Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јуни 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Пет чекори до подобро здравје

Пет чекори до подобро здравје

НИТУ еден човек не сака да биде болен. Секоја болест со себе си носи непријатности и трошоци. Освен што не се чувствуваш добро, кога си болен, не можеш да одиш на работа или на училиште и не можеш да се грижиш за семејството. Можеби некој друг треба да се грижи за тебе, а можеби треба и да платиш за скапи лекови и прегледи.

Меѓу луѓето е позната изреката: „Подобро да се спречи отколку да се лечи“. Сепак, факт е дека има болести кои не можеш да ги спречиш. Но, некои болести можеш да ги спречиш или барем да го забавиш нивниот развој. Да разгледаме пет чекори што можеш да ги преземеш за да имаш подобро здравје.

 1 ОДРЖУВАЈ ДОБРА ХИГИЕНА

Според клиниката Мајо, „за да не се разболиш и да не пренесеш зараза“, најдобро е да си ги миеш рацете. Еден од најлесните начини да добиеш настинка или грип е да ги допреш очите или носот со заразени раце. Најдобрата заштита е редовно да си ги миеш рацете. Освен тоа, со одржување на добра хигиена може да се спречи ширењето на посериозни болести, како што се пневмонија и цревни зарази. Од овие болести секоја година умираат повеќе од два милиони деца на возраст под 5 години. Исто така, ако редовно се мијат рацете, може да се намали и ширењето на смртоносниот вирус ебола.

Има ситуации во кои е особено важно да ги миеш рацете за да го заштитиш твоето здравје и здравјето на другите. Кои се тие ситуации?

  • По употреба на тоалет.

  • Откако си му сменил пелени на дете или си му помогнал да користи тоалет.

  • Пред и откако си направил преврска на некоја рана.

  • Пред и откако си бил во контакт со некој што е болен.

  • Пред да приготвуваш, сервираш или јадеш храна.

  • Откако си кивнал, си се искашлал или си го издувал носот.

  • Откако си допрел животно или неговиот измет.

  • Откако си фрлил ѓубре.

Но, многу е важно и како ги миеш рацете. Некои истражувања покажуваат дека голем број луѓе по употреба на јавен тоалет воопшто не ги мијат рацете или не ги мијат исправно. Како треба да ги миеш?

  • Стави ги рацете под млаз чиста вода, а потоа нанеси сапун.

  • Триј ги за да се создаде пена. Не заборавај да ги исчистиш ноктите, палците, горниот дел од дланките и просторот меѓу прстите.

  • Триј ги рацете најмалку 20 секунди.

  • Исплакни ги под млаз чиста вода.

  • Избриши ги со чиста крпа или со хартија за бришење раце.

Миењето раце е едноставно, но може да спречи ширење на болести и да спаси многу животи.

 2 КОРИСТИ ЧИСТА ВОДА

Во некои земји, луѓето мора сами да се погрижат да најдат чиста вода за нивните семејства. Всушност, во секој дел од светот пристапот до чиста вода може да биде отежнат доколку главниот извор од каде што се снабдува населението со вода за пиење се загади поради поплава, бура, пукната цевка или нешто друго. Ако водата доаѓа од загаден извор или ако не се чува исправно, може да биде причина за појава на инфекција со паразити, колера, смртоносна дијареја, тифус, хепатитис и други инфекции. Се проценува дека во светот секоја година околу 1,7 милијарди лица заболуваат од цревни зарази поради загадена вода.

Можеш да направиш многу работи за да го забавиш, па дури и да го спречиш развојот на некоја болест

Колерата најчесто се пренесува кога некој пие вода или јаде храна која е загадена со фекални материи од заразени лица. Што можеш да сториш, дури и веднаш по некоја катастрофа, за да се заштитиш од заразите кои се пренесуваат преку нечиста вода?

  • Провери дали водата за пиење — вклучувајќи ја и водата што ја користиш за миење заби, миење храна и садови, готвење или правење мраз — доаѓа од безбеден извор, како на пример, од соодветна јавна водоводна мрежа или од сигурна фирма која продава флаширана вода.

  • Доколку постои ризик водата која поминува низ цевките во твојот дом да биде загадена, зовриј ја пред да ја користиш или стави некое средство за прочистување.

  • Ако користиш средства, како што се хлор или таблети за прочистување на вода, внимателно следи ги упатствата за употреба.

  • Доколку си во можност, користи филтри кои го подобруваат квалитетот на водата.

  • Ако нема готови производи со кои можеш да ја прочистиш водата, сам направи си раствор за прочистување. Во литар вода додај две капки натриум хипохлорит (варикина). Добро промешај го растворот и остави го да отстои половина час. Потоа може да го користиш.

  • Секогаш чувај ја прочистената вода во чисти и покриени садови за повторно да не се загади.

  • Внимавај приборот што го користиш за црпење вода да биде чист.

  • Не ги допирај со нечисти раце садовите во кои се наоѓа водата. Немој да ги ставаш рацете или прстите во водата што ќе ја користиш за пиење.

 3 ВНИМАВАЈ НА ИСХРАНАТА

Невозможно е да бидеш здрав ако не се храниш здраво. Затоа треба да јадеш разновидна храна богата со витамини. Обрни внимание колку сол, масти и шеќери внесуваш со храната и внимавај да не се прејадуваш. Во исхраната вклучи најразлично овошје и зеленчук. Кога купуваш леб, житарици, тестенини или ориз, проверувај ја декларацијата. Така ќе можеш да избереш производи од цело зрно. Тие се побогати со хранливи материи и растителни влакна отколку оние што се добиени од преработени зрна. Јади само мала количина немасно месо и труди се, ако е можно, да јадеш риба неколку пати во седмицата. Исто така, во некои земји може да се најде храна богата со протеини од растително потекло.

