Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  Бр. 1, 2016

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Ставот менува многу!

Ставот менува многу!

Според тебе, од што најмногу зависи колку ќе бидеш среќен?

  • од околностите

  • од гените

  • од ставот

НЕКОИ ќе ги изберат околностите и можеби ќе речат: „Би бил среќен кога...“

  • „...би имал повеќе пари“.

  • „...би имал добар брак“.

  • „...би имал подобро здравје“.

Но, во реалноста, врз среќата честопати поголемо влијание има ставот отколку околностите или гените. И добро е што е така. Зошто? Бидејќи врз твоите околности и гени имаш малку или воопшто немаш влијание, додека врз твојот став можеш да влијаеш.

ВЕСЕЛОТО СРЦЕ Е ЛЕК

Една библиска изрека вели: „Веселото срце дејствува добро како лек, а скршениот дух ги суши коските“ (Изреки 17:22). Со други зборови, твојот став може многу да смени! Од ставот може да зависи дали ќе постигнеш некоја цел или ќе се откажеш или, пак, дали ќе дојдат до израз твоите добри или твоите лоши особини кога ќе доживееш трагичен настан.

Некои луѓе нема да се согласат со ова. Тие си велат:

  • ‚Како да се правам дека сѐ е во ред, кога не е?‘

  • ‚Колку и да бидам позитивен, тоа нема ништо да смени.‘

  • ‚Подобро да бидам реален отколку да живеам во фантазии.‘

Ваквите размислувања можеби звучат оправдано. Сепак, позитивното гледиште може многу да ни користи. Тоа добро се гледа од следниве ситуации.

 Алекс и Брајан работат на исто работно место и секој од нив вложил голем труд во својот проект. Кога нивниот претпоставен ги разгледал нивните проекти, им укажал на некои поголеми грешки.

  • Алекс: „Вложив толку време и труд за овој проект, и пак не е како што треба! Не сум за оваа работа. Колку и да се трудам, пак ништо! Подобро уште сега да се откажам.“

  • Брајан: „Некои работи од проектот му се допаднаа на шефот, ама ми укажа и на неколку големи грешки. Тоа што ми го кажа многу ќе ми помогне другпат подобро да ја завршам работата.“

ШТО МИСЛИШ?

  • Кој ќе биде подобар работник по шест месеци — Алекс или Брајан?

  • Кога ти би бил работодавач, кого од нив двајцата би го вработил?

  • Кога си разочаран од нешто, како кого од нив реагираш ти?

Андреа и Бритни понекогаш се борат со чувства на осаменост. Секоја од нив се справува со ситуацијата на свој начин.

  • Андреа главно мисли на себе. Не прави ништо за другите освен ако тие први не направат нешто за неа. Таа си вели: ‚Зошто да си го губам времето на луѓе од кои не добивам ништо за возврат?‘

  • Бритни прави сѐ што може за да биде љубезна кон другите и некако да им помогне, без разлика дали тие ќе го ценат тоа или не. Таа живее според Златното правило — постапува со другите онака како што би сакала тие да постапуваат со неа (Лука 6:31). Тоа што може да прави добро за другите само по себе ја прави среќна.

ШТО МИСЛИШ?

  • Која од нив двете би ти била подобра пријателка?

  • Која од нив ќе има добри пријатели?

  • Ако и ти се бориш со чувства на осаменост, дали постапуваш како Андреа или како Бритни?

Веројатно познаваш луѓе како Брајан и Бритни. Можеби дури мислиш дека и ти си како нив. Ако е така, несомнено сфаќаш дека твојот став може многу да ги промени работите во твојот живот. Од друга страна, што ако повеќе си како Алекс и Андреа? Разгледај три начини на кои Библијата може да ти помогне да стекнеш позитивен став кон животните предизвици.

 1. НЕМОЈ ДА БИДЕШ ПЕСИМИСТ

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изреки 24:10).

ШТО ЗНАЧИ ТОА: Песимизмот ќе ти ја исцрпи силата што ти е потребна за да ја подобриш ситуацијата или за да се справиш со неа.

ПРИМЕР: Ѓулиза немала среќно детство. Татко ѝ бил алкохоличар, и нејзиното семејство било сиромашно. Постојано се селеле од едно место во друго. Отпрвин, Ѓулиза гледала многу песимистички на својот живот. Но, потоа работите се смениле. Што ѝ помогнало? Таа вели: „Уште пред моите родители да си го средат животот, Библијата ми помогна да гледам поинаку на работите. До ден-денес мислите од Библијата ми помагаат да не потонам во чувства на разочараност. Сега, кога ќе видам дека луѓето покажуваат особини што не ми се допаѓаат, се обидувам да најдам начин да разберам зошто се такви“.

