Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јули 2015

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Работа

Работа

Иако Библијата е древна книга, нејзините совети никогаш не застаруваат. Она што таа го кажува за работата и денес е исто толку практично како што било и во времето кога била напишана.

Како треба да гледаме на работата?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ:

За да успееш во светот на бизнисот, работата мора да ти биде пред сѐ друго. Токму поради ова, многу луѓе станале толку преокупирани со работата што си ги запоставиле семејството и здравјето.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата нѐ поттикнува да имаме урамнотежено гледиште за работата. Во неа се зборува пофално за трудољубивоста, а се осудува мрзливоста (Изреки 6:6-11; 13:4). Сепак, Библијата не нѐ потикнува да ги трошиме целото наше време и сила на работа, туку нѐ поттикнува да си одвоиме време за одмор. Во Проповедник 4:6 пишува: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“. Затоа, не треба толку да се преокупираме со работата што ќе заборавиме на нашето семејство или, пак, ќе си го нарушиме здравјето. Нема далеку да стигнеме ако работиме ден и ноќ.

„За човекот нема ништо подобро отколку да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“ (Проповедник 2:24)

 Дали е важно каква работа ќе избереш?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ:

Некои мислат дека најважно е да земаат добра плата. Поради таквиот начин на размислување и желбата да се збогатат, се впуштаат во нечесни деловни зделки, па дури и работат на црно.

Други сакаат да го остварат својот сон и да работат само нешто што им е интересно. Ако нивната работа не е она што си го замислувале, ја сметаат за досадна. Како резултат на тоа, имаат негативен став кон работата и не вложуваат многу труд. Можеби дури и нема да прифатат некоја добра работа затоа што сметаат дека таа е под нивното достоинство.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата не одобрува работа која е нечесна или, пак, работа со која им се нанесува штета на луѓето (3. Мојсеева 19:11, 13; Римјаните 13:10). Добрата работа им користи на другите и му помага на оној што работи да има „чиста совест“ (1. Петрово 3:16).

Од Библијата дознаваме и дека работата има благородна цел — не само што нѐ исполнува туку и ни служи за да се издржуваме и себеси и нашето семејство. Убаво е да уживаме во она што го работиме, но тоа не треба да ни биде најважното нешто во животот.

„Татко ми е многу зафатен. Освен што оди на работа, има и одговорности во салата каде што се одржуваат состаноците на Јеховините сведоци. Тој е совесен работник. Успева и да ги заврши своите обврски и да одвои време за мене, за сестра ми и за мајка ми. Татко ми секогаш има полни раце работа, но се труди да биде урамнотежен“ (Алана)

Точно е дека поради инфлацијата и растечките цени може да станеме загрижени за тоа дали ќе успееме да ги покриеме месечните трошоци. И покрај тоа, Библијата нѐ поттикнува да бидеме скромни. Во неа пишува: „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8). Тоа не значи дека треба да си го скратиме секое задоволство. Сепак, треба да си ги пружиме нозете колку што ни е долга чергата (Лука 12:15).

ШТО МОЖЕШ ДА НАУЧИШ:

Биди трудољубив и покажи дека си вистински заинтересиран за работата. Дури и ако ти се чини дека твојата работа е ниска или дека не е за тебе, труди се да станеш повешт. Ако си вреден и ако се трудиш да станеш повешт, ќе имаш чувство дека си постигнал нешто и ќе бидеш поисполнет.

Притоа биди урамнотежен. Одвојувај си време за одмор и рекреација. Одморот е уште посладок по еден напорен работен ден. Исто така, кога заработуваме пари за да си ги задоволиме основните потреби, стекнуваме поголема самодоверба. Освен тоа, другите луѓе и членовите на нашето семејство повеќе нѐ почитуваат (2. Солуњаните 3:12).

„Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘.. Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“ (Матеј 6:31, 32)