Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  декември 2014

Поглед во светот

Поглед во светот

Израел, Јордан и Палестина

Годишно, нивото на Мртвото Море опаѓа за речиси 1 метар. Некои се плашат дека до 2050 год. ова езеро целосно ќе се исуши. Властите се трудат да најдат решение. Една опција што се разгледува е десалинизација на водата од Црвеното Море која ќе може да се користи за пиење, а потоа остатокот од водата збогатена со соли преку цевковод да биде насочена кон Мртвото Море. Противниците на оваа идеја стравуваат дека со тоа може да се уништи уникатниот екосистем на Мртвото Море.

Германија

Како што покажува истражувањето на една осигурителна компанија, најмногу пациенти со срцев удар завршуваат во болница на Божиќ — околу една третина повеќе отколку во кое и да било друго време од годината. Од компанијата велат дека главните причини за ова се големиот стрес додека се бараат божиќни подароци и неразумно високите очекувања од страна на семејството и пријателите.

Британија

Британските научници објавија дека еден мекотел од Исланд за кој се мислеше дека е стар околу 405 години, всушност, имал 507 години во моментот на неговата предвремена смрт во 2006 год. Според тоа, оваа школка е најстарото животно * за кое се знае. Таа умрела кога истражувачите ја замрзнале за да ја пренесат до лабораторијата.

Латинска Америка и Карибите

На самитот во Хавана (Куба) што се одржа на почетокот од оваа година, 33-те земји-членки на Заедницата на латиноамерикански и карипски земји ги прогласија своите територии за ‚зона на мирот‘ и се согласија да ги решаваат меѓусебните конфликти без употреба на сила. На самитот присуствуваше и генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун.

^ пас. 7 Во овој случај, со изразот „најстарото животно“ не се опфатени организмите што живеат во колонии, како што се коралите, за кои се смета дека се стари илјадници години.