Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  октомври 2014

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Религиозни предмети

Религиозни предмети

Милиони луѓе им оддаваат почит на религиозни предмети затоа што веруваат дека на тој начин му служат на Бог. Но, што вели Библијата во врска со тоа? Дали Бог го прифаќа овој обичај?

Дали верните Евреи од библиски времиња обожавале религиозни предмети?

„Немој да си правиш режан лик, ниту што и да е друго што личи на она што е горе на небото, или долу на земјата, или во водите под земјата. Немој да им се клањаш, ниту да им служиш“ (2. Мојсеева 20:4, 5)

Обожавањето религиозни предмети е осудено насекаде во Хебрејските списи, општопознати како Стар Завет.

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ ИЗВОРИ:

Според една католичка енциклопедија, Евреите имале голем број религиозни предмети „кои ги почитувале и ги обожавале“ (New Catholic Encyclopedia). Како пример, оваа енциклопедија ги наведува резбите на кои биле претставени овошја, цветови и животни и кои го краселе храмот во Ерусалим (1. Царевите 6:18; 7:36).

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ:

Спротивно на ова тврдење, верните Евреи не ги обожавале резбите во храмот. Всушност, никаде во Библијата нема да прочитаме дека некој верен Израелец обожавал религиозни предмети.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

„Никому нема да му ја дадам својата слава“, рекол Бог преку пророкот Исаија, „ниту на режаните ликови својата фалба“ (Исаија 42:8).

 Дали првите христијани обожавале религиозни предмети?

„Како се сложува Божјиот храм со идолите?.. Повеќе не допирајте ништо што е нечисто“ (2. Коринќаните 6:16, 17)

Во една книга за историјата на христијанската црква пишува: „Првите христијани не ни помислувале да ставаат религиозни предмети во црквите, а да се клањаат или да се молат на такви предмети за нив било рамно на идолопоклонство“ (History of the Christian Church)

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ ИЗВОРИ:

„Неоспорно е дека првите христијани користеле религиозни предмети“, пишува во New Catholic Encyclopedia. „Христијанските катакомби се вистински збирки на ранохристијанска уметност... По ѕидовите на овие свети гробници можат да се видат дури и митолошки ликови“. *

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ:

Најстарите слики во овие катакомби — подземни ходници во кои се погребувале мртвите — датираат од третиот век, односно 200 години по смртта на Исус. Значи, кога New Catholic Encyclopedia зборува за „првите христијани“, не се мисли на Христовите ученици од првиот век за кои читаме во Христијанските списи, општопознати како Нов Завет. Тоа што во катакомбите има такви слики едноставно покажува дека до третиот век, номиналните христијани веќе го прифатиле паганскиот обичај да се користат слики и други религиозни предмети, најверојатно за да привлечат нови верници. *

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

„Бегајте од идолопоклонство!“ (1. Коринќаните 10:14).

Треба ли религиозните предмети да се користат како посредници помеѓу луѓето и Бог?

„Чувајте се од идоли!“ (1. Јованово 5:21)

Обожавањето на религиозни предмети нема никаква поткрепа во Библијата. Токму затоа, Јеховините сведоци не обожаваат религиозни предмети ниту, пак, имаат такви предмети во своите домови или во своите верски објекти.

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ ИЗВОРИ:

„Кога се обожава некој религиозен предмет, всушност, се обожава личноста што ја претставува тој предмет“, пишува во New Catholic Encyclopedia. „Според тоа, во ред е обожавањето што го заслужува личноста да му се упати на предметот со која таа е претставена.“

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ:

Кога Исус ги поучил своите следбеници како да се молат, тој не им рекол притоа да користат религиозни предмети. Самиот концепт Бог да се обожава преку религиозни предмети го нема никаде во Христијанските грчки списи.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

„Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му“ (Матеј 4:10).

^ пас. 13 Изразот „религиозни предмети“ укажува на слики, икони, кипови, симболи и сѐ друго што се обожава.

^ пас. 14 Слики и други религиозни предмети се користеле во многу древни култури, меѓу кои и Египет, Грција и Индија.