Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јули 2014

 ИНТЕРВЈУ | ВЕНЛОНГ ХЕ

Експериментален физичар зборува за својата вера

Експериментален физичар зборува за својата вера

ВЕНЛОНГ ХЕ студирал физика во Сучоу, во провинцијата Џиангсу (Кина). Тој е еден од уредниците на едно меѓународно списание за технологија и има објавено доста трудови во научна литература. Моментално работи на Универзитетот Стратклајд во Шкотска. Како млад, верувал во еволуција, но подоцна се уверил дека животот е дело на мудар Творец. Разбудете се! зборуваше со него за неговата вера.

Ќе сакате ли да ни кажете нешто за Вас?

Роден сум во 1963 год. и пораснав во Кина, во едно село јужно од реката Јангце во провинцијата Џиангсу. Тоа е суптропска област позната по производството на храна, и затоа често се нарекува земја на оризот и рибата. Како дете, се прашував зошто природата ни дава толку видови вкусна храна. Дали настанале случајно? Што е прво — јајцето или кокошката? Бидејќи во Кина преовладува атеизмот, на училиште учевме за еволуција.

Кажете ни нешто за Вашето семејство.

Моите родители беа атеисти. Мајка ми се занимаваше со земјоделство, а татко ми работеше како архитект и имаше градежна фирма. Јас сум најстар од петте браќа. За жал, двајца од нив умреа млади. Тоа многу ме погоди. Се прашував зошто умираме и дали некогаш повторно ќе ги видам моите браќа.

Зошто се одлучивте за наука?

Сакав да студирам физика бидејќи бев фасциниран од светот на природата и мислев дека можеби физиката го има одговорот на прашањата што си ги поставував уште како дете.

Со какви истражувања се занимавате?

Истражувам на кои начини наелектризираните честички може да добијат забрзување со кое ќе достигнат брзина приближна до брзината на светлината. Целта на ваквите истражувања е да се проучи структурата на атомите. Истражувам и како да  се создаде силно зрачење со фреквенција помеѓу онаа на микробрановото и инфрацрвеното зрачење. Точно, тоа што го работам има комерцијална примена, но поврзано е и со мојата желба да сфатам како настанала вселената.

Како се заинтересиравте за Библијата?

Во 1998 год., двајца Јеховини сведоци ни дојдоа на врата. Ме прашаа дали би сакал да видам каков одговор дава Библијата на моите прашања. Ни се придружи и жена ми Хуаби, која исто така е научник. Никогаш претходно немавме видено Библија. Меѓутоа, практичните совети запишани во неа ни оставија голем впечаток. Брачниот пар Сведоци што нѐ посетуваа живееја според библиските начела и затоа беа среќни и водеа едноставен живот. Но, она што Библијата го кажува за Бог ме поттикна повторно да размислам дали, сепак, е можно вселената да била создадена. Како физичар, моја работа е да ја сфатам природата. Затоа решив внимателно да ги разгледам фактите.

Како физичар, моја работа е да ја сфатам природата. Затоа решив внимателно да ги разгледам фактите

На кои факти мислите?

Прво, знаев дека еден затворен систем не може да стане поорганизиран или да остане организиран без надворешно влијание. Тоа е вториот закон на термодинамиката. Бидејќи во вселената владее ред од највисок степен и бидејќи животот на Земјата е прецизно организиран, заклучив дека вселената и Земјата мора да настанале под надворешно влијание, дека се производ на Творец. Второ, очигледно е дека тие се создадени со конкретна цел — да го одржуваат животот.

Какви докази најдовте за постоењето на Творец?

Речиси сѐ живо на Земјата зависи од сончевата енергија. Оваа енергија се движи низ вселената како зрачење, а на Земјата доаѓа во широк спектар на бранови должини. Најкратки се смртоносните гама зраци. Потоа следуваат рендгенските и ултравиолетовите зраци, видливата светлина, инфрацрвените зраци, микробрановите, а на крајот од спектарот се радиобрановите кои се најдолги. Значајно е тоа што нашата атмосфера го блокира поголемиот дел од штетното зрачење, а до површината на Земјата го пропушта потребното зрачење.

Зошто ова толку Ве фасцинираше?

Вниманието ми го привлекоа уводните зборови на Библијата за создавањето и за светлината: „Бог рече: ‚Нека настане светлина‘. Тогаш настана светлина“. * Само околу половина од огромниот спектар на сончевото зрачење е видлива светлина, а светлината е неопходна за живот. На растенијата им е потребна за да создаваат храна, а нам ни е потребна за да гледаме. Не е можно способноста на атмосферата да пропушта светлина да е чиста случајност. Уште повпечатливо е тоа што до површината на Земјата доаѓа и сосема мала количина ултравиолетова светлина.

Зошто е тоа значајно?

Извесна количина ултравиолетово зрачење е од пресудна важност за нас. На пример, потребна ни е мала количина од ова зрачење за да може кожата да создава витамин D, кој е неопходен за здрави коски, а веројатно има улога и во заштитата од рак и од други болести. Меѓутоа, поголемо ултравиолетово зрачење предизвикува рак на кожата и катаракта. Во својот природен состав, атмосферата дозволува до површината на Земјата да дојде само мала количина ултравиолетово зрачење — точно толку колку што е потребно. За мене ова е доказ дека некој ја создал Земјата за да има живот на неа.

Со текот на времето, јас и Хуаби се уверивме дека постои Творец и дека Библијата е напишана под негово водство. Во 2005 год., станавме Јеховини сведоци. Сега и ние им ги пренесуваме на другите библиските учења.

Нешто повеќе

КНИГИ И БРОШУРИ

Дали животот е Божје дело?

Важно ли е што веруваш во врска со потеклото на животот?