Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  февруари 2015

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Кога детето ти поставува прашања за смртта

Кога детето ти поставува прашања за смртта

ПРЕДИЗВИК

Твоето шестгодишно дете те прашува: „Тато, ти ќе умреш некогаш?“ Изненаден од ова, веројатно се прашуваш: ‚Дали моето дете е доволно возрасно за да го разбере одговорот на ова прашање? Како да зборувам со него за смртта?‘

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Децата размислуваат за смртта. Понекогаш децата дури играат игри во кои некој се преправа дека е мртов. Затоа, немој да мислиш дека смртта е тема која треба да ја избегнуваш. Напротив, биди спремен да одговориш на секое прашање што детето ќе ти го постави. Ако одвреме-навреме зборуваш со твоето дете за смртта, ќе му помогнеш да научи како да се носи со загубата на некој близок.

Со тоа што ќе му зборуваш на твоето дете за смртта, нема да му влееш страв, туку ќе му помогнеш да не се плаши од неа. Освен тоа, најверојатно ќе му помогнеш да исправи некои погрешни размислувања. На пример, некои експерти сметаат дека многу деца на возраст до шест години не сфаќаат дека смртта е крај на животот. Додека си играат, децата глумат дека во еден момент се „мртви“, а во друг „живи“.

Но, како што растат, тие полека почнуваат да сфаќаат дека смртта е нешто сериозно. Поради тоа може да им се појават некои прашања, загриженост, па дури и страв, особено ако умрел некој што многу го сакале. Затоа, многу е важно да зборуваш со твоето дете за оваа тема. Марион Аза, експерт за ментално здравје, вели: „Ако детето забележи дека дома не смее да зборува за смртта, може да стане збунето и вознемирено“.

Не мора претерано да се грижиш што да кажеш. Според едно истражување, децата само сакаат „да им се каже вистината на еден љубезен начин“. Биди сигурен дека децата нема да те прашаат нешто доколку не се спремни да го чујат одговорот.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Ако ти се укаже прилика, зборувај со детето за смртта. Ако твоето дете здогледа мртва птица покрај патот или ако му умре миленичето, постави му едноставни прашања за да го поттикнеш да зборува за смртта. На пример, би можел да го прашаш: „Дали мртвите животни страдаат? Дали им е ладно или дали се гладни? Од каде знаеш дека некое животно е мртво или некој човек е мртов?“ (Библиско начело: Проповедник 3:1, 7.)

Кажи му ја вистината. Кога ќе умре некој ваш пријател или роднина, избегнувај вообичаени изрази кои можат само да го збунат детето, како на пример: „Тој си замина“. На овој начин детето може да дојде до погрешен заклучок, мислејќи дека починатиот ќе се врати дома. Затоа, објасни му на едноставен и јасен начин. Би можел да кажеш: „Кога баба умре, нејзиното срце престана да чука. Не можеме да зборуваме со неа, но никогаш нема да ја заборавиме“. (Библиско начело: Ефешаните 4:25.)

Бидејќи детето може да си мисли дека смртта е заразна, увери го дека нема потреба да се плаши

Утеши го твоето дете. Детето може да си помисли дека тоа е виновно за нечија смрт поради тоа што направило или помислило нешто. Но, наместо само да му кажеш дека тоа не е криво за она што се случило, би можел да го прашаш: „Зошто мислиш дека ти си крив?“ Додека зборува, слушај го внимателно без да ги омаловажуваш неговите чувства. Исто така, бидејќи детето може да си мисли дека смртта е заразна, увери го дека нема потреба да се плаши.

Помогни му на детето да се искаже. Слободно зборувај за некој од вашите сакани кои починале, вклучувајќи ги и роднините кои детето не ги запознало. Можеш да раскажеш некои убави спомени или интересни случки за твоите тетка, вујко, баба или дедо. Кога отворено зборуваш за оние кои починале, му помагаш на детето да разбере дека не мора да избегнува да зборува или да размислува за нив. Од друга страна, немој да го присилуваш да зборува. Можете да разговарате за оваа тема во некоја друга прилика кога ќе сметаш дека е вистинското време. (Библиско начело: Изреки 20:5.)

Со помош на 34. и 35. поглавје од книгата Учи од Големиот Учител можеш да му помогнеш на твоето дете да дознае што вели Библијата за смртта. Кликни на ИЗДАНИЈА > КНИГИ И БРОШУРИ.