Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јули 2014

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ

Бонтон за СМС-пораки

Бонтон за СМС-пораки

ПРЕДИЗВИК

Додека седиш и си правиш муабет со пријател, ти пристигнува СМС-порака. Што ќе направиш?

  1. А) Ќе ја прочиташ пораката додека зборуваш со пријателот.

  2. Б) Ќе му се извиниш, па ќе ја прочиташ пораката.

  3. В) Ќе ја игнорираш пораката и ќе продолжиш да си правиш муабет со пријателот.

Важно ли е која опција ќе ја избереш? Да!

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Да си праќаш пораки со еден пријател додека зборуваш со друг е како да го играш твојот омилен спорт без да се придржуваш за правилата. ‚Ама тоа ми се пријатели‘, можеби ќе речеш. Да, и баш затоа треба да си уште пообѕирен. Но, тоа не значи дека треба да си уштиркан и формален. Сепак, имај го на ум овој факт: Ако не си учтив со пријателите, кога-тогаш ќе ги изгубиш.

Зошто? Затоа што никој не сака со него да се постапува безобѕирно. Една девојка по име Бет * вели: „Многу ме нервира кога зборувам со некоја пријателка, а таа постојано го проверува мобилниот како да чека да се случи нешто поинтересно!“ Што мислиш, до кога Бет ќе толерира таква пријателка?

Размисли какви се твоите „мобилни“ манири и врати се пак на замислената ситуација во делот „Предизвик“. Која опција ти се чини најдобра? Веројатно веднаш ќе ја отфрлиш опцијата А. Но, што е со опциите Б и В? Дали сметаш дека е неучтиво да го прекинеш разговорот само за да ја провериш пораката? Или сметаш дека е неучтиво да игнорираш некоја порака само за да го продолжиш муабетот?

Ова покажува дека не може да се постават крути правила во поглед на манирите. Но, Библијата може да ни помогне. Во неа читаме: „Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31). Овој совет може да се примени и во врска со СМС-пораките. Како?

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Внимавај во кое време праќаш пораки. „Понекогаш доцна навечер ќе добијам порака за нешто банално, само колку да ми се расипе сонот!“, вели Ричард. Прашај се: ‚Праќам ли пораки кога луѓето можеби се одмораат?‘ (Библиско начело: Проповедник 3:1.)

Внимавај како се изразуваш. Комуникацијата вклучува зборови, модулација на гласот, изрази на лицето и гестови. За жал, кога праќаме пораки, повеќето од овие работи не се гледаат. Тогаш, што можеш да направиш? „Покажи општа култура“, вели една девојка по име Јасмина. „Прашај ‚како си‘ и користи зборови како ‚те молам‘ и ‚фала‘.“ (Библиско начело: Колошаните 4:6.)

Процени ја ситуацијата. Погледни ја пак замислената ситуација во делот „Предизвик“. Ако очекуваш некоја важна порака, можеби ќе биде потребно да се извиниш и да го прекинеш разговорот за да ја прочиташ. Но, обично пораката може да почека. „Телефонот не бега“, вели Ејми (17), „ама пријателот може и да си замине додека ти си праќаш пораки.“ Истото важи и кога си во друштво. „Немој нонстоп да праќаш пораки“, вели Џејн (18). „Со тоа како да им велиш на другите ‚досадно ми е со вас, би сакала да сум на друго место‘.“

Размисли пред да ја пратиш пораката. Би можело ли пораката да биде погрешно разбрана? Би можеле ли емотиконите да помогнат да се пренесе исправното чувство? „Ако се шегуваш за нешто, стави смајли“, вели Амбер (21). „Луѓето може да се навредат — а може да дојде дури и до кавга — затоа што некоја невина забелешка ќе ја сфатат сериозно.“ (Библиско начело: Изреки 12:18.)

Очигледно, многу е важно да покажуваме манири кога праќаме СМС!

Размисли: Темел за убавите манири е љубовта. Како се покажува оваа особина? Библијата вели: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува“ (1. Коринќаните 13:4, 5). На кој аспект од љубовта треба ти да поработиш?

^ пас. 11 Некои имиња во оваа статија се сменети.