Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 1, 2016

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Живот на небото

Живот на небото

Животот на небото е тема на безброј шпекулации и вжештени расправии. Но, она што Библијата го кажува на оваа тема многу се разликува од она што го мислат повеќето луѓе.

Што е небо?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ:

Постојат разни верувања за тоа што е небо и за што служи. На пример:

  • Многумина од оние што се изјаснуваат како христијани се согласуваат со она што стои во една енциклопедија, каде што пишува дека „небото е последниот дом на благословените кои умираат во Господарот“ (New Catholic Encyclopedia).

  • Јудаизмот повеќе е насочен кон животот пред смртта отколку кон оној по смртта, објаснува рабинот Бентзон Кравиц. Но, според него, „на небото душата го доживува најголемото можно задоволство — повеќе го восприма Бог и чувствува поголема блискост со него од порано“. Сепак, „иако Јудаизмот учи за живот на небото, Тората многу малку зборува за тоа“, признава Кравиц.

  • Хиндусите и будистите веруваат дека небото е поделено на повеќе духовни нивоа. Небото е место каде што душите остануваат само привремено, а потоа секој човек или повторно се раѓа на Земјата или преминува во состојба наречена нирвана, која е повозвишена од небото.

  • Некои не прифаќаат ниту едно од религиозните објаснувања за небото и сметаат дека целата идеја за живот на небото е обична бесмислица.

Животот на небото е тема на многу дискусии

ШТО КАЖУВА БИБЛИЈАТА:

Во Библијата, зборот „небо“ има повеќе од едно значење. На пример:

  • Во 1. Мојсеева 1:20 се спомнати птици кои ‚летаат по небесниот свод‘. Во овој случај, зборот ‚небеса‘ се однесува на атмосферата, односно на видливото небо над нас.

  • Во Исаија 13:10 се спомнуваат „небесните ѕвезди [и] нивните соѕвездија“ — она што денес се нарекува вселена.

  • Библијата вели дека Бог има ‚место каде што живее на небото‘ и дека постојат „ангели на небото“ (1. Царевите 8:30; Матеј 18:10). Забележи дека во овие стихови зборот небо не е само метафора, туку претставува дословно место на живеење. *

„Погледни од небото и види од своето возвишено живеалиште, свето и прекрасно“ (Исаија 63:15)

 Дали добрите луѓе одат на небото кога ќе умрат?

Библијата не кажува дека Земјата е само привремен дом каде што чекаме да умреме и да добиеме друг живот на небото. Таа јасно кажува дека Бог никогаш немал намера луѓето да умираат. Размисли:

  • На првиот брачен пар, Бог им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата“ (1. Мојсеева 1:28). Земјата требало да биде место каде што човекот ќе живее засекогаш. Првите маж и жена ќе умреле само ако му биле непослушни на Бог. За жал, тие одлучиле да не му бидат послушни (1. Мојсеева 2:17; 3:6).

  • На првиот човек, непослушноста му донела смрт, и тоа не само нему туку и на неговата жена и нивните потомци (Римјаните 5:12). Дали со тоа била изгубена сета надеж за човештвото?

  • Библијата вели дека „според [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја * (2. Петрово 3:13). Преку своето Царство, Бог повторно ќе ја направи Земјата рај, како што имал намера уште во почетокот, и тогаш „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:3, 4). Дали овие зборови укажуваат на живот на небото или на Земјата? Ако нешто „веќе“ нема да го има, тоа значи дека некогаш го имало. Но, на небото никогаш немало смрт. Оттука, логично е да заклучиме дека овој стих се однесува на она што ќе се случува на Земјата, таму каде што Бог имал намера да живееме и каде што и самите сакаме да живееме со нашите блиски. Библијата исто така открива дека мртвите повторно ќе оживеат и ќе бидат заедно со своите сакани (Јован 5:28, 29).

Многу луѓе биле воодушевени кога дознале што кажува Библијата за животот на небото. На пример, еден поранешен католик по име Џорџ вели: „Многу ме утешува тоа што сега знам дека, според Библијата, ќе живееме засекогаш на Земјата. Тоа е многу пологично отколку да одиме на небото“. *

„Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“ (Псалм 115:16)

^ пас. 13 Се разбира, Бог нема физичко тело, туку е духовно суштество (Јован 4:24). Според тоа, местото каде што живее мора да е од духовна природа, одвоена од нашата физичка и видлива вселена.

^ пас. 19 Изразот „нова земја“ не означува дословно нова планета, туку е симболичен израз за општество што ќе постои на Земјата сочинето од луѓе што му служат на Бог (Псалм 66:4).

^ пас. 20 Според Библијата, само ограничен број луѓе, 144.000, се избрани да владеат заедно со Исус во Божјето Царство на небото (1. Петрово 1:3, 4; Откровение 14:1).

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Каква е Божјата намера со Земјата?

Библијата објаснува зошто Бог ја создал Земјата, кога ќе престанат страдањата и каква иднина ги чека Земјата и оние што ќе живеат на неа.

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Што е Божјето Царство?

Кој е Цар на Божјето Царство и што ќе направи Царството?