Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  февруари 2015

 ИНТЕРВЈУ | АНТОНИО ДЕЛА ГАТА

Зошто еден свештеник ја напуштил својата црква

Зошто еден свештеник ја напуштил својата црква

ПО ДЕВЕТ ГОДИНИ школување во Рим, Антонио дела Гата станал свештеник во 1969 год. Подоцна, станал директор на едно теолошко училиште во Неапол (Италија). Бидејќи многу проучувал и размислувал додека бил таму, сфатил дека католичката религија не ги темели своите учења на Библијата. Во интервју за Разбудете се! тој објаснува каков труд вложил за да го пронајде Бог.

Кажете ни нешто за Вашето детство.

Роден сум во 1943 год. во Италија. Пораснав со моите браќа и сестри во едно мало село, а татко ми беше земјоделец и столар. Нашите родители нѐ поучуваа за католичката религија.

Зошто сакавте да станете свештеник?

Кога бев мал, многу сакав да одам во црква. Уживав да слушам како свештениците пеат и да гледам како се одржуваат верските ритуали. Тоа кај мене роди желба да станам свештеник. Кога имав 13 години, мајка ми ме прати во средно интернатско училиште за момчиња по кое можев да се запишам на теолошки факултет и да станам свештеник.

Дали ја изучувавте Библијата во текот на школувањето?

Не баш. Кога имав 15 години, еден од учителите ми ги даде евангелијата, односно историските извештаи за животот и службата на Исус, кои ги прочитав неколкупати. Кога имав 18 години, отидов во Рим, каде што се запишав на три теолошки универзитети кои беа под директна надлежност на папата. Учев латински и грчки јазик, историја, филозофија, психологија и теологија. Иако рецитиравме стихови од Библијата, а и за време на неделните проповеди се читаше од неа, никогаш вистински не ја проучувавме.

Откако станавте директор, дали им држевте предавања на учениците?

Главно вршев административни работи, но исто така предавав за одредбите на Вториот Ватикански концил.

Зошто почнавте да се сомневате во црквата?

Три работи ми бодеа очи. Прво, црквата беше вмешана во политика. Второ, се толерираа погрешните постапки на свештениците и на верниците. И трето, не ми беа логични католичките учења. На пример, се прашував дали еден Бог на љубовта вечно би ги мачел луѓето откако ќе умрат? И, дали Бог навистина бара од нас да му кажуваме една иста молитва со бројници? *

Што направивте потоа?

Со солзи во очите го молев Бог да ми помогне да ја дознаам вистината. Купив примерок од една католичка Библија (Jerusalem Bible) која штотуку беше издадена на италијански, и почнав да ја читам. Едно неделно утро, додека си ја закачував свештеничката облека по мисата, двајца мажи дојдоа во училиштето. Ми рекоа дека се Јеховини сведоци. Повеќе од еден час зборувавме за Библијата и за обележјата на вистинската религија.

 Што Ви остави впечаток кај Сведоците што Ве посетија?

Многу силен впечаток ми остави тоа што зборуваа со увереност и тоа што лесно ги наоѓаа стиховите во католичкиот превод на Библијата. Подоцна почна да ме посетува еден друг Сведок по име Марио. Тој беше стрплив и беше човек од збор. Секоја сабота наутро, без разлика дали беше сончево или врнежливо, Марио во девет часот ќе заѕвонеше на ѕвончето од училиштето.

Како гледаа на тоа другите свештеници?

Ги канев да присуствуваат на нашите разговори, но ниту еден од нив не гледаше сериозно на библиската студија. Како и да е, јас уживав во проучувањето на Библијата и научив прекрасни работи. На пример, дознав зошто Бог ги допушта злото и страдањата — нешто што со години ме измачуваше.

Дали високите свештени лица се обидуваа да Ве убедат да престанете да ја проучувате Библијата со Сведоците?

Во 1975 год., отидов неколкупати во Рим за да ги објаснам моите верувања. Високите свештени лица се обидоа да ме разубедат, но притоа никој од нив не ја користеше Библијата. Најпосле, на 9 јануари 1976 год., напишав писмо до Рим во кое изјавив дека повеќе не сакам да бидам католик. По два дена, си заминав од теолошкото училиште и се качив на воз со цел првпат да одам на состанок на Јеховините сведоци. На мое изненадување, токму тогаш тие имаа собир на кој присуствуваа неколку собранија. Таму сѐ беше поинаку од она на кое бев навикнат. Секој Сведок имаше Библија и следеше во неа додека говорниците зборуваа на различни теми.

Како реагираа членовите на Вашето семејство?

Повеќето од нив жестоко ми се противеа. Сепак, дознав дека мојот помлад брат почнал да ја проучува Библијата со Сведоците во Ломбардија (област во северна Италија). Отидов кај него, а Сведоците таму ми помогнаа да се вработам и да најдам стан. Истата година се крстив како Јеховин сведок.

Сега сум вистински близок со Бог

Дали се каете за нешто?

Ни најмалку! Сега сум вистински близок со Бог бидејќи она што го знам за него се темели на Библијата, а не на филозофија или на црковна традиција. Освен тоа, сега и јас можам да ги поучувам другите со увереност.

^ пас. 13 Библијата дава јасен одговор на овие и на многу други прашања. и кликни на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА.