Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јуни 2014

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Како да трошите разумно

Како да трошите разумно

ПРЕДИЗВИК

Банковните извештаи и сметките покажуваат дека парите некако ви се лизгаат од рака. Во брак сте само кратко, а веќе се мачите да врзете крај со крај. Кој е крив? Немојте веднаш да се напаѓате еден со друг. Не заборавајте дека сте тим и размислете поради кои фактори сте се нашле во таква состојба. *

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Период на привикнување. Ако пред да стапиш во брак си живеел со твоите, можеби не си навикнат да плаќаш сметки и да делиш трошоци. Освен тоа, можеби ти и брачниот другар имате различен став кон парите. На пример, едниот повеќе сака да троши, а другиот да штеди. На брачните другари им треба време за да се привикнат на новата ситуација и да изнајдат начин на кој ќе си ги организираат парите.

Ако ги игнорираме, долговите ќе станат како плевел во градина — само ќе растат и растат

Одолговлекување. Џим, кој сега е успешен бизнисмен, признава дека, кога се оженил, скапо го чинело тоа што не знаел да води сметка за парите. Тој вели: „Бидејќи не ги плаќав сметките навреме, моравме да платиме илјадници долари за камата. Останавме без пари!“

Безготовинско плаќање. Лесно е да потрошиш повеќе отколку што имаш кога не гледаш како ти ги снемува парите. Тоа обично се случува кога плаќаш со кредитна или дебитна картичка, кога купуваш преку Интернет и кога користиш електронски банкарски услуги. Освен тоа, и понудите за лесен кредит може да ги намамат младите брачни парови да претераат со трошењето.

Како и да е, парите може да бидат причина за многу главоболки во бракот. Во книгата Fighting for Your Marriage се вели: „Повеќето двојки ги наведуваат парите како главен проблем, сеедно колку имаат. Парите се најчестата причина за кавги“.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Соработувајте. Наместо да се обвинувате еден со друг, заеднички трудете се да трошите разумно. Договорете се никогаш да не дозволите да си ги расипете односите поради пари. (Библиско начело: Ефешаните 4:23.)

Направете си семеен буџет. Еден месец запишувајте ги сите трошоци што ќе ги направите, па дури и најмалите. Тоа ќе ви помогне да видите каде ви одат парите и кои ви се непотребни трошоци.

Направете список со неопходните трошоци, како што се трошоците за храна, облека, кирија или хипотека, трошоци за колата и слично. До секоја категорија напишете сума што сметате дека ќе ви треба за одреден период, на пример, за еден месец. (Библиско начело: Лука 14:28.)

„Кој зема на заем, слуга му е на оној што му го дава заемот“ (Изреки 22:7)

Секој месец одвојте си средства за одделни трошоци (храна, кирија, гориво итн.). Некои за ова си имаат одделни пликови, по еден за секоја категорија. * Ако им се намалат парите од некој плик, или престануваат да трошат од него или го дополнуваат со пари од друг плик.

Размислете за вашиот став кон материјалните работи. Среќата не зависи од тоа дали ќе го имаш најновото и најмодерното. Исус рекол: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Твоите навики на трошење покажуваат дали веруваш во овие зборови. (Библиско начело: 1. Тимотеј 6:8.)

Сменете нешто. Арон, кој е во брак две години, вели: „Во почетокот може да ти се чини дека можеш да си дозволиш да имаш кабелска или да јадеш во ресторани, ама долгорочно гледано, тоа може да те оптовари финансиски. Моравме да научиме да живееме со она што можеме да си го дозволиме“.

^ пас. 4 Иако оваа статија е наменета за нововенчаните, начелата важат за сите брачни парови.

^ пас. 14 Ако плаќаш електронски или со кредитна картичка, запишувај си ги трошоците и ливчето стави го во соодветниот плик.

Нешто повеќе

КНИГИ И БРОШУРИ

Кој е клучот за среќно семејство?

Јехова го основал семејството и тој знае што е потребно за семејствата да бидат среќни.