Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јуни 2015

 ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Галилео

Галилео

Помеѓу 14 и 16 век, некои научници и филозофи во Европа почнале да доаѓаат до сознанија во врска со вселената кои не се совпаѓале со учењата на Католичката црква. Еден од нив бил Галилео Галилеј.

ПРЕД времето на Галилео, многу луѓе верувале дека Сонцето, планетите и ѕвездите кружат околу Земјата. Тоа верување било дел од догмата на Католичката црква.

Но, со својот телескоп, Галилео забележал докази кои биле во остра спротивност на општоприфатените научни ставови. На пример, набљудувајќи ги дамките кои се движеле по површината на Сонцето, тој заклучил дека Сонцето се врти околу својата оска. Ваквите набљудувања во голема мера го зголемиле човековото знаење за вселената, но го довеле Галилео во директен судир со Католичката црква.

НАУКАТА И РЕЛИГИЈАТА

Неколку децении претходно, полскиот астроном Никола Коперник изнел теорија дека Земјата кружи околу Сонцето. Галилео ги проучувал истражувањата на Коперник во врска со движењето на небесните тела и собрал докази кои ја поткрепувале таа теорија. На почетокот, се колебал да објави некои од своите сознанија затоа што се плашел дека ќе наиде на потсмев и презир. Но, Галилео не можел да ја сокрие возбудата од она што го видел со својот телескоп.  Затоа, по некое време ги изнел своите сознанија пред јавноста. Некои научници не ги прифаќале неговите аргументи, а и свештениците почнале да зборуваат против него во своите проповеди.

Во 1616 год., кардиналот Белармино, кој бил „најистакнат теолог во тоа време“, му соопштил на Галилео дека Црквата издала нов декрет со кој ги отфрла идеите на Коперник. Тој му наредил на Галилео да се подложи на овој декрет. Како резултат на тоа, Галилео со години не го застапувал во јавноста гледиштето дека Земјата ротира околу Сонцето.

Во 1623 год., на власт дошол папата Урбан VIII, кој му бил пријател на Галилео. Затоа, во 1624 год. Галилео го замолил папата да го поништи декретот кој бил издаден во 1616 год. Наместо да го направи тоа, папата Урбан побарал од Галилео да ги објасни противречните теории на Коперник и Аристотел без да зазема нечија страна.

Галилео напишал книга во врска со овие теории (Dialogue on the Great World Systems). Но, иако папата му наредил да биде непристрасен, во неа било очигледно дека Галилео ги поддржува заклучоците на Коперник. За кратко време, непријателите на Галилео почнале да тврдат дека книгата го исмејува папата. Галилео бил обвинет за ерес и заплашен со мачење. Поради тоа бил принуден да ги отфрли идеите на Коперник. Во 1633 год., римската инквизиција го осудила на доживотен куќен притвор и ги забранила неговите дела. Галилео умрел на 8 јануари во 1642 год. во својот дом во Арчетри, во близина на Фиренца.

Папата Јован Павле II признал дека Католичката црква погрешно го осудила Галилео

Со векови, некои од делата на Галилео биле дел од списокот на книги кои католиците не смееле да ги читаат. Но, во 1979 год. Црквата повторно почнала да ги разгледува случаите кои ги водела римската инквизиција пред 300 години. Конечно, во 1992 год. папата Јован Павле II признал дека Католичката црква погрешно го осудила Галилео.