Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  март 2015

 ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Декрети кои поделиле континенти

Декрети кои поделиле континенти

ОТКАКО Кристофер Колумбо се вратил од своето прво патување до Америка во 1493 год., царевите на Шпанија и Португалија не можеле да се согласат околу тоа кој треба да ја контролира трговијата и колонизацијата на тоа подрачје. За да се реши овој спор, Шпанија се обратила кај папата Александар VI.

ЦАРЕВИТЕ И ПАПИТЕ ГО РАСПАРЧУВААТ СВЕТОТ

Уште пред да се појави овој спор, Шпанија, Португалија и папството имале договор кому ќе му припаднат новооткриените земји. Во 1455 год., папата Николас V ѝ дал на Португалија ексклузивно право да ги истражува земјите и островите долж брегот на Африка кај Атлантскиот Океан и да присвои сѐ што ќе пронајде таму. Во 1479 год., со договорот од Алкасовас, царот на Португалија, Афонсо V, и неговиот син, принц Жоао, им ја предале власта над Канарските Острови на царот Фердинанд и царицата Изабела од Шпанија. За возврат, Шпанија се согласила Португалија да има монопол врз трговијата во Африка и да владее над Азорските Острови, Зеленортските Острови и Мадеира. Две години подоцна, папата Сикст IV го потврдил овој договор и нагласил дека секое ново откритие западно и источно од Канарските Острови ѝ припаѓа на Португалија.

Жоао, кој почнал да владее со Португалија како Жоао II, тврдел дека земјите што ги открил Колумбо ѝ припаѓаат на Португалија. Но, шпанските владетели не се согласувале со ова, па затоа побарале дозвола од новиот папа, Александар VI, да ги колонизираат земјите што ги открил Колумбо и да ја пренесат христијанската вера.

Повлекувајќи само една линија со своето перо, папата Александар VI го поделил светот на две

 Поради тоа, Александар издал три декрети. Со првиот, „во името на Семоќниот Бог“ ѝ ги дал на Шпанија во трајна сопственост овие нови територии. Со вториот декрет, поставил нова граница од север кон југ која се протегала околу 560 километри западно од Зеленортските Острови. Александар рекол дека сите земји кои биле пронајдени, или допрва ќе се откријат, западно од таа граница ѝ припаѓаат на Шпанија. Повлекувајќи само една линија со своето перо, папата го поделил светот на две! Со третиот декрет, ѝ дозволил на Шпанија да ја прошири својата власт кон исток, сѐ до Индија. Ова го разгневило царот Жоао, чии поданици кратко пред тоа ја заобиколиле најјужната точка на Африка и го прошириле португалското влијание сѐ до Индискиот Океан.

НОВА ПОДЕЛБА НА СВЕТОТ

Незадоволен од папата Александар, * Жоао почнал директни преговори со Фердинанд и Изабела. „Шпанските владетели, кои се плашеле од безмилосните Португалци и биле зафатени со тоа да ја преземат контролата над Новиот свет, биле спремни да направат разумен компромис“, вели писателот Вилијам Бернштајн. Затоа, во 1494 год., била постигната спогодба која го носела името на градот во кој била потпишана, Тордесиљас.

Во Спогодбата од Тордесиљас била вклучена границата што ја исцртал Алекасандар од север кон југ, но овојпат била поместена за 1.480 километри кон запад. Така, цела Африка и Азија ѝ „припаднале“ на Португалија, а Новиот свет на Шпанија. Меѓутоа, со ова поместување на границата кон запад, Бразил, кој тогаш сѐ уште не бил откриен, ѝ припаднал на Португалија.

Декретите со кои им се давала власт на Шпанија и Португалија над новооткриените земји биле причина за големо крвопролевање. Со овие одлуки се кршеле правата на домородното население во тие земји, кое било потчинето и експлоатирано. Но не само тоа, овие одлуки меѓу народите предизвикале вековни војни за превласт и за слобода на овие далечни земји.

^ пас. 9 Нешто повеќе за овој папа можеш да прочиташ во статијата „Александар VI — папа што Рим никако не го заборава“, која излезе во Стражарска кула од 15 јуни 2003, на страници 26-29.