Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  мај 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Надеж за бездомниците и сиромашните

Надеж за бездомниците и сиромашните

Џо е воен ветеран од САД. Поради некои лични и семејни трагедии бил бездомник околу 18 години. Порано, тој одел во градската библиотека каде што одвреме-навреме разговарал со библиотекарката. Тие разговори му го смениле животот.

Мартин, млад човек од Аргентина, се чувствувал духовно сиромашен. За да пронајде смисла во животот, го напуштил својот дом и отишол да живее на плажа. Но, наместо да ги најде одговорите што ги барал, западнал во тежок очај. Низ солзи го молел Бог: „Ако навистина постоиш, те молам помогни ми да те запознаам“.

ЛУЃЕТО остануваат без покрив над глава од различни причини. Некои, слично како Џо, се погодени од лични трагедии. Други, како Мартин, се обидуваат да избегаат од „нормалниот“ живот кој го сметаат за досадна рутина. А трети, пак, остануваат на улица поради сиромаштија, природни катастрофи, семејно насилство, дрога, злоупотреба на алкохол, ментално нарушување или затоа што ја изгубиле работата.

Порано се сметаше дека проблем со бездомништво имаат земјите во развој или земјите погодени од војна или економска криза. Но, според Пол Торо, кој е професор по психологија, сега бездомништвото „е голем социјален проблем токму во повеќето развиени земји“. * Некои фактори кои придонесуваат за тоа се политиката на владите во врска со социјалната помош и сѐ поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните поради нееднаквоста во приходите.

Голем број луѓе се многу загрижени за својата иднина. Сепак, некои успеале да ја намалат загриженоста затоа што дознале што вели Библијата за иднината — тема која накратко ќе ја разгледаме во оваа статија. Исто така, мудрите совети од Библијата можат уште денес да ни помогнат во финансиски и во  емоционален поглед. Да видиме како им помогнале на Џо и Мартин.

БИБЛИЈАТА МУ ГО СМЕНИЛА ЖИВОТОТ

Синди, која често го гледала Џо во библиотеката каде што работела, вели: „Џо ми изгледаше како интелигентен, учтив и понизен човек“. Бидејќи е Јеховин сведок, таа му дала на Џо примероци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и го поканила на состанок во Салата на Јеховините сведоци. Таму луѓето биле многу љубезни и срдечни кон него. Поради тоа, Џо почнал редовно да доаѓа на состаноците. Исто така, прифатил да ја проучува Библијата со еден Сведок.

Тоа што ја проучувал Библијата му помогнало на Џо да стекне самопочит

Тоа што го учел му донело голема утеха на Џо. Иако требало да направи големи промени во својот живот, тој почнал да се држи за библиските мерила. На пример, дознал дека животот е дар од Бог кој треба да го цениме и дека пушењето го валка телото (Псалм 36:9). Џо ги послушал зборовите од 2. Коринќаните 7:1, каде што стои: „Да се исчистиме од секоја валканост на телото“, и прекинал со пушењето. Оваа одлука му помогнала на Џо не само да си го зачува здравјето туку и да заштеди пари.

Тој го послушал библискиот совет дека треба да правиме сѐ што можеме за да се грижиме за нашите материјални потреби и почнал да бара работа * (1. Солуњаните 4:11, 12). Во Проповедник 2:24 пишува: „За човекот нема ништо подобро отколку да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“. Кога работиме чесно, имаме самопочит, а тоа ни носи радост. Исто така, можеме да им помагаме на оние што имаат некаква потреба (Ефешаните 4:28).

Синди вели дека, поради својата искреност, Џо бил прифатен од собранието и некои му помогнале да поднесе барање за соодветно место за живеење и за други потребни работи за кои ги исполнувал условите. Џо продолжил да прави промени и со текот на времето станал Јеховин сведок. Тој сфатил колку се мудри библиските совети. Сега може од лично искуство да им го кажува тоа на другите (Изреки 3:13, 14).

ЈА ПРОНАШОЛ СМИСЛАТА НА ЖИВОТОТ

Мартин почнал да ја бара смислата на животот кога имал 20 години. Тој вели: „Истражував различни религии и филозофии и земав дрога за да ја пополнам празнината што ја чувствував. Но, сѐ беше попусто“. Едно време живеел во Калифорнија (САД), а потоа се преселил на Хаваи. „Си мислев дека сум во рај“, кажува Мартин. Но, и покрај прекрасните пејзажи не се чувствувал исполнет. Тој вели: „Потонав во толку длабока депресија што почнав да размислувам за самоубиство“. Токму во тој период од животот постојано плачел и го молел Бог со следниве зборови: „Ако навистина постоиш, те молам помогни ми да те запознаам“.

