Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 3, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Премостување на јазичната бариера — чекор по чекор до успехот

Премостување на јазичната бариера — чекор по чекор до успехот

„Се вели дека не постои посложена задача од преведувањето“ (The Cambridge Encyclopedia of Language).

ПРЕД да се преведат, публикациите на Јеховините сведоци најпрво внимателно се планираат, се прават потребните истражувања и се пишуваат. За време на овој процес, Одделот за пишување во главното седиште во Њујорк темелно проверува дали информациите се точни, дали текстот звучи убаво и дали е граматички исправен. *

Потоа, Одделот за пишување го испраќа текстот до стотици преведувачки тимови низ целиот свет. Повеќето од нив живеат и работат онаму каде што се зборува јазикот на кој преведуваат. Најголемиот дел од преведувачите преведуваат на својот мајчин јазик. Тие мора добро да го познаваат јазикот на кој е напишан материјалот, како и јазикот на кој преведуваат.

Како обично се одвива преведувањето?

Герент, кој преведува во Британија, објаснува: „Работам во тим од преведувачи, па затоа добрата соработка е многу важна. Ако нешто е тешко да се преведе, решението го бараме заедно. Притоа не го анализираме секој збор поединечно, туку групи од зборови. Внимателно размислуваме што точно значат и со која цел се напишани, и притоа постојано ги имаме на ум читателите за кои е наменета секоја статија“.

Која е твојата цел како преведувач?

„Нашата цел е читателот да нема чувство дека текстот е превод, туку дека бил напишан на неговиот јазик. За да го постигнеме  тоа, се трудиме да користиме природни изрази. Така читателот ќе може да го задржи вниманието и ќе ужива додека чита, исто како да јаде нешто вкусно.“

Која е предноста да се живее онаму каде што се зборува јазикот на кој се преведува?

„Тоа што сме меѓу луѓе што го зборуваат јазикот на кој преведуваме е од голема помош. Овде во Велс, секојдневно сме изложени на велшкиот јазик. Освен тоа, од прва рака може да видиме дали изразите што ги користиме се природни, јасни и убави. Тоа ни помага точно да го пренесеме значењето на текстот што го преведуваме.“

Како се одвива работата?

„Секој проект се доделува на еден тим преведувачи. Најпрво, секој член на тимот го чита текстот за добро да се запознае со него и да увиди кои се неговите основни карактеристики и за која публика е наменет. Се прашуваме: ‚Зошто е напишана статијата? Која е нејзината тема и што треба да постигнеме? Што би требало да се научи од неа?‘ Овој чекор ни го проширува видикот и ни помага да дојдеме до повеќе идеи.

Потоа разговараме за текстот за да видиме до какви заклучоци дошол секој од нас. Сакаме да бидеме сигурни дека добро сме го разбрале и дека ќе го преведеме во истиот стил на кој бил напишан. Целта ни е читателите да го доживеат преведениот текст онака како што имал намера писателот кога го пишувал на својот јазик.“

Како соработуваат членовите на тимот?

„Бидејќи целта ни е читателите брзо и лесно да го разберат текстот, секој преведен пасус го читаме неколку пати на глас.

Најпрво, преведувачот го прави основниот превод. Тој преведува пасус по пасус, а останатите го гледаат текстот на своите екрани. Потоа проверуваме дали случајно е додадена или испуштена некоја мисла за време на преведувањето. Исто така, проверуваме дали преводот е природен и дали ги следи правописните и граматичките правила. Потоа, некој од нас го чита пасусот на глас. Ако некој дел потешко се чита, се прашуваме зошто. Откако ќе се преведе целата статија, еден од тимот ја чита на глас, додека другите прават белешки за она  што сметаат дека треба да се поправи.“

Тоа е прилично многу работа!

„Така е. На крајот од денот сме уморни. Затоа следното утро, кога сме поодморени, текстот го читаме уште еднаш. По неколку седмици, Одделот за пишување ни ги праќа последните промени што биле направени во текстот на англиски јазик. Ги внесуваме промените и повторно го читаме целиот материјал за да бидеме сигурни дека звучи природно и убаво.“

Како ви помага компјутерската технологија?

„Кога станува збор за преведувањето, компјутерите не можат да ги заменат луѓето. Сепак, Јеховините сведоци развиле програми што ни ја олеснуваат работата. На пример, имаме речник во кој ставаме фрази и изрази што често ги користиме. Преку друга програма можеме да истражуваме низ целиот материјал што досега го превел нашиот тим и да видиме дали за некој потежок израз веќе било пронајдено убаво решение.“

Како гледаш на твојата работа?

„На текстот што го преведуваме гледаме како на подарок што треба да им го дадеме на читателите. Затоа сакаме да биде што е можно подобар. Многу ни значи тоа што знаеме дека една статија од нашите списанија или од нашата интернет-страница може да допре до  срцето на некој читател и да му го смени животот на подобро.“

Резултати со трајна вредност

Низ целиот свет, стотици милиони луѓе извлекуваат корист од публикациите на Јеховините сведоци на својот мајчин јазик. Поуките во нивната литература, во филмовите, како и на нивната интернет-страница jw.org, се темелат на Библијата. Бог, чие име е Јехова, во оваа света книга кажал дека сака неговата порака да се пренесе до луѓето од „секој народ и племе и јазик и народност“ (Откровение 14:6). *

^ пас. 4 Текстот најпрво се пишува на англиски јазик.

^ пас. 25 На www.jw.org можеш да најдеш пишани, аудио и видео материјали на твојот и на стотици други јазици.