Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  октомври 2015

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Еволуција

Еволуција

Некои луѓе велат дека животот настанал по пат на еволуција. Други тврдат дека Бог ја создал првата форма на живот, а потоа преку еволуција се развиле другите форми на живот. Што вели Библијата?

Дали Библијата ја отфрла теоријата дека вселената настанала со Големата експлозија?

Во Библијата пишува: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Таа не ни кажува како точно Бог создал сѐ. Значи, дури и ако вселената настанала со космичка експлозија, тоа не би било во спротивност со она што го пишува во Библијата. Во тој случај, зборовите од 1. Мојсеева 1:1 би ни покажале кој ја предизвикал таа експлозија.

Многу научници сметаат дека Големата експлозија била случајна и неконтролирана и дека, со текот на времето, честичките почнале сами да се соединуваат и да формираат ѕвезди и планети. Библијата не го поддржува ова гледиште, туку кажува дека Бог ја создал вселената, без разлика дали тоа го направил преку космичка експлозија или на некој друг начин.

„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1)

Дали според Библијата е можно живите суштества со текот на времето да доживуваат промени?

Да. Од Библијата дознаваме дека Бог ги создал сите живи суштества „според нивните видови“ (1. Мојсеева 1:11, 12, 21, 24, 25). Дали може да се појават промени во рамките на еден ист вид? Да. Но, дали ваквите промени се доказ дека со текот на времето може да се развијат нови видови? Не.

Размисли за следниов пример: Во 1970-тите, научниците ги проучувале ѕвингалките од Островите Галапагос. Тие забележале дека, поради климатските промени, ѕвингалките што имаат малку поголеми клунови полесно преживуваат. Некои од научниците го сметаат ова за доказ дека има еволуција. Но, дали тоа навистина е доказ за еволуција или претставува приспособување на околината? Со години подоцна, бројот на ѕвингалки со помали клунови го надминал бројот на ѕвингалки со поголеми клунови. Ова истражување го навело Џефри Шварц, кој е професор по антропологија, да заклучи дека способноста да се приспособат им помага на живите суштества да преживеат под променети околности, но дека „тоа не е настанување на нешто ново“.

 Дали Библијата и теоријата на еволуција можат да се усогласат?

Во Библијата пишува дека ‚Бог создал сѐ‘ (Откровение 4:11). Тој работел сѐ додека не завршил со создавањето (1. Мојсеева 2:2). Значи, Бог не создал еден едноставен организам и потоа не чекал милиони години за тој да еволуира во различни видови риби, мајмуни и луѓе, како што тврди макроеволуцијата. Оваа идеја ја отфрла улогата на Творецот, за кого Библијата вели дека ‚ги создал небото, земјата, морето и сѐ што е во нив‘ * (2. Мојсеева 20:11; Откровение 10:6).

„Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ“ (Откровение 4:11)

Дознај повеќе: Библијата ни кажува дека Божјите ‚невидливи својства јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено‘ (Римјаните 1:20). Тоа што ќе научиш повеќе за Бог ќе ти помогне да имаш вистинска смисла во животот. Тој има прекрасна намера во која се вклучени сите оние што искрено го бараат (Проповедник 12:13; Евреите 11:6). За додатни информации, оди на www.jw.org/mk или стапи во контакт со Јеховините сведоци. Кликни на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА.

^ пас. 12 Библијата не ја поддржува ни идејата на креационистите, кои тврдат дека Бог ја создал Земјата за шест дена од по 24 часа. Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе, види во брошурата Дали животот е Божје дело?, на страници 24-27. Брошурата е издадена од Јеховините сведоци и можеш бесплатно да ја преземеш на www.jw.org/mk.