Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  декември 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Што треба да знаеш за менталните нарушувања

Што треба да знаеш за менталните нарушувања

„Не можев да дишам“, вели Клаудија за моментот кога ѝ било кажано дека има биполарно растројство и посттрауматско стресно нарушување. „Ме плашеше помислата дека ќе бидам отфрлена затоа што имам ментална болест.“

„Ми требаше многу време за да се помирам со новата ситуација“, вели Марк, сопругот на Клаудија. „Но, сфатив дека е најважно да ѝ дадам поддршка на жена ми.“

КАКО би се чувствувал ако кај тебе или кај некој што го сакаш е дијагностицирано ментално нарушување? За среќа, менталните болести можат да се лекуваат. Да разгледаме неколку работи што треба да ги знаеш за да добиеш поцелосна слика за менталните нарушувања. *

 Важни факти за менталното здравје

„Од ментални нарушувања страдаат стотици милиони луѓе во светот, а тоа се одразува и врз нивните најблиски. Во некој период од својот живот, секој четврти човек ќе се соочи со ментално нарушување — или самиот ќе биде во таква состојба или некој негов близок. Во светски рамки, најчесто ментално нарушување е депресијата. Меѓу најтешките нарушувања се шизофренијата и биполарното растројство... И покрај тоа што се засегнати огромен број луѓе, менталните нарушувања сѐ уште се табу-тема, не им се посветува соодветно внимание и се предмет на дискриминација“ (Светска здравствена организација — СЗО).

Според СЗО, мнозина од оние што имаат ментално нарушување не бараат стручна помош од страв дека ќе бидат отфрлени од околината.

Иако повеќето ментални нарушувања можат да се лекуваат, минатата година во САД, околу 60 отсто од возрасните и речиси 50 отсто од младите помеѓу 8 и 15 години кои имаат ментално нарушување не добиле медицинска помош, велат од Националниот сојуз на лица со ментални нарушувања.

 Увид во менталните нарушувања

Што е ментална болест? Експертите го дефинираат поимот „ментално нарушување“ како сериозно пореметување во размислувањето, однесувањето и емоциите. Оној што има ментално нарушување обично не може да воспостави нормални односи со другите и да се носи со секојдневните проблеми.

Менталните нарушувања не се резултат на лична слабост или карактерна мана

Симптомите може да се разликуваат според времетраењето и според интензитетот. Тоа зависи од човекот и од неговата состојба и околности. Менталните нарушувања не разликуваат пол, возраст, култура, раса, религија, степен на образование или економска состојба. Тие не се резултат на лична слабост или карактерна мана. Со соодветна стручна помош, лицата со вакви нарушувања може да се лекуваат и да водат продуктивен и исполнет живот.

Лекување на менталните нарушувања

Голем број од менталните нарушувања можат успешно да се лекуваат. Затоа, првиот важен чекор е да се добие точна дијагноза од искусен професионалец за ментално здравје.

Меѓутоа, за некој да има корист од лекувањето, мора да го прифати. Можеби ќе мора да ја победи одбивноста да зборува со други за својата ментална болест. Еден аспект од лекувањето може да биде редовно советување со професионалец за ментално здравје кој може да му помогне на пациентот подобро да ја разбере својата болест, да научи да ги решава секојдневните проблеми и да сфати дека е неопходно да продолжи со лекувањето. При советувањето, важна улога може да игра некој од семејството или пријател, кој ќе му даде поддршка и охрабрување на пациентот.

Мнозина научиле да живеат со своето ментално нарушување откако дознале нешто повеќе за него и се придржувале за препишаната терапија. Марк, цитиран претходно, вели: „Пред да ѝ биде утврдена дијагнозата на жена ми, не знаевме речиси ништо за менталните болести. Но, сфативме дека мораме да се концентрираме на новата ситуација и да се приспособиме на неа. Освен тоа, многу ни помага и поддршката од стручните лица, од семејството и од пријателите“.

Првиот важен чекор е да се добие точна дијагноза од искусен професионалец за ментално здравје

Клаудија се согласува со Марк. Таа вели: „Кога сфатив дека имам ментално  нарушување, се чувствував како во кафез. Точно е дека болеста и на двајцата ни наметнува ограничувања. Сепак, увидов дека можеме да надминеме и навидум несовладливи пречки. Успевам да живеам со мојата болест со помош од моите лекари и специјалисти, со тоа што одржувам добри односи со другите и се концентрирам на сегашноста“.

Духовното здравје е многу важно

Библијата не вели дека духовноста е лек за здравствените проблеми. Сепак, зборовите од Божјата Реч им се извор на голема утеха и сила на многу семејства низ целиот свет. На пример, таа нѐ уверува дека нашиот добар Творец сака да ги утеши оние што се „скршени во срцето“ и „со скршен дух“ (Псалм 34:18).

Иако Библијата не е медицински прирачник, во неа наоѓаме практични совети што можат да ни помогнат да се избориме со негативните емоции и стресните ситуации. Таа ни дава и надеж дека наскоро луѓето ќе живеат на Земјата без болести и болки. Божјата Реч ветува: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите. Тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 35:5, 6).

^ пас. 5 Заради доследност, во оваа статија со изразот „ментално нарушување“ се опфатени и менталните болести, како и психичките растројства и нарушувањата во однесувањето.

^ пас. 32 Разбудете се! не се залага за некој посебен начин на лекување. Меѓутоа, христијаните треба да се уверат дека начинот на лекување што ќе го изберат не ги прекршува библиските начела.

^ пас. 40 Види ја и статијата „Како да се справиме со стресот“ во Разбудете се! од мај 2014 год.