Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јули 2015

Што треба да знаеш за маларијата

Што треба да знаеш за маларијата

Според Светската здравствена организација, во 2013 год. повеќе од 198 милиони луѓе биле заразени со маларија и околу 584.000 луѓе умреле од неа. Околу 80 отсто од смртните случаи биле деца под пет години. Оваа болест претставува закана за околу 100 земји и подрачја во светот и го доведува во опасност животот на речиси 3,2 милијарди луѓе.

1. ШТО Е МАЛАРИЈА?

Маларијата е паразитска болест. Некои од симптомите се температура, треска, потење, главоболка, болки во мускулите, мачнина и повраќање. Симптомите можат да се повторуваат на секои 48 до 72 часа, во зависност од тоа за кој паразит станува збор и колку долго лицето е заразено.

2. КАКО СЕ ШИРИ МАЛАРИЈАТА?

  1. Паразитите што ја предизвикуваат маларијата — протозоите наречени плазмодиум — навлегуваат во крвотокот на човекот преку каснување од женката на комарецот Anopheles.

  2. Паразитите навлегуваат во клетките на црниот дроб, каде што брзо се размножуваат.

  3. Клетките на црниот дроб пукаат, при што ги испуштаат паразитите кои ги напаѓаат црвените крвни зрнца. Таму паразитите продолжуваат да се размножуваат.

  4. Црвените крвни зрнца пукаат и ги испуштаат паразитите кои потоа се населуваат во други црвени крвни зрнца.

  5. Овој циклус одново и одново се повторува. Кај заболеното лице, симптомите на маларија обично се јавуваат при секое пукање на црвените крвни зрнца.

 3. КАКО МОЖЕШ ДА СЕ ЗАШТИТИШ?

Ако живееш во земја каде што има маларија:

  • Постави мрежа за комарци над креветот. Таа...

    • треба да биде испрскана со инсектицид.

    • не треба да има дупки или отвори.

    • треба да биде прицврстена под душекот од сите страни.

  • Испрскај ги просториите во твојот дом со инсектицид.

  • Ако е можно, постави мрежа на вратите и прозорците, користи клима-уреди и вентилатори кои ќе ги бркаат комарците.

  • Носи облека со светли бои која ќе ти го прекрива целото тело.

  • Секогаш кога е можно, избегнувај предели во кои има густа вегетација затоа што таму обично има легла од комарци, како и места со застојани води каде што комарците се размножуваат.

  • Ако се заразиш со оваа болест, веднаш оди на лекар.

Доколку планираш да патуваш во земја каде што има маларија:

  • Добро информирај се пред да тргнеш на пат. Паразитите што предизвикуваат маларија може да се разликуваат од едно до друго подрачје. Од тоа зависи кој лек ќе биде најделотворен. Исто така, мудро е да се консултираш со твојот лекар за да ти каже на што треба да внимаваш со оглед на твојата медицинска историја.

  • Додека престојуваш во таа земја, следи ги советите изнесени во оваа статија.

  • Ако се заразиш, веднаш побарај лекарска помош. Имај на ум дека симптомите можат да се појават од една до четири седмици по заразувањето.