Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 3, 2016

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Како да разговараш за проблемите

Како да разговараш за проблемите

ПРЕДИЗВИК

Откако ќе зборуваш за некој проблем со твојот брачен партнер, дали на крајот се чувствуваш полошо наместо подобро? Можеш да направиш нешто за да не биде така. Но, најпрво мора да знаеш неколку работи по кои мажите и жените се разликуваат во начинот на кој комуницираат. *

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Жените обично сакаат да зборуваат за проблемот пред да слушнат решение. Всушност, понекогаш разговорот е сѐ што им треба.

„Откако ќе си ги кажам чувствата и ќе видам дека маж ми ме разбира, се чувствувам подобро. Со самото тоа што ќе се искажам, сѐ си доаѓа на свое место, понекогаш за само неколку минути по разговорот“ (Сирпа). *

„Не можам да се смирам ако не му објаснам на маж ми како се чувствувам. Откако ќе си кажам што ме мачи, веќе не сум вознемирена“ (Иџин).

„Тоа е како да си детектив. Додека зборувам, го анализирам проблемот дел по дел и се обидувам да откријам каде лежи коренот на проблемот“ (Лурдес).

Мажите мислат на решенија. Тоа не е чудно, затоа што кога еден маж успева да ги среди работите, се чувствува корисно. Со решенијата што ги нуди, на својата жена сака да ѝ покаже дека може да се потпре на него. Затоа, мажите се збунети кога нивните решенија не се веднаш прифатени. Еден сопруг по име Кирк вели: „Не разбирам зошто некој би зборувал за некаков проблем ако не сака да најде решение за него!“

Но, „пред да понудиш совет, мора да разбереш во што е проблемот“, пишува во една книга со совети за успешен брак (The Seven Principles for Making Marriage Work). „Пред да ѝ понудиш решение на сопругата, таа треба да види дека разбираш што ја мачи и дека сфаќаш колку ѝ  е тешко. Честопати, таа воопшто не очекува решение, туку само сака да ја ислушаш.“

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

За мажите: Слушај со внимание и пробај да разбереш како се чувствува твојата сопруга. Еден сопруг по име Томас вели: „Откако ќе ја ислушам мојата сопруга, понекогаш си мислам: ‚Со ништо не ѝ помогнав‘. Но, честопати тоа е сѐ што ѝ треба — само да ја ислушам!“ Со ова се согласува и Стефан. Тој вели: „Сфаќам дека најдобро е да ја оставам жена ми да се искаже до крај. Најчесто, после тоа ми кажува дека ѝ е многу подобро“.

Предлог: Следниот пат кога со сопругата ќе разговарате за некој проблем, спротивстави се на притисокот да дадеш совет без да ти побара. Гледај ја додека зборува и концентрирај се на она што го кажува. Климнувај со главата за да покажеш дека се согласуваш. Повторувај по нешто од она што го рекла за да види дека ја разбираш. Еден сопруг по име Чарлс вели: „Понекогаш на жена ми ѝ е потребно само да знае дека ја разбирам и дека се согласувам со неа“. (Библиско начело: Јаков 1:19.)

За жените: Кажи му на твојот сопруг што би сакала да направи. „Можеби сметаме дека мажот треба да знае што ни е потребно, но некогаш едноставно треба да го кажеме тоа“, вели една сопруга по име Елени. Кога сака да разговара со својот маж, Инес понекогаш му вели: „Нешто ме мачи, и би сакала да ме ислушаш. Не мора да најдеш решение, само сфати ме како се чувствувам“.

Предлог: Немој да заклучиш дека твојот сопруг е бесчувствителен ако веднаш ти понуди решение. Најверојатно само сака некако да ти помогне. Една сопруга по име Естер вели: „Наместо да се налутам, се обидувам да сфатам дека на маж ми му е важно како се чувствувам и дека сака да ме слуша, ама сака и да ми помогне“. (Библиско начело: Римјаните 12:10.)

За двајцата: Обично за другите го правиме она што во истата ситуација би очекувале некој да го направи за нас. Но, кога со твојот сопружник разговараш за некој проблем, земи предвид што тој би очекувал да направиш (1. Коринќаните 10:24). Еден сопруг по име Мигел вели: „Ако си сопруг, биди спремен да слушаш. Ако си сопруга, биди спремна понекогаш да слушнеш и решение. Ако и едниот и другиот правите отстапки, тоа ќе биде добро и за двајцата“. (Библиско начело: 1. Петрово 3:8.)

^ пас. 4 Карактеристиките што ќе ги опишеме не се однесуваат на секој маж и жена. Сепак, принципите за кои зборува оваа статија можат да му помогнат на секој што е во брак подобро да го разбира својот сопружник и полесно да комуницира со него.

^ пас. 7 Имињата во оваа статија се сменети.