Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  ноември 2015

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Како да ги пофалуваш децата

Како да ги пофалуваш децата

ПРЕДИЗВИК

Некои луѓе велат дека треба постојано да го опсипуваш детето со пофалби. Други, пак, тврдат дека, ако го пофалуваш детето за сѐ и сешто, тоа ќе стане гордо и ќе мисли дека може да прави што сака.

Освен што треба да размислиш за тоа колку го пофалуваш детето, треба да размислиш и за тоа на кој начин ја даваш пофалбата. Која пофалба ќе го охрабри твоето дете? Која пофалба ќе му наштети? Кој е најдобриот начин да го пофалуваш детето?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Секоја пофалба е различна. Размисли за следново:

Ако го опсипуваш детето со пофалби, може да му наштетиш. Некои родители ги опсипуваат своите деца со незаслужени пофалби само за да им ја зголемат самодовербата. Но, во една своја книга, д-р Дејвид Волш напишал дека децата „се доволно паметни за да проценат кога родителите претеруваат со пофалбите и да сфатат дека не го мислат тоа што го кажуваат. Децата знаат дека не направиле нешто за што заслужуваат пофалба, па затоа може да ја изгубат довербата во родителите“ (No: Why Kids—of All Ages—Need to Hear It and Ways Parents Can Say It).

Подобро е да дадеш пофалба за некоја способност. Да речеме дека твојата ќерка убаво црта. Можеби природно ти доаѓа да ја пофалиш за нејзината вештина, со што ќе ја мотивираш уште повеќе да ја развие. Но, ова може да има и негативен ефект. Ако ја пофалуваш само за нејзиниот талент, ќерка ти може да почне да си мисли дека треба да ги прави само работите за кои е способна. Можеби нема да сака да прифати нови предизвици од страв дека ќе доживее неуспех. Таа веројатно ќе си мисли: ‚Ако за нешто треба да вложам труд за да успеам, најверојатно не ме бива за тоа. Тогаш, зошто воопшто да се трудам?‘

Најдобро е да дадеш пофалба за вложениот труд. Децата кои добиваат пофалби за трудот што го вложиле и за упорноста која ја покажале, наместо само за талентите што ги поседуваат, сфаќаат една важна вистина — за  да се стекне некоја вештина потребно е време и труд. Во една книга пишува дека децата кои се свесни за оваа вистина „вложуваат труд за да го постигнат саканиот резултат. Кога ќе доживеат неуспех, тие не се разочаруваат, туку се спремни да извлечат поука и да продолжат понатаму“ (Letting Go With Love and Confidence).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Пофалувај го за трудот, а не само за способностите. Може да има многу поголема корист ако му речеш на детето: „Многу е убаво што вложуваш голем труд во цртањето“, отколку да му речеш: „Ти си роден уметник“. И двете изјави се пофалби, но втората може да му пренесе порака дека ќе успее само во работите за кои е природно надарено.

Кога го пофалуваш за трудот, го поучуваш детето дека секоја вештина може да се подобри со напорна работа. Тогаш, твоето дете ќе биде спремно да прифати нови предизвици со поголема самодоверба. (Библиско начело: Изреки 14:23.)

Помогни му на детето да се соочи со неуспесите. Дури и добрите луѓе честопати прават грешки (Изреки 24:16). Но, по секој пад, односно неуспех, тие извлекуваат поука од грешката и продолжуваат понатаму. Како можеш да му помогнеш на твоето дете да развие ваков позитивен став?

Насочи го вниманието кон трудот. Размисли за следниов пример. Да речеме дека често ѝ велиш на ќерка ти: „Многу те бива за математика“, но во една прилика таа добива слаба оценка на тест. Можеби ќе си мисли дека веќе не ѝ оди математика, па затоа нема ни да се труди.

Но, кога вниманието го насочуваш кон трудот, ѝ помагаш да не се откажува. Така ќерка ти ќе сфати дека неуспехот не е крај на светот. Затоа, наместо да крене раце, можеби ќе се обиде да ја постигне целта на друг начин или едноставно ќе вложи поголем труд. (Библиско начело: Јаков 3:2.)

Внимавај на каков начин даваш совет. Ако внимаваш како го советуваш детето, ќе му помогнеш да се поправи без да се разочара. Освен тоа, ако редовно му даваш заслужени пофалби, твоето дете ќе биде поспремно да ги послуша советите што му ги кажуваш. Ако го правиш сето ова, успесите на детето ќе бидат извор на радост и за тебе и за него. (Библиско начело: Изреки 13:4.)

Нешто повеќе

ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА БИДЕ СРЕЌНО

Како да ги воспитувате децата

Дисциплинирањето опфаќа повеќе отколку само правила и казни.