Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 2, 2016

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Твоето дете и пубертетот

Твоето дете и пубертетот

ПРЕДИЗВИК

Како вчера да беше кога твоето дете беше малечко бебенце во твоите прегратки. Но, кај него веќе ги забележуваш првите знаци на пубертет. Вистина, сѐ уште е дете, но сега стои на оној дел од патот на животот што води кон зрелост и се вика пубертет.

Како можеш да му помогнеш на твоето дете да ги прифати чудните а понекогаш и тешки промени што водат до полова зрелост?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Пубертетот си има свое време. Тој може да започне уште на осумгодишна возраст или дури на 15-годишна возраст, па и подоцна. „Пубертетот опфаќа широк ранг на возраст“, пишува во книгата Letting Go With Love and Confidence.

Пубертетот може да предизвика несигурност. На тинејџерите им е многу важно што мислат другите за нив. „Почнав да обрнувам внимание на тоа како изгледам и како се однесувам“, вели Џеред. * „Кога ќе бев во друштво, се плашев да не сум чуден за другите.“ Самодовербата кај тинејџерите може уште повеќе да се намали ако им се појават акни. „Мислев дека лицето ми е уништено“, вели 17-годишната Кели. „Се сеќавам дека плачев и викав дека сум грда.“

Раниот пубертет е посебен предизвик. Тоа особено важи за девојчињата, бидејќи другите може да ги задеваат кога ќе почнат да им растат гради и да им се оформува телото. „Исто така, тие се под поголем ризик да го привлечат вниманието на повозрасните момчиња кои веќе се сексуално активни“, стои во книгата A Parent’s Guide to the Teen Years.

Пубертетот не значи зрелост. „Глупоста е приврзана за срцето на детето“, стои во Изреки 22:15. Пубертетот не го менува тој факт. Некој тинејџер можеби надворешно е како возрасен, но тоа „не е доказ дека може да носи паметни одлуки, да се однесува одговорно или да покажува самоконтрола и други обележја на зрела личност“, пишува во книгата You and Your Adolescent.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Зборувај за пубертетот уште пред да почне. Објасни му на детето што да очекува, особено кога станува збор за менструацијата кај девојчињата и за ноќните излевања кај момчињата. За разлика од другите промени што се случуваат постепено, овие две работи доаѓаат неочекувано и може да го збунат, па дури и да го уплашат детето. За ваквите и други слични работи поврзани со пубертетот зборувај позитивно, како за потребни промени што водат до зрелост. (Библиско начело: Псалм 139:14.)

Објасни детално. „Кога родителите решија да зборуваат со мене на тема пубертет, цело време заобиколуваа“, вели Џон. „Ќе беше подобро да беа малку подиректни.“ И 17-годишната Алана вели нешто слично: „Мајка ми ми помогна да ги разберам физичките промени што ми се случуваа, но ќе беше убаво да ми помогнеше полесно да ги прифатам и од емоционален аспект“. Која е поуката? Колку и да ти е непријатно, зборувај со детето за сѐ што е поврзано со пубертетот. (Библиско начело: Дела 20:20.)

Поставувај прашања и разговарај. Скрши го мразот така што ќе прашаш нешто за другите деца. На пример, ќерка ти можеш да ја прашаш: „Дали некое од девојчињата во твоето одделение веќе има добиено менструација?“ или „Дали машките ги задеваат девојчињата што се поразвиени од другите?“ Син ти можеш да го прашаш: „Дали другите им се смеат на оние деца што се физички помалку развиени?“ Откако тинејџерите ќе почнат да кажуваат за другите, можеби ќе им биде полесно да кажат како се чувствуваат и што доживуваат и самите тие. Во таквите моменти следи го библискиот совет да бидеш „брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јаков 1:19).

Помогни му на тинејџерот да стекне мудрост и способност за расудување (Изреки 3:21). Во пубертетот не доаѓа само до физички и емоционални промени. Во тој период, тинејџерот развива способности за логично размислување кои ќе му помогнат да носи добри одлуки како возрасен. Искористи го тоа за да изградиш добри морални вредности кај твојот тинејџер. (Библиско начело: Евреите 5:14.)

Не се откажувај. Многу млади изгледаат како да не сакаат да зборуваат со своите родители за пубертетот, но не се поведувај по тоа. „Тинејџерот што се прави дека таа тема не го интересира, дека му е досадна, одвратна или, пак, се прави дека не слуша, можеби го запамтил секој твој збор“, објаснува книгата You and Your Adolescent.

^ пас. 8 Некои имиња во оваа статија се сменети.

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА

Од тинејџер до возрасен човек

Дали твоето дете е во тинејџерски години? Ако да, што можеш да сториш за да му помогнеш да порасне во одговорна личност?