Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јуни 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Што е вистински пријател?

Што е вистински пријател?

НА 25 декември 2010 год., една 42-годишна жена од Британија оставила проштална порака на својот профил на една позната социјална мрежа. Нејзината порака звучела како очаен повик за помош. Иако оваа жена имала повеќе од илјада „пријатели“ на мрежата кои во моментот биле онлајн, ниту еден од нив не направил ништо за да ѝ помогне. Следниот ