Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јануари 2015

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ

Како да не избувнеш

Како да не избувнеш

ПРЕДИЗВИК

„Ѝ се развикав на сестра ми и толку силно ја турнав вратата што кваката направи дупка во ѕидот. Таа дупка остана и ме потсетуваше на тоа колку незрело постапив“ (Дајан). *

„Налутено извикав ‚Ти си најлошиот татко!‘ и ја треснав вратата. Но, токму пред да се затвори, го видов тажното лице на татко ми и во истиот момент се покајав за тоа што му го кажав“ (Лорен).

Дали некогаш и ти си постапил како Лорен и Дајан? Ако да, оваа статија може да ти биде од помош.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Ако си избувлив, ќе те бие лош глас. „Порано си мислев дека другите едноставно треба да се помират со тоа дека по природа сум избувлива“, вели Бриана, која сега има 21 година. „Но, со текот на времето увидов дека, кога некој не знае да се контролира, изгледа многу глупаво. Тоа ме освести — сфатив дека и јас им изгледам така на другите.“

Библијата вели: „Кој се гневи брзо, прави глупости“ (Изреки 14:17).

Како што луѓето бегаат од ерупција на вулкан, така бегаат и од оној што често избувнува

Поради избувливоста, другите би можеле да почнат да те избегнуваат. „Ако не се контролираш, паѓаш ниско во свои очи, а ја губиш и почитта од другите“, вели 18-годишниот Даниел. Со него се согласува и Илејн, која исто така има 18 години. Таа вели: „Оние што се избувливи не се пријатно друштво. Луѓето се плашат од нив“.

Библијата вели: „Не дружи се со оној што е склон кон лутина и не оди со човек кој лесно се разгневува“ (Изреки 22:24).

Можеш да се промениш. „Не можеш секогаш да влијаеш врз тоа како ќе се чувствуваш во одредена ситуација, но можеш да влијаеш врз тоа како ќе ги изразиш чувствата. Не мора да избувнеш“, кажува 15-годишната Сара.

Библијата вели: „Кој е бавен на гнев, подобар е од силниот човек, и кој владее со себеси, подобар е од оној што освоил град“ (Изреки 16:32).

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Постави си цел. Наместо да велиш: „Едноставно таков сум“, одреди си еден период, на пример од околу шест месеци, и труди се за тоа време да се подобриш. Во текот на тој период, води евиденција за твојот напредок. Секогаш кога ќе се изнервираш, запиши: 1) што се случило, 2) како си реагирал и 3) како ќе било подобро да си реагирал — и зошто. Потоа постави си цел да реагираш така следниот пат кога нешто ќе те изнервира. Предлог: Запишувај си ги и успесите! Напиши колку убаво си се чувствувал затоа што си успеал да се совладаш. (Библиско начело: Колошаните 3:8.)

Пред да реагираш изброј до десет. Кога некој или нешто ќе те налути, немој да го кажуваш првото нешто што ќе ти падне на памет. Наместо тоа, почекај. Ако треба, диши длабоко. Ерик, кој има 15 години, вели: „Кога ќе вдишам длабоко, имам време да размислам пред да направам или да кажам нешто за што подоцна ќе се каам“. (Библиско начело: Изреки 21:23.)

Гледај пошироко на работите. Понекогаш можеш да се разгневиш затоа што ја гледаш работата само од еден агол — од оној што те засега тебе. Обиди се да ја земеш предвид и другата страна на работите. Една девојка по име Џесика вели: „Дури и кога другите се многу груби, обично има некое објаснување што може да ми помогне да покажам барем малку разбирање“. (Библиско начело: Изреки 19:11.)

Ако е потребно, замини си. Библијата вели: „Пред да избие караницата, оддалечи се“ (Изреки 17:14). Како што покажува овој стих, кога ситуацијата е напната, понекогаш е најдобро да си заминеш. Потоа, наместо да размислуваш за она што се случило и да дозволиш да те обземе гнев, почни да правиш нешто друго. „Физичките вежби ми го намалуваат стресот и ми помагаат да не избувнувам“, вели младата Даниела.

Научи да преминуваш преку работите. Библијата вели: „Ако се вознемирите, немојте да грешите! Задржете ги зборовите во своето срце... и молчете“ (Псалм 4:4). Забележи дека не е погрешно да се случи да се изнервираш. Но, прашањето е: што ќе направиш потоа? „Ако им дозволиш на другите да те испровоцираат, си им дозволил и да те контролираат. Зошто не покажеш зрелост и не преминеш преку тоа?“, вели еден млад човек по име Ричард. Така, ти ќе го контролираш гневот наместо да дозволиш тој да те контролира тебе.

^ пас. 4 Некои имиња во оваа статија се сменети.