Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 1, 2017

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Депресија кај тинејџерите — што може да помогне?

Депресија кај тинејџерите — што може да помогне?

„КОГА ќе паднам во депресија, не ми се прави ништо. Не сакам да правам ни работи во кои обично уживам. Сакам само да спијам. Често се чувствувам безвредно, си мислам дека никој не ме сака и дека сум им товар на другите“, вели Ана. *

„Помислував да си го одземам животот“, раскажува Јулија. „Не дека стварно сакав да умрам. Само сакав да ги снема тие чувства. По природа сум грижлива личност, но кога сум под депресија не ми е гајле за ништо и за никого“.

Првите симптоми на депресија кај Ана и Јулија се јавиле кога биле во раните тинејџерски години. За разлика од некои млади кои повремено чувствуваат тага, Ана и Јулија се чувствувале депресивно цели седмици, а понекогаш и месеци. „Како да си заглавен во длабока, темна дупка од која нема излез“, вели Ана. „Ти се чини дека го губиш разумот. Повеќе не си истата личност“.

Ана и Јулија не се редок случај. Сѐ повеќе тинејџери страдаат од депресија. Според Светската здравствена организација (СЗО), депресијата е „најчест здравствен проблем кај момчиња и девојчиња од 10 до 19 години“.

Симптоми на депресија може да се јават во пубертетот. Некои од нив се промени  во исхраната, навиките на спиење и телесната тежина. Други се очај, безнадежност, тага и чувство на безвредност. Тинејџерот може да почне да се изолира од средината, да има проблеми со концентрација и помнење, да помислува на самоубиство или да се обиде да си го одземе животот. Можат да се јават и други физички симптоми за кои нема медицинско објаснување. За да се утврди депресија, се испитува дали кај едно лице се присутни одредени симптоми кои траат со недели и му го отежнуваат животот.

РИЗИК-ФАКТОРИ ЗА ДЕПРЕСИЈА КАЈ ТИНЕЈЏЕРИТЕ

Според СЗО, „депресијата се јавува при комбинација на одредени социјални, психолошки и биолошки фактори“. Да разгледаме некои од нив.

Физички фактори. Кај Јулија, како и во многу други случаи, било утврдено дека депресијата е наследна. Значи, и генетиката може да биде фактор и да влијае врз хемиската активност во мозокот. Други ризик-фактори се кардиоваскуларните заболувања и хормоналните промени. Исто така, кога некој долго време злоупотребува алкохол или дрога, тоа може да предизвика депресија или да ја влоши. *

Стрес. Малку стрес може да биде корисен. Но, хроничниот или прекумерен стрес може да влијае штетно врз физичкото и менталното здравје. Ако еден тинејџер е изложен на ваков стрес додека минува низ хормонални промени, тоа може да го втурне во депресија. Сепак, не се знае што точно предизвикува депресија и, како што беше спомнато, може да бидат вклучени неколку фактори.

Причина за депресија можат да бидат и некои трауми како, на пример, развод или одвојување на родителите, смрт на некој близок, физичко малтретирање, сексуална  злоупотреба, тешка несреќа или болест. Ризик-фактор може да бидат и тешкотиите во учењето, посебно ако детето поради тоа се чувствува отфрлено од средината. Кај детето може да дојде до депресија и ако родителите имаат преголеми очекувања од него, на пример за неговиот успех во училиште. Други причини можат да бидат физичко и вербално малтретирање од врсниците, страв од иднината, емоционална запоставеност од депресивен родител или непредвидливо однесување на родителот. Што може да му помогне на еден тинејџер кој има депресија?

ВОДИ СМЕТКА ЗА ЗДРАВЈЕТО

Ако станува збор за умерена или тешка депресија, се препорачува терапија со лекарства и разговор со психијатар или психолог. * Исус Христос рекол: „На силните не им треба лекар, туку на болните“ (Марко 2:17). Болеста може да нападне било кој орган од телото, вклучувајќи го и мозокот! Се препорачуваат и промени во начинот на живот бидејќи физичкото здравје влијае врз психичкото, и обратно.

Ако страдаш од депресија, грижи се за твоето физичко и ментално здравје така што ќе преземеш некои разумни чекори. На пример, храни се здраво, спиј доволно и вежбај редовно. Вежбањето ослободува хормони што го подобруваат расположението, даваат повеќе енергија и го подобруваат сонот. Ако е можно, обиди се да препознаеш што предизвикува депресивни чувства кај тебе. Немој да ги игнорираш првите знаци на депресија. Однапред испланирај како да се справиш со нив. Довери се на личност во која имаш доверба. Ако си со луѓе кои те сакаат и се грижат за тебе, на пример семејството и пријателите, ќе ти биде полесно да се бориш против депресијата, а можно е и да се  ублажат симптомите. Води дневник во кој ќе ги запишеш своите мисли и емоции. Тоа ѝ помогнало на Јулија, која претходно ја спомнавме. Пред сѐ, не запоставувај ги духовните потреби. Ова може од корен да го смени твојот став кон животот. Исус Христос рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Храни се здраво, биди физички активен и спиј доволно

Утеха ќе најдеш ако обрнеш внимание на духовните потреби

И Ана и Јулија се увериле во вистинитоста на овој библиски стих. Ана одвојува време за активности што ја зближуваат со Бог. Таа вели: „Духовните активности ми помагаат да не се концентрирам само на себе, туку да мислам и на другите. Тоа не е секогаш лесно, но така сум многу посреќна“. Јулија наоѓа утеха кога се моли и кога ја чита Библијата. Таа вели: „Кога од срце го молам Бог, тоа ме смирува. А Библијата ми помага да сфатам дека сум вредна за Бог и дека тој навистина се грижи за мене. Читањето на Библијата ми помага позитивно да гледам на иднината“.

Како наш Творец, Јехова Бог добро знае како детството, искуствата од животот и генетскиот склоп влијаат врз нашите ставови и емоции. Затоа, може да ни даде поддршка и утеха, на пример, преку сочувствителни луѓе кои можат да нѐ разберат. Освен тоа, ќе дојде време кога Бог ќе нѐ излечи од секаква болест — и физичка и психичка. Во Исаија 33:24 стои: „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“.

Да, Библијата ветува дека Бог „ќе ја избрише секоја солза од [нашите] очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4). Навистина, ова ветување ни дава голема утеха! Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за тоа каква намера има Бог за човештвото и за Земјата, посети ја нашата интернет-страница jw.org/mk. Таму ќе најдеш онлајн Библија на современ македонски јазик и статии на најразлични теми, меѓу кои и за депресија.

^ пас. 3 Имињата се сменети.

^ пас. 10 Врз расположението може да влијаат и стотици заболувања, лекарства и наркотици. Затоа, дијагноза за депресија треба да постави медицинско лице.

^ пас. 14 Разбудете се! не се залага за некој конкретен начин на лекување.

Нешто повеќе

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Може ли Бог да ми помогне ако имам депресија?

Бог може да им помогне на оние што се борат со депресија.