Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јануари 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО НАСТАНАЛ ЖИВОТОТ?

Две важни прашања

Две важни прашања

1 Како започнал животот?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ: Животот се појавил случајно од нежива материја.

ЗОШТО НЕКОИ ЛУЃЕ НЕ СЕ ЗАДОВОЛНИ СО ТОЈ ОДГОВОР: Иако научниците денес знаат многу повеќе за хемијата и за молекуларната структура на животот од кога и да било порано, сѐ уште не можат точно да дефинираат што е животот. Постои огромна провалија меѓу неживата материја и наједноставната жива клетка.

Научниците можат само да нагаѓаат какви биле условите на Земјата пред милијарди години. Тие имаат различни гледишта за тоа каде настанал животот — на пример, дали започнал во некој вулкан или, пак, под океанското дно. Друго верување е дека основните елементи од кои настанал животот се формирале на некое друго место во вселената, а на Земјата дошле преку метеори. Но, таквото објаснување не дава одговор на прашањето како започнал животот, туку само го префрла проблемот од едно место на друго.

Научниците претпоставуваат дека во минатото постоеле молекули од кои настанал генетскиот материјал што постои денес. Наводно, овие молекули полесно можеле да настанат случајно од нежива материја и самите да се удвојуваат. Сепак, научниците не нашле докази дека такви молекули навистина постоеле ниту, пак, успеале да создадат таков молекул во лабораторија.

Живите организми се специфични по начинот на кој складираат и обработуваат информации. Клетките ги пренесуваат, ги читаат и ги предаваат понатаму информациите што се содржани во нивниот генетски код. Некои научници го споредуваат генетскиот код со компјутерски софтвер, а хемиската структура на клетката со компјутерски хардвер. Но, еволуцијата не може да даде одговор на прашањето од каде потекнуваат информациите што ги содржи клетката.

За да функционира една клетка, неопходно е да содржи протеински молекули. Еден типичен протеински молекул содржи стотици аминокиселини кои се нанижани по одреден редослед. Освен тоа, за да може да ги извршуваат своите функции, протеинските молекули мора да бидат склопени во точно определен тродимензионален облик. Некои научници дошле до заклучок дека шансите случајно да се формира макар и еден протеински молекул се бескрајно мали. Физичарот Пол Дејвис напишал: „Со оглед на тоа што се потребни илјадници различни протеини за да може една клетка да функционира, нема никаква основа да претпоставиме дека тие настанале сосема случајно“.

ЗАКЛУЧОК. По децении истражувања на речиси сите полиња од науката, останува фактот дека живот произлегува само од претходно постоечки живот.

 2 Како настанале живите суштества?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ: Преку случајни мутации и по пат на природна селекција, првиот жив организам постепено се развивал во најразлични животни облици, во кои спаѓа и човекот.

ЗОШТО НЕКОИ ЛУЃЕ НЕ СЕ ЗАДОВОЛНИ СО ТОЈ ОДГОВОР: Некои клетки се посложени од други. Според едно стручно дело, начинот на кој поедноставните клетки се развиваат во посложени „обично се смета за втора најголема мистерија на еволуцијата, веднаш по онаа за потеклото на животот“.

Научниците откриле дека во секоја клетка има сложени молекуларни механизми составени од протеински молекули кои соработуваат за да извршат сложени задачи. Овие задачи вклучуваат пренесување на хранливи материи и нивно претворање во енергија, поправање на делови од клетката и пренесување на пораки низ целата клетка. Дали таквите неверојатно сложени компоненти можат да се соединат и да функционираат како резултат на случајни мутации и природна селекција? На многумина им е тешко да прифатат такво нешто.

Развојот на луѓето и животните започнува со една единствена оплодена јајце-клетка. Во ембрионот, клетките се размножуваат и на крајот се специјализираат, при што добиваат различни облици и функции за да формираат различни делови од телото. Еволуцијата не може да објасни како секоја клетка „знае“ што да стане и каде во организмот треба да биде.

Сега научниците сфаќаат дека, за еден вид животно да се развие во друг вид животно, треба да се случат промени во самата клетка, и тоа на молекуларно ниво. Бидејќи научниците не можат да докажат како со еволуција може да настане дури и „наједноставна“ клетка, разумно ли е да се заклучи дека различните видови животни што постојат на нашата планета се резултат на случајни мутации и природна селекција? Во врска со структурата на животните, професорот по биологија Мајкл Бихи вели дека, иако истражувањата „откриле неочекувана, извонредна сложеност, не е постигнат никаков напредок во однос на прашањето како таа сложеност еволуирала преку процеси што не ги води никаква интелигенција“.

Човекот е свесен за своето постоење и за постоењето на светот околу себе, има способност да мисли и да донесува заклучоци и поседува морални особини како, на пример, дарежливост, самопожртвуваност и чувство за исправно и погрешно. Овие исклучителни обележја на човечкиот ум не можат да се објаснат со случајни мутации и природна селекција.

ЗАКЛУЧОК. Иако многумина упорно тврдат дека еволуцијата е непобитен факт, има луѓе што не се задоволни со одговорите што ги дава таа за потеклото и развојот на животот.