Ако јадеш храна која содржи премногу шеќери и заситени масти, може да добиеш прекумерна телесна тежина. За да го намалиш овој ризик, пиј вода наместо засладени сокови. Јади повеќе овошје наместо благи десерти. Намали го внесот на заситените масти кои ги има во некои производи, како што се колбасите, месото, путерот, сирењето, тортите и колачите. Кога готвиш, користи масла кои се поздрави.

Премногу сол, односно натриум, во исхраната може многу да ти го покачи притисокот. Ако имаш проблем со притисокот, проверувај ја декларацијата на производите за да го ограничиш внесот на натриум. Наместо сол, користи билки и зачини кои можат да го збогатат вкусот на храната.

Но, не е важно само што јадеш туку и колку јадеш. Затоа, престани да јадеш кога веќе не чувствуваш глад.

Еден проблем поврзан со исхраната е труењето со храна. Постои опасност да добиеш труење од секоја храна што не е приготвена или чувана на соодветен начин. Според Светската здравствена организација, секоја година милиони луѓе добиваат труење од храна. Повеќето немаат долгорочни последици, но некои умираат. Што можеш да направиш за да го намалиш ризикот од труење?

  • Бидејќи зеленчукот расте во почва во која може да има ѓубриво, добро измиј го пред да го употребуваш.

  • Измиј ги рацете со жешка вода и средство. Измиј ги и даската за сечење, приборот, садовите и кујнските површини пред да ги користиш.

  • За да не се пренесе некоја зараза, никогаш немој да ја ставаш храната на површина или во сад во кој имало незготвени јајца, месо или риба без претходно да ги исчистиш.

  • Готви ја храната на исправна температура и веднаш замрзни ја онаа храна која лесно може да се расипе ако не се изеде за кратко време.

  • Фрли ја храната што е лесно расиплива доколку останала на собна температура подолго од два часа, или подолго од еден час доколку температурата е повисока од 32 степени Целзиусови.

 4 БИДИ ФИЗИЧКИ АКТИВЕН

Без разлика на твојата возраст, за да бидеш во добра форма, треба редовно да вежбаш. Многу луѓе денес не вежбаат доволно. Зошто е важно да се вежба? Физичката активност може да ти помогне:

  • добро да спиеш

  • да бидеш подвижен

  • да ја зачуваш цврстината на коските и мускулите

  • да задржиш или да постигнеш соодветна телесна тежина

  • да го намалиш ризикот од појава на депресија

  • да го намалиш ризикот од прерана смрт

Ако не си физички активен, постои поголем ризик:

  • да добиеш кардиоваскуларна болест

  • да заболиш од дијабетес тип 2

  • да добиеш висок крвен притисок

  • да ти се покачи холестеролот

  • да добиеш мозочен удар

Пред да почнеш со некоја физичка активност или програма за вежбање, добро е прво да се советуваш со лекар за да ти каже кои вежби би биле соодветни на твојата возраст и здравствена состојба. Се препорачува децата и тинејџерите да минуваат најмалку 60 минути дневно во некоја умерена до понапорна физичка активност. Возрасните треба секоја седмица да поминат 150 минути во умерена физичка активност или 75 минути во понапорна физичка активност.

Избери некоја активност која ќе ти биде забавна. Можеш да играш кошарка, тенис, фудбал, да одиш брзо, да возиш велосипед, да работиш низ дворот, да цепиш дрва, да пливаш, да возиш кајак, да трчаш или да правиш аеробни вежби. Како можеш да знаеш дали некоја активност е умерена или напорна? Општо е познато дека умерена физичка активност е онаа која предизвикува да се потиш, а напорна е онаа која не ти дозволува да разговараш додека ја извршуваш.

 5 СПИЈ ДОВОЛНО

Сите луѓе немаат иста потреба од сон. Повеќето новороденчиња спијат од 16 до 18 часа на ден. Децата на возраст од 1-3 години спијат околу 14 часа на ден, а децата на претшколска возраст од 11 до 12 часа. Децата што одат на училиште најчесто спијат 10 часа, тинејџерите од 9 до 10 часа, а возрасните од 7 до 8 часа.

Не е добро да спиеш помалку од она што е препорачано за твојата возраст. Зошто? Според некои експерти, сонот е важен за:

  • правилен раст и развој на децата и тинејџерите

  • учење и помнење на нови информации

  • одржување рамнотежа на хормоните кои влијаат врз метаболизмот и тежината

  • кардиоваскуларното здравје

  • спречување на болести

Недостатокот од сон е поврзан со зголемена тежина, депресија, срцеви болести, дијабетес и трагични несреќи. Ова се добри причини за да не си скратуваме од сонот.

Тогаш, што можеш да направиш ако сфатиш дека не спиеш доволно?

  • Труди се да си легнуваш и да стануваш во исто време секој ден.

  • Во собата во која спиеш треба да биде тивко, темно, да има опуштена атмосфера и да не биде премногу топло или премногу ладно.

  • Не гледај телевизија и немој да користиш електронски уреди додека си во кревет.

  • Погрижи се креветот да биде што е можно поудобен.

  • Избегнувај тешки оброци, кофеин и алкохол пред да си легнеш.

  • Доколку ги примениш овие совети и сѐ уште страдаш од несоница или други нарушувања на сонот — премногу ти се спие во текот на денот или имаш отежнато дишење додека спиеш — би било добро да се консултираш со медицинско лице.

Нешто повеќе

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Што вели Библијата за чистотата?

Разгледај ги разумните совети од Библијата, кои им помогнале на милиони луѓе да водат чист и здрав живот.

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Што вели Библијата за здравјето

Дознај што вели Библијата за болестите и за лекувањето.