Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  април 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Што стана со домашното воспитување?

Што стана со домашното воспитување?

Во изминатите децении, семејниот живот во западните земји драстично се промени. Порано, родителите имаа авторитет, а децата им беа послушни. Но денес, во многу семејства работите се сменети. Размисли за следниве ситуации.

  • Додека е во продавница со својата мајка, едно 4-годишно дете посегнува по играчка. Бидејќи не сака да му ја купи, мајката вели: „Нели веќе имаш многу играчки?“ Во тој момент се покајува што му поставила прашање. Детето почнува да вика: „Ама ја сакам“. За детето да не добие напад на бес, нешто што често се случува, мајката му ја купува играчката.

  • Едно петгодишно девојче го прекинува својот татко кој разговара со друг човек. Тоа вели: „Досадно ми е. Сакам да си одиме дома!“ Таткото застанува на сред реченица, се наведнува кон ќеркичката и со мил глас ѝ вели: „Само уште неколку минути, тато, важи?“

  • Наставничката повторно се жали дека 12-годишниот Џејмс ѝ се развикал. Татко му на Џејмс е вознемирен, но не поради тоа што го направил неговиот син, туку поради наставничката. „Те зела на пик“, му вели на Џејмс. „Ќе ја кажам на училишниот одбор!“

Овие ситуации се измислени, но не се далеку од вистината. Тие покажуваат со колку сериозен проблем се соочуваат семејствата во кои родителите замижуваат пред дрскоста на своите деца, им ги исполнуваат сите желби и ги „спасуваат“ од последиците на нивното лошо однесување. Во една книга пишува: „Сѐ почесто може да се види како родителите им го препуштаат својот авторитет на децата. До пред некое време, на децата им беше јасно дека тие треба да ги слушаат родителите, а не родителите нив“ (The Narcissism Epidemic).

 Се разбира, многу родители се трудат да им всадат на своите деца исправни вредности со својот добар пример, но кога е потребно и со своите строги совети дадени на љубезен начин. Во книгата што ја цитиравме погоре пишува дека родителите што го прават ова „пливаат спротивно на течението на реката“, односно постапуваат спротивно од она што е општоприфатено.

Како дошло до ова? Што стана со домашното воспитување?

Родителите го губат авторитетот над децата

Некои велат дека родителите почнаа да го губат својот авторитет во 1960-тите кога експертите ги поттикнуваа родителите да бидат попопустливи кон своите деца. Тие велеа: ‚Не се поставувај како авторитет, туку како пријател‘, ‚Подобро да го пофалиш детето отколку да го критикуваш‘, ‚Наместо да го искараш кога ќе направи нешто лошо, труди се да забележиш кога ќе направи нешто добро‘. Експертите не ги поттикнуваа родителите да одржуваат рамнотежа меѓу пофалбата и критиката. Напротив, укажуваа дека, ако родителите ги караат своите деца, тие ќе бидат ранливи во емоционален поглед и, кога ќе пораснат, ќе ги презираат своите родители.

До неодамна, експертите истакнуваа колку е важна самопочитта. Тие мислеа дека конечно ја открија тајната за тоа што значи да се биде добар родител. Експертите советуваа: Направи сѐ за твоите деца да имаат добро мислење за себе. Се разбира дека е важно да им помогнеш на децата да стекнат самодоверба. Но, поборниците на оваа идеја отидоа во крајност затоа што им велеа на родителите: ‚Немојте да користите зборови како не и лошо‘ и ‚Продолжете да им кажувате на своите деца дека се посебни и дека можат да станат сѐ што ќе посакаат‘. Со тоа како да велеа дека е поважно децата да мислат дека се добри отколку да бидат добри.

Идејата на експертите предизвика децата да мислат дека се господари

Некои луѓе сметаат дека оваа идеја направи децата да мислат дека се господари над целиот свет. Во една книга во врска со воспитувањето на децата пишува дека многу млади „не се подготвени да прифатат критика или неуспех, нешто што е составен дел од животот“ (Generation Me).  Еден татко цитиран во оваа книга, вели: „Во светот на бизнисот никој не се грижи за твојата самопочит... Ако отидеш кај шефот со лош извештај, тој нема да ти рече: ‚Ми се допаѓа бојата на хартијата што си ја одбрал‘“. Понатаму во книгата стои: „Ако ги воспитуваш децата според оваа идеја, ќе им нанесеш огромна штета“.

Мислењата се менуваат

Низ годините, начинот на воспитување се менувал како што се менувале мислењата на стручњаците. Педагогот Роналд Мориш напишал: „Начинот на воспитување постојано се менува. Тоа е одраз на промените во општеството“. * Како што стои во Библијата, многу е лесно родителите да бидат ‚фрлани од бранови и носени ваму-таму од секој ветар на учењето‘ (Ефешаните 4:14).

Очигледно, идејата дека родителите треба да бидат попустливи со децата има негативни последици. Поради оваа идеја родителите почнаа да го губат авторитетот, а децата останаа без водството што им е потребно за да носат мудри одлуки и да стекнат исправна самопочит.

Тогаш, на кој начин треба да се воспитуваат децата?

^ пас. 15 Нагласено од нас; од книгата Secrets of Discipline: 12 Keys for Raising Responsible Children.