Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  април 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО СТАНА СО ДОМАШНОТО ВОСПИТУВАЊЕ?

Воспитување кое дава добри резултати

Воспитување кое дава добри резултати

БЕЗ СОМНЕНИЕ, да се биде родител воопшто не е лесно. Но, ако не му дадеш поука, совет, ако не го искараш или ако не го казниш твоето дете кога ќе биде потребно, ќе ти биде уште потешко. Зошто? Затоа што 1) детето и понатаму ќе биде непослушно, а тоа ќе те исцрпи, и 2) ти како родител ќе бидеш недоследен, а со тоа ќе го збуниш детето.

Од друга страна, урамнотежената дисциплина пружена со љубов ќе му помогне на детето да научи да размислува и да стекне убави особини. Исто така, таа ќе им помогне на децата да пораснат во стабилни и одговорни личности. Но, каде можеш да најдеш добри совети за воспитување на децата?

Библиските начела можат да ти помогнат

Јеховините сведоци, кои се издавачи на ова списание, веруваат дека Библијата е корисна ‚за поучување, за укорување, за поправање и за воспитување‘ (2. Тимотеј 3:16). Иако Библијата не е прирачник за родители, таа содржи практични начела кои можат да им помогнат на семејствата. Еве некои од нив.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Глупоста е приврзана за срцето на детето“ (Изреки 22:15).

Децата можат да бидат многу досетливи и мили, но тие се склони да прават и глупости. Затоа, на децата им треба дисциплина (Изреки 13:24). Ако го прифатиш овој факт, полесно ќе ти биде да ја исполниш својата одговорност на родител.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Не скратувај му опомени на детето“ (Изреки 23:13).

Не треба да се плашиш дека со тоа што ќе го искараш или казниш детето ќе го повредиш или ќе направиш да те презира подоцна во животот. Кога го правиш тоа со љубов, му помагаш на детето да научи да прифаќа исправка — нешто што ќе му биде потребно кога ќе порасне (Евреите 12:11).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7).

 Нормално е родителите да сакаат да ги заштитат своите деца. Сепак, потребно е да се биде урамнотежен. Не им правиш услуга на децата ако ги „спасуваш“ од последиците на нивните грешки или ако ги браниш кога некој наставник или друг возрасен човек ќе ти укаже дека направиле нешто погрешно. Наместо да ги сметаш овие луѓе за непријатели, гледај на нив како на твои сојузници. Ако постапуваш на ваков начин, ќе ги научиш децата да ги почитуваат оние што имаат авторитет — вклучувајќи те и тебе (Колошаните 3:20).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Дете распуштено ја срамоти мајка си“ (Изреки 29:15).

Биди љубезен, доследен и разумен

Родителите никогаш не треба да бидат груби и насилни, но не треба да одат и во другата крајност — да бидат премногу попустливи. Во една книга за воспитување на тинејџери пишува: „Децата на попустливите родители не сфаќаат дека возрасните се тие кои имаат авторитет во домот“ (The Price of Privilege). Ако не се поставиш како авторитет, детето можеби ќе мисли дека сите треба него да го слушаат. Со текот на времето, сигурно ќе почне да носи лоши одлуки со кои ќе си нанесе болка себеси, а ќе те повреди и тебе (Изреки 17:25; 29:21).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Човекот... ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело“ (Матеј 19:5).

Како што пишува во Библијата, еден маж и една жена прво треба да стапат во брак, а потоа да имаат деца, и треба да останат заедно откако децата ќе пораснат и ќе тргнат по својот пат (Матеј 19:5, 6). Според тоа, најпрво си сопружник, а потоа родител. Ако им ги смениш местата на овие две улоги, детето ќе почне да „мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3). Во семејствата во кои сѐ се врти околу детето, се поткопува односот меѓу мажот и жената.

Помош за родителите

За да ја исполниш својата улога на родител, воспитувањето на твоите деца треба да се темели на следниве начела.

Биди љубезен. „Не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“ (Колошаните 3:21).

Биди доследен. „Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“ (Матеј 5:37).

Биди разумен. „Ќе те казнам колку што е потребно“ (Еремија 30:11). *

^ пас. 21 За да дознаеш нешто повеќе, оди на jw.org/mk. Кликни на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > БРАЧНИ ДВОЈКИ И РОДИТЕЛИ. Таму ќе ги најдеш следниве статии: „Воспитување на децата“, „Децата и нападите на бес“, „Научи ги своите деца на висок морал“ и „Помогни му на твојот тинејџер да биде послушен“.

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Како да имаш среќен семеен живот?

Јехова, среќниот Бог, сака семејствата да бидат среќни. Дознај какви совети им дава Библијата на сопрузите, сопругите, родителите и децата.