Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  декември 2014

 ИНТЕРВЈУ | СТИВЕН ТЕЈЛОР

Професор по финансиско сметководство зборува за својата вера

Професор по финансиско сметководство зборува за својата вера

Професор Стивен Тејлор предава и врши истражувања на Технолошкиот универзитет во Сиднеј (Австралија). Тој го изучува работењето на пазарите на хартии од вредност и истражува како можат тие ефикасно да се регулираат. Разбудете се! разговараше со него за тоа како неговата истражувачка дејност влијае врз неговите религиозни убедувања.

Кажете ни нешто за себе.

Моите родители беа побожни, чесни и трудољубиви луѓе. Ме поттикнуваа да стекнам добро образование, па така се запишав на студии по економија на Универзитетот во Нов Јужен Велс. Увидов дека ме привлекува истражувањето и затоа решив да градам академска кариера.

Со какви истражувања сте се занимавале?

Посебно сакав да сфатам како функционираат берзите. Берзите им овозможуваат на луѓето да купуваат и да продаваат акции од разни компании, а компаниите потоа ги користат тие средства за да го водат својот бизнис. Меѓу другото, истражувам кои фактори влијаат врз цената на акциите на компаниите.

Можете ли да ни дадете некој пример?

Компаниите мора редовно да даваат извештај за својот профит. Инвеститорите ги разгледуваат овие извештаи за да проценат како стои компанијата во финансиски поглед. Меѓутоа, некои методи кои се користат за да се извести профитот не се стандардизирани. Некои критичари сметаат дека ова е дупка во системот што им овозможува на компаниите да ја сокријат својата вистинска вредност и профитабилност. Како инвеститорите може да добијат точни и целосни информации? Какви факти им се потребни на регулаторите за да се погрижат берзите чесно да работат? Со колегите моментално се трудиме да најдеме одговор на овие важни прашања.

 Какво е Вашето религиозно потекло?

Со родителите редовно одев во презвитеријанска црква, но како тинејџер изгубив интерес за религијата. Верував дека постои Творец и ја почитував Библијата, но сметав дека религијата не може да ти помогне во животот. На верските собирања гледав повеќе како на прилики за дружење. Во Европа, посетив неколку големи цркви и се прашував зошто во нив има толку богатство, а светот тоне во сиромаштија. Таа разлика ми беше неприфатлива и затоа станав прилично скептичен во врска со религијата.

Што Ве поттикна да го смените мислењето?

Жена ми, Џенифер, почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и да оди на нивните состаноци. Си реков дека е добро и јас да одам со неа за да видам какви луѓе се тоа. За кратко време сфатив дека не знам речиси ништо за Библијата. Тоа ми беше вистински шок! Па така и јас почнав да ја проучувам Библијата со Сведоците.

Многу ми се допадна начинот на кој Сведоците проучуваат. Поставуваат прашања, бараат и анализираат докази и потоа донесуваат логични заклучоци — методи што и самиот ги користев во моите академски истражувања! Во 1999 год., неколку години после Џенифер, и јас се крстив како Јеховин сведок.

Дали Вашите знаења од економијата Ви ја зголемија довербата во Библијата?

Дефинитивно. На пример, со Законот што Бог им го дал на древните Израелци биле опфатени и економски проблеми за кои денешните економисти немаат решение. Законот налагал Израелците да издвојуваат за сиромашните дел од она што ќе го произведат (еден вид оданочување и осигурување), да им даваат на сиромашните заеми без камата (можност да се добие кредит) и на секои 50 години да им ја вратат наследената земја на првобитните сопственици (заштита на имотните права) (3. Мојсеева 19:9, 10; 25:10, 35-37; 5. Мојсеева 24:19-21). Овие и други одредби во врска со економски прашања им помагале на луѓето на три важни начини: 1) биле згрижени кога имале финансиски проблеми, 2) им овозможувале да застанат на нозе по долгогодишна сиромаштија и 3) ја смалувале економската нееднаквост — и сето ова се постигнувало повеќе од 3.000 години пред раѓањето на економијата како наука!

Освен тоа, Библијата ги учи луѓето да размислуваат и да постапуваат на начин кој придонесува за поголема економска безбедност. На пример, таа поучува да бидеме чесни, достојни за доверба, сочувствителни и дарежливи (5. Мојсеева 15:7-11; 25:15; Псалм 15). Интересно е тоа што, по неодамнешната светска економска криза, некои економски училишта и организации почнаа да бараат од компаниите и економистите да ветат дека ќе се држат за извесни етички мерила. Јас лично сметам дека библиските морални мерила се далеку подобри од тие деловни кодекси.

Како верата влијаеше врз Вас лично?

Проучувањето на Библијата е најдобрата „инвестиција“ што некогаш сум ја направил

Па, Џенифер вели дека сега сум поразумен. Претходно бев перфекционист и на работите гледав црно-бело. Можеби затоа и добро ми одеше со принципите на сметководството! Но, библиските начела дефинитивно ми помогнаа да бидам поурамнотежен. Сега сум посреќен, а и моето семејство е посреќно. Исто така, со радост им кажуваме и на други колку мудри и практични совети содржи Библијата. Проучувањето на Библијата е најдобрата „инвестиција“ што некогаш сум ја направил.