Како што се уверила Ѓулиза, Библијата содржи мудри начела. Нејзините совети можат многу да ти помогнат кога се наоѓаш во тешки околности. На пример, во Ефешаните 4:23 пишува: ‚Обновувајте се во силата што го задвижува вашиот ум‘.

Според тоа, твојот став не е нешто што не може да се смени. Ти можеш да го ‚обновиш‘ твоето размислување. Но, за да го постигнеш тоа, треба постојано да вложуваш труд. Библијата не вели ‚да се обновите‘, туку „да се обновувате“.

2. ГЛЕДАЈ ГО ПОЗИТИВНОТО

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Сите денови на страдалникот се лоши, а кој има весело срце, на гозба е без престан“ (Изреки 15:15).

ШТО ЗНАЧИ ТОА: Ако на сѐ гледаш негативно, ќе се чувствуваш како ‚страдалник‘ и секој ден ќе ти изгледа ‚лош‘. Но, ако ги гледаш позитивните работи, ќе имаш „весело срце“, односно ќе се чувствуваш радосен. Изборот е твој.

ПРИМЕР: Откако бил на неколку операции за да му го отстранат туморот на мозокот, Јанко се здобил со некои физички ограничувања кои влијаеле врз неговото движење и говор. Свесен дека поради тоа нема да може да ги постигне своите цели, Јанко со години бил многу разочаран. Но, потоа се сменил. Како успеал? „Наместо да размислувам за она што не можам да го правам, научив да ги насочувам мислите на она што ме храбри“, вели тој.

Еден начин на кој Јанко го прави тоа е читањето на Библијата. „Таа ми помага да размислувам позитивно“, вели тој. „Не се откажав потполно од моите планови за иднината, но сега се концентрирам на некои помали и подостижни цели. Кога ќе ми дојдат негативни мисли, се потсетувам на многуте причини поради кои има зошто да сум среќен.“

Исто како Јанко, можеш да ги отфрлиш песимистичките мисли и да ги замениш со нешто позитивно. Ако се наоѓаш во тешки околности — можеби имаш некаков здравствен проблем, како Јанко — прашај се: ‚Дали ситуацијата е толку безнадежна? Дали навистина нема излез или само треба да се потрудам да го најдам?‘ Научи да ги тргаш негативните мисли така што ќе го насочиш вниманието кон нешто корисно.

 3. ПРАВИ НЕШТО ЗА ДРУГИТЕ

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

ШТО ЗНАЧИ ТОА: Кога некој несебично дава, чувствува длабоко задоволство во себе. Зошто? Затоа што не сме создадени да се грижиме само за своите потреби туку и за потребите на другите (Филипјаните 2:3, 4; 1. Јованово 4:11). Радоста што ја чувствуваме кога даваме може многу да ни помогне додека се справуваме со тешките животни околности.

ПРИМЕР: Хозе има спина бифида, деформација на ’рбетниот столб, поради што често има силни болки. Но, животот му е исполнет затоа што им помага на другите. Тој вели: „Наместо да речам ‚Јас тоа не можам да го направам‘, барам начини со кои ќе можам да им помогнам на другите. И секогаш наоѓам нешто што можам да го направам за некого, а тоа ме прави среќен“.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Барај прилики да покажеш самопожртвуваност. На пример, можеш ли да му направиш јадење на некој болен сосед? Познаваш ли некој постар на кого му треба помош околу домашните обврски?

Работи на тоа да имаш исправен став исто како што би работел во една градина за таа да биде убава. Корни ги отровните корења на песимизмот и негативното размислување. Сеј реалистичен оптимизам, и потхрани го својот живот со постапки што во тебе ќе родат позитивни емоции. Тогаш ќе пожнееш убави чувства што ќе ти го направат животот среќен и исполнет. А тоа ќе го потврди фактот дека ставот менува многу.

Од грижа за своето здравје, некои престанале да јадат одредена храна. Зошто да не го направиш истото и со негативните ставови?

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Зошто библиските начела се за наше добро?

Исус објаснил зошто ни треба водство и кои две библиски начела се најважни.