Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  септември 2014

 ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Прогонот на Морискосите

Прогонот на Морискосите

Се вели дека црквата имала силно влијание врз трагичните настани од оваа приказна која се одвивала во Шпанија. Тоа е приказна што вреди да се раскаже.

ШПАНСКАТА монархија сакала да создаде христијанска држава под еден закон. Морискосите, кои живееле во Шпанија, биле сметани за неверници и на нивното присуство се гледало како на голем грев пред Бог. По долги години, била донесена одлука во врска со нив. Кое било решението? Да бидат протерани од земјата! *

ПРИНУДНО ПРЕОБРАЌАЊЕ

Маврите во Шпанија — малцинство со муслиманска вероисповед — стотици години живееле во релативен мир на подрачјата под католичка власт. Извесно време законот дозволувал да си имаат свои закони и обичаи и им гарантирал слобода на вероисповед.

Но во 1492 год., кралот Фердинанд II и кралицата Изабела, кои биле католици, ја освоиле Гранада, последниот дел од Пиринејскиот Полуостров кој сѐ уште бил под муслиманска управа. На муслиманите во Гранада им било ветено дека, доколку се предадат, ќе ги имаат истите права како и сите Маври во Шпанија. Но, за кратко време, католичките водачи почнале сѐ повеќе да ги прогонуваат муслиманите под нивна власт и да им вршат притисок да се преобратат. Ваквиот прекршок на  претходните договори ги изреволтирал Маврите и, во 1499 год., тие кренале востание. Шпанската војска го задушила востанието, а потоа, од едно место во друго, почнал да се врши притисок врз муслиманите или да ја сменат верата или да се иселат. Оние што станале католици и останале во Шпанија биле наречени Морискоси.

„НЕ СЕ НИТУ ВИСТИНСКИ ХРИСТИЈАНИ НИТУ ВЕРНИ ПОДАНИЦИ“

Во 1526 год., во Шпанија бил забранет исламот, но многу Морискоси тајно продолжиле со обичаите од својата религија. Повеќето од нив го сочувале својот културен идентитет.

Морискосите биле католици само на збор. На почетокот тоа се толерирало бидејќи вршеле важна улога во општеството како занаетчии, мајстори, работници и даночни обврзници. Па сепак, тоа што повеќето од нив одбивале да се асимилираат довело до предрасуди и од страна на властите и од страна на обичниот народ. Таквите предрасуди веројатно биле подгревани од црквата која сѐ повеќе се сомневала дали Морискосите се вистински католици.

За кратко време, на толеранцијата ѝ дошол крај. Во 1567 год., кралот Филип II го забранил јазикот на Морискосите, како и нивните носии, обичаи и традиции. Ова дало повод за ново востание и нови крвопролевања.

Се проценува дека околу 300.000 Морискоси доживеале големо страдање кога биле присилени да ја напуштат Шпанија

Според историчарите, владетелите на Шпанија биле убедени дека „Морискосите не се ниту вистински христијани ниту верни поданици“. Од таа причина, биле обвинети дека заедно со непријателите на Шпанија — берберските пирати, француските протестанти и Турците — коваат заговор за инвазија. Предрасудите кон Морискосите и стравот дека тие еден ден ќе станат предавници воделе до тоа кралот Филип III во 1609 год. да донесе одлука да бидат протерани. * Во годините што следеле, луѓето за кои постоело сомневање дека се Морискоси биле прогонувани. На ваков срамен начин, Шпанија во тоа време станала „чиста“ католичка земја.

^ пас. 4 Морискоси на шпански значи „мали Маври“. Историчарите го користат овој израз за да укажат на луѓето со муслиманско потекло кои станале католици и останале на Пиринејскиот Полуостров и после 1492 год., кога пропаднало последното муслиманско царство на тоа подрачје.

^ пас. 12 Историчарите шпекулираат и дека најмалку еден владетел на Шпанија стекнал голем имот откако им биле одземени имотите на Морискосите.