Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  октомври 2015

Ако некој твој близок е болен

Ако некој твој близок е болен

„Кога требаше да го пуштат татко ми од болница, го замоливме лекарот да ни ги објасни резултатите од крвната слика. Лекарот ни рече дека сѐ е во ред, но сепак се согласи повторно да ги погледне. Тој се изненади кога забележа дека две од вредностите беа над дозволената граница. Ни се извини и повика специјалист. Сега здравјето на татко ми е подобро. Многу сме среќни што му поставивме прашања на лекарот“ (Марибел).

Пред лекарскиот преглед, запишете ги симптомите и лековите

Одењето по лекари и болници може да биде извор на голем стрес. Но, како што покажува искуството на Марибел, поддршката од некој роднина или пријател може да биде од голема помош, па дури и да му го спаси животот на пациентот. Како можеш да му помогнеш на некој близок што е болен?

Пред лекарскиот преглед. Помогни му на пациентот да ги запише сите симптоми и сите лекови или додатоци во исхраната што ги прима. Исто така, запишете кои прашања сакате да му ги поставите на лекарот. Помогни му на пациентот да се сети на некои детали поврзани со неговата состојба или да провери дали некој друг од неговото семејство ја имал истата болест. Немој да претпоставиш дека лекарот веќе ги знае овие информации или дека ќе праша за нив.

Биди внимателен, поставувај прашања и води белешки

За време на лекарскиот преглед. Погрижи се и ти и пациентот добро да го разберете она што го кажува лекарот. Наместо да изнесуваш тврдења, поставувај прашања. Дај му простор на пациентот да поставува прашања и да зборува во свое име. Внимателно слушај и прави си белешки. Прашај кои начини на лекување стојат на располагање. Во некои случаи, можеби е мудро да му предложиш на пациентот да побара второ мислење.

Разгледајте ги упатствата на лекарот и препишаните рецепти

По лекарскиот преглед. Разговарај со пациентот за лекарскиот преглед. Погрижи се да ги најде соодветните лекови. Поттикни го да ги пие лековите онака како што му било кажано и веднаш да го информира лекарот доколку почувствува несакана реакција. Охрабри го пациентот да задржи позитивен став, да ги следи сите упатства и  редовно да оди на контрола. Помогни му да дознае повеќе информации за болеста.

Во болница

Погрижи се сите формулари да бидат точно пополнети

Биди смирен и внимателен. Кога е во болница, пациентот може да се чувствува загрижено и беспомошно. Ако си смирен и внимателен, може да придонесеш да има опуштена атмосфера и да се избегнат грешки. Погрижи се документите за прием во болницата да бидат целосно и точно пополнети. Почитувај го правото на пациентот да донесе одлука. Ако не може да го стори тоа поради неговата здравствена состојба, испочитувај ги неговите желби и одлуките што ќе ги донесе неговиот најблизок роднина или застапник за здравствена грижа. *

Покажи почит додека разговараш со лекарот

Преземи иницијатива. Не се плаши да зборуваш со медицинските лица. Ако си претставителен и ако имаш добри манири, може да ги поттикнеш да покажат поголем интерес за пациентот, па дури и да му пружат подобра нега. Во многу болници, за пациентите се грижат повеќе лекари. Би можел да им го пренесеш она што го кажале другите лекари. Бидејќи го познаваш пациентот, кажи им за промените што ќе ги забележиш кај него.

Не му пречи на медицинското лице додека ја врши својата должност

Покажи почит и биди благодарен. Медицинските лица често се изложени на стрес. Постапувај со нив онака како што би сакал тие да постапуваат со тебе (Матеј 7:12). Покажи дека ги почитуваш поради нивното знаење и искуство. Освен тоа, покажи дека имаш доверба во нивните способности и биди благодарен за трудот што го вложуваат. Ако видат дека ги цениш, ќе бидат поттикнати да го дадат своето најдобро.

За жал, секој од нас може да се разболи. Сепак, ако постапуваш промислено и ако си спремен да помогнеш, може да му олесниш на некој близок да се справи со тешката ситуација (Изреки 17:17).

^ пас. 8 Законите во врска со правата и должностите на пациентот се разликуваат од место до место. Води сметка документите во кои пациентот ги навел своите желби да бидат целосни и да ги содржат најновите податоци.