Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 1, 2017

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Покажувај ценење

Покажувај ценење

ПРЕДИЗВИК

За бракот да биде среќен, многу е важно мажот и жената да си покажуваат ценење. Но, многумина не ги ни забележуваат добрите особини кај својот сопружник, а камоли да покажат ценење за нив. Во книгата Емоционално неверство, еден брачен советник вели: „Многу брачни парови се концентрираат на она што фали во бракот, а не на она што е добро. Доаѓаат кај мене за да ми кажат што мора да се смени, а не што треба да остане исто. Нивната грешка е тоа што не покажуваат ценење, а така пропуштаат да си изразат љубов“.

Како да не паднете во оваа замка?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Ако си покажувате благодарност, ќе се намалат проблемите. Обично бракот станува постабилен кога мажот и жената се трудат да си ги забележат убавите особини и да изразат ценење за нив. Ако се чувствуваат ценети, можат да надминат дури и големи несогласувања.

За жените. „Многу жени не се свесни дека мажите се под огромен притисок поради одговорноста да се грижат за семејството“, пишува во книгата Емоционално неверство. Во некои општества, мажот го чувствува овој притисок и покрај тоа што жената е во работен однос.

За мажите. Мажите често го потценуваат трудот што жената го вложува за своето семејство така што оди на работа и се грижи за децата и домаќинството. Фиона, * која е во брак скоро три години, вели: „Сите правиме грешки. Кога ќе се случи да згрешам, се чувствувам лошо. Но, кога мојот сопруг ќе ме пофали за нешто што сум го направила по дома, сфаќам дека тој сѐ уште ме сака и покрај моите недостатоци. Тоа ми покажува дека ја имам неговата поддршка и сум позадоволна со себеси“.

Но, ако еден од сопружниците чувствува дека не е ценет, тоа може да ја наруши стабилноста во бракот. Една жена по име Валери, вели: „Кога сопругот не ти покажува ценење, лесно може да те привлече некој што прави да се чувствуваш вредно“.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Внимателно набљудувај. Потруди се во текот на следната седмица да ги забележиш убавите особини кај твојот сопружник. Исто така, стави си за цел да забележиш работи што твојот сопружник ги прави за да може вашето домаќинство добро да функционира, а кои порано си ги земал здраво за готово. На крајот од седмицата направи си список на особини коишто ги цениш кај својот брачен другар и работи коишто ги направил за доброто на вашето семејство. (Библиско начело: Филипјаните 4:8.)

Зошто е важно внимателно да набљудуваш? Една сопруга по име Ерика вели: „По неколку години брак, забораваш да покажуваш благодарност. Повеќе не ги гледаш добрите работи што ги прави твојот сопружник и се концентрираш на тоа што не го прави“.

Прашај се: Дали го земам здраво за готово трудот на мојот сопружник? На пример, дали си мислиш дека нема потреба да му се заблагодаруваш на сопругот ако поправи нешто низ дома, затоа што и онака тоа му е должност? Дали си мислиш дека твојата сопруга не заслужува пофалба за нејзината грижа околу децата бидејќи тоа се очекува од неа? Труди се да забележиш сѐ што прави брачниот другар за семејството, сеедно дали е нешто големо или мало. И не заборавај да му се заблагодариш за тоа. (Библиско начело: Римјаните 12:10.)

Не штеди ги пофалбите. Библијата вели: „Бидете благодарни!“ (Колошаните 3:15). Мора да имаме на ум дека благодарноста не треба само да ја чувствуваме туку и да ја покажуваме. Нека ти стане навика да му се заблагодаруваш на твојот брачен другар. Еден сопруг по име Џејмс вели: „Кога жена ми ќе ми каже дека го цени она што го правам, тоа ме мотивира да бидам подобар сопруг и уште повеќе да вложувам во нашиот брак“. (Библиско начело: Колошаните 4:6.)

Кога брачните другари си покажуваат ценење, тоа го зајакнува нивниот брак. Еден сопруг по име Мајкл, вели: „Мислам дека многу бракови би можеле да бидат спасени ако брачниот партнер се концентрира на убавите особини кај другиот. Ако секогаш гледаат еден на друг како на нешто многу вредно, помала е веројатноста да дојде до развод кога ќе се појават проблеми“.

^ пас. 9 Некои имиња се сменети.