Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  декември 2014

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Како да се најде компромис

Како да се најде компромис

ПРЕДИЗВИК

Ти сакаш едно, а твојот сопружник друго. Што да се прави во таква ситуација? Реално гледано, има најмалку три опции:

  1. Би можел тврдоглаво да си стоиш на своето додека не го добиеш она што го сакаш.

  2. Би можел без збор да се подложиш на желбите на сопружникот.

  3. И двајцата би можеле да направите компромис.

‚Ама компромисот не е решение‘, можеби ќе речеш. ‚Така никој не го добива она што го сака!‘

Меѓутоа, компромисното решение не мора да значи и двајцата да останете со празни раце — се разбира, ако до компромис дојдете на исправен начин. Но, пред да разгледаме како да се дојде до компромис, треба да знаеш неколку работи во врска со оваа важна вештина.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

За компромис е потребна соработка. Можеби пред да стапиш во брак си бил навикнат за сѐ сам да одлучуваш. Ама сега работите се сменети и затоа и ти и твојот брачен другар бракот мора да го ставите пред своите лични желби. Немој да мислиш дека ова е нешто лошо. Размисли за позитивните страни. „Две глави се поумни од една. Затоа треба да се земат предвид предлозите на двајцата и да се најде заедничко решение“, вели една сопруга по име Александра.

За компромис е потребен отворен ум. „Не мора да се согласиш со сѐ што ќе рече твојот брачен другар или со секое негово мислење, но мораш непристрасно да размислиш за неговото гледиште“, пишува брачниот советник Џон М. Готман. „Кога твојот сопружник се труди да најдете решение за некој проблем, а ти не сакаш да земеш предвид ништо од она што го кажува, нема ништо да постигнете.“ *

За компромис е потребна самопожртвуваност. Никој не сака да живее со брачен партнер чие мото е: или по мое или никако. Многу подобро е кога и двајцата сопружници се самопожртвувани. „Понекогаш правам отстапки за да му угодам на маж ми, ама па другпат тој го прави истото за мене“, вели една сопруга по име Џун. „Суштината на бракот е тоа — не само да земаш туку и да даваш.“

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Дај му исправен правец на разговорот. Со каков тон ќе почнеш некој разговор, обично со таков и ќе го завршиш. Ако почнеш со груби зборови, многу помали се шансите на мирен начин да дојдете до компромис. Затоа следи го библискиот совет: „Облечете се во... сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12). Таквите особини ќе ви помогнат да не се карате и да најдете решение прифатливо за двајцата. (Библиско начело: Колошаните 4:6.)

Концентрирај се на она за што се сложувате. Ако вашите обиди да дојдете до компромис обично завршуваат со кавга, причината е можеби тоа што премногу се концентрирате на она за што не се согласувате. Наместо тоа, утврдете за кои работи се согласувате. Еве еден предлог:

Секој од вас нека направи список со две колони. Во првата колона напишете од кои работи не сте спремни да отстапите лесно, а во втората за кои работи сте спремни на компромис. Потоа разговарајте за она што сте го напишале. Можеби ќе видите дека работите што сте ги напишале во првата колона прилично ви се поклопуваат. Во таков случај, нема да ви биде тешко да најдете компромисно решение. Но, дури и да не се поклопуваат, тоа што го имате проблемот на хартија ќе ви помогне подобро да ја согледате ситуацијата.

Слободно нека течат предлози. За некои работи може релативно лесно да се најде решение. Но, кога станува збор за нешто покомплицирано, брачните партнери можат многу да постигнат со тоа што секој слободно ќе дава предлози кои на крајот ќе водат до заедничко решение, до кое инаку не би дошле. Ваквиот пристап уште повеќе им ја зајакнува врската. (Библиско начело: Проповедник 4:9.)

Биди спремен да го промениш својот став. Библијата вели: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Кога брачните партнери се сакаат и се почитуваат, спремни се да го земат предвид мислењето на другиот — па дури и да го сменат своето. Еден сопруг по име Камерон вели: „Што се однесува до тебе, некои работи не би ги правел, но ги правиш од љубов кон другиот, а со текот на времето дури и ќе ги засакаш“. (Библиско начело: 1. Мојсеева 2:18.)

^ пас. 12 Од книгата The Seven Principles for Making Marriage Work.

Нешто повеќе

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Како да престанат кавгите

Дали ти и твојот брачен другар постојано се карате? Прочитај кои библиски начела ќе ви помогнат.

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Како можеш да имаш среќен семеен живот

Со љубовта што ја покажувал, Исус им дал пример на мажите, жените, родителите и децата. Што може да научиме од него?