Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  февруари 2015

 СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?

Закривениот врв на крилјата кај некои птици

Закривениот врв на крилјата кај некои птици

ДОДЕКА еден авион лета, околу краевите на неговите крила се создаваат брзи спирални воздушни вртлози. При ова настанува отпор поради кој се зголемува потрошувачката на гориво. Исто така, овие вртлози предизвикуваат турбуленции кај другите авиони кои летаат во близина. Затоа, авионите што полетуваат од иста писта мора да бидат доволно оддалечени еден од друг за да има време вртлозите да исчезнат.

Авиоконструкторите откриле како може да се намалат овие проблеми. Кое е нивното решение? По модел на закривениот врв на крилјата од птиците што лебдат во воздухот, како што се јастребот, орелот и штркот, тие конструирале авионски крила со закривени завршетоци.

Размисли: Додека овие големи птици летаат, пердувите на краевите од нивните крилја се свиткуваат нагоре сѐ додека не формираат речиси прав агол. Поради тоа, овие птици можат со најкратка можна должина на крилјата да ја имаат потребната потисна сила за да се кренат во воздухот. Освен тоа, овој специфичен облик на крилјата им помага на овие птици при летањето. Авиоконструкторите направиле авионски крила со слична форма. Со помош на аеродинамички тунели за тестирање, тие откриле дека, ако завршетоците на крилата прецизно се закривени нагоре и соодветно се поставени во однос на воздушниот млаз, се зголемува ефикасноста на авионите. Денес, авионите се за повеќе од 10 отсто поефикасни од порано. Која е причината за тоа? Завршетоците на крилата кои се закривени нагоре не само што го намалуваат отпорот туку создаваат и дополнителен отпор кој „неутрализира дел од отпорот што го создава самиот авион“, пишува во Encyclopedia of Flight.

Поради закривените завршетоци на крилата, авионите можат да летаат на поголеми растојанија, да носат потежок товар и да заштедат гориво. Освен тоа, бидејќи имаат пократки крила, полесно можат да се паркираат на аеродромите. Според еден извештај на НАСА, во 2010 год. авиокомпаниите низ целиот свет „заштедиле речиси 7,6 милијарди литри гориво“. Со намалената потрошувачка на гориво значително се намалило и ослободувањето на издувни гасови.

Што мислиш? Дали закривениот врв на крилјата кај некои птици настанал по пат на еволуција или е дело на мудар Творец?