во врска со нашата иднина?

Доказите за постоењето на Бог се насекаде околу нас

На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да дознаеш нешто повеќе за Библијата. На нашата интернет-страница, jw.org, пишува: „Јеховините сведоци многу сакаат да ги поучуваат другите за Библијата, но никогаш не присилуваат некого да стане член на нивната религија. Наместо тоа, објаснуваме што вели Библијата и на секого му го почитуваме личното право да одлучи во што ќе верува“.

Значи, твојата вера мора да се темели на докази до кои ти самиот ќе дојдеш додека испитуваш дали она што стои во Библијата е вистина. За некои што го направиле тоа во првиот век, Библијата вели: „Многу горливо ја примија речта и секој ден ги истражуваа Писмата за да видат дали е тоа така“ (Дела 17:11).

„За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3)