Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јануари 2015

„Не сакам да мислам на мојата болест“

„Не сакам да мислам на мојата болест“

„Ми требаше помош и кога си легнував и кога станував. Кога одев, чувствував болка. Грлото ми се стегаше и затоа не можев да ги голтам апчињата против болка. Ми се отворија рани кои не заздравуваа, а некои од нив станаа гангренозни. Во желудникот имав чиреви и киселини. Не знаев што се случуваше со мене. Имав само десет години“ (Елиса).

Иако е болна, Елиса со радост ги поучува другите за Библијата

СКЛЕРОДЕРМИЈА — што значи „тврда кожа“ — е болест од која страдаат околу 2,5 милиони луѓе во светот. Кај децата најчесто се јавува локализирана склеродермија, која обично се манифестира со стврднување на кожното ткиво.

Но, кога Елиса имала десет години, ѝ бил дијагностициран еден вид на системска склеродермија — болест од која може да дојде до значајно оштетување не само на кожата туку и на функцијата на внатрешните органи, како што се бубрезите, срцето, белите дробови и органите за варење. Докторите сметале дека, со помош на терапиите, животот на Елиса ќе се продолжи за само пет години. Меѓутоа, оттогаш поминале 14 години, а Елиса сѐ уште е жива. И покрај тоа што не е излекувана од својата болест, таа успева да гледа позитивно на животот. Разбудете се! разговараше со Елиса за нејзината болест и за тоа од каде црпи сила.

 Како сфати дека нешто не е во ред со твоето здравје?

Кога имав девет години се пресеков на лактот и раната многу ме болеше. Таа стануваше сѐ поголема и никако не зараснуваше. Со анализа на крвта се утврди дека имам системска склеродермија. Бидејќи здравствената состојба брзо ми се влошуваше, мораше што поскоро да најдеме лекар со големо искуство во лекувањето склеродермија.

Како течеа работите понатаму?

Најдовме специјалист по ревматологија. Докторката им рече на моите родители дека хемотерапијата ќе го забави напредокот на склеродермијата, дека ќе ми го продолжи животот за пет години и дека болеста ќе може да се држи под контрола. Но, негативната страна на хемотерапијата беше тоа што штетно влијаеше врз мојот имунолошки систем. Можев да умрам и од обична настинка.

Како што се гледа, најлошото не се случи.

Да — среќна сум што сѐ уште сум жива! Меѓутоа, кога имав 12 години, во градите почнав да чувствувам остри болки кои траеја по 30-тина минути и понекогаш ми се јавуваа двапати на ден. Болките беа толку силни што викав на сиот глас.

Зошто ти се јавуваа тие болки?

Докторите открија дека хемоглобинот ми е премногу низок и дека срцето премногу се напрега за да го снабди мозокот со крв. По неколку недели лекување, состојбата ми се подобри. Но, оттогаш живеев со помислата дека секој ден може да ми се случи нешто лошо. Се чувствував крајно беспомошно затоа што немав скоро никаква контрола над она што ми се случуваше.

Поминаа 14 години откако ти ја дијагностицираа болеста. Каква е твојата здравствена состојба сега?

Сѐ уште чувствувам болки и имам неколку заболувања поврзани со склеродермијата — чиреви, фиброза на белите дробови и силни киселини. Сепак, се трудам да не си го трошам времето мислејќи на мојата болест и обземена од тага. Времето ми е потребно за да правам други работи.

Како си го исполнуваш времето?

Многу сакам да цртам, да шијам и да изработувам накит. Што е најважно, како Јеховин сведок ги поучувам другите за Библијата. Дури и кога не можам да ги посетувам луѓето во нивните домови, можам да им помагам на други Сведоци кога водат библиски курс со луѓето што живеат во близина. А на неколку лица самата јас им помогнав да дознаат повеќе за Библијата. Тоа што го правам за другите му дава смисла на мојот живот.

Зошто толку се посветуваш на другите кога имаш многу лични проблеми?

Знам дека библиската порака што им ја пренесувам на луѓето е многу важна и корисна. Освен тоа, кога сум зафатена така што им помагам на другите, многу сум посреќна. Дури и се чувствувам подобро! Барем за кратко време заборавам дека сум болна.

Како Библијата ти помага да гледаш позитивно на работите?

Таа ме потсетува дека моето страдање — и страдањето на другите луѓе — е само привремено. Во Откровение 21:4 пишува дека во времето што е одредено, Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“. Кога размислувам за такви стихови, ми се зајакнува верата во Божјето ветување за една блескава иднина — не само за оние што имаат хронични болести туку за сите луѓе.