Мартин сега има смисла во животот

Мартин се присетил дека пред некое време видел знак на кој пишувало „Сала на Јеховините сведоци“. Тој решил да отиде на еден состанок. Мартин вели: „Влегов внатре со долга коса и брада, а на мене имав облека што ја носев со месеци. Сепак, бев срдечно пречекан“.  Мартин почнал редовно да оди од својот „дом“ на плажата до градскиот плоштад каде што ја проучувал Библијата со Сведоците.

Конечно нашол задоволувачки одговори на своите прашања. Тоа му помогнало да се избори со депресијата и да ја почувствува радоста за која зборувал Исус: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

‚Луѓето се зачудени поради промените што ги направив‘

Набрзо станало очигледно дека Мартин го сменил својот начин на живот затоа што ги применувал библиските совети кои му помогнале и на Џо. Мартин почнал да обрнува повеќе внимание на својата хигиена и, со помош на Сведоците, нашол работа и место за живеење. Тој вели: „Претходно луѓето ме знаеја како бездомник, но сега се зачудени поради промените што ги направив“.

По некое време, Мартин се вратил во Аргентина, каде што се крстил како Јеховин сведок. Сега тој ја цени честа што може да им помага на други луѓе да го најдат одговорот на најважните животни прашања.

КРАЈ НА СИРОМАШТИЈАТА И БЕЗДОМНИШТВОТО

Еремија, кој во минатото бил слуга на Бог, живеел во еден многу тежок период. Неговата земја била нападната од еден суров непријател кој одвел многу луѓе во ропство (Плач Еремиин 1:3). Еремија останал жив, но изгубил речиси сѐ што имал. Со тага во душата се молел: „Сети се на неволјата моја и на бездомништвото мое“ (Плач Еремиин 3:19).

И покрај тоа што доживеал многу страдања, Еремија не паднал во очај. Зошто? Една причина е тоа што знаел дека Јехова  нема да го напушти (Еремија 1:8). Друга причина е тоа што ги проучувал светите списи во кои пишувало дека еден ден ќе им дојде крај на сиромаштијата и на страдањата и ќе има вистински мир и сигурност (Псалм 37:10, 11).

Но, овие промени нема да настапат како резултат на напорите што ги вложуваат луѓето. Една совршена влада, односно Божјето Царство, ќе донесе такви услови на Земјата (Даниел 7:13, 14). На чело на тоа Царство е Исус Христос кој, кога живеел како човек на Земјата, покажал големо сочувство кон сиромашните (Лука 7:22; 14:13). Под негова власт „ќе процвета праведникот и ќе има голем мир... Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа“ (Псалм 72:7, 12, 14).

„Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив“ (Исаија 65:21)

Главната тема за која зборувал Исус била Божјето Царство (Лука 4:43). Тој дури ги поучил луѓето да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Каков ќе биде животот на Земјата кога Божјето Царство ќе владее над сѐ? Преку страниците на Библијата можеме да ѕирнеме во убавините кои нѐ очекуваат. На пример, за поданиците на ова Царство пишува:

  • „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род... Моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22).

  • „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши, зашто тоа се зборови од устата на Јехова над војските“ (Михеј 4:4).

Оваа цврста надеж може да нѐ зајакне додека се соочуваме со неволји. Освен тоа, библиските начела можат да ни помогнат уште денес да имаме смисла во животот, исто како Џо, Мартин и многу други. Нашиот Творец, Јехова Бог, ни го дава следново ветување: „Кој ме слуша мене, ќе биде спокоен и ќе живее мирно, и нема да се плаши од зло“ (Изреки 1:33). И ти имаш можност да се увериш во вистинитоста на овие зборови.

^ пас. 6 Поради разни конфликти, насилство или прогонство, милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови и да живеат како бегалци или раселени лица.

^ пас. 11 Некои луѓе сакаат да работат, но не се во можност да го прават тоа можеби поради некаков хендикеп, слабо здравје или поодминати години. Бог го осудува оној што „не сака да работи“ (2. Солуњаните 3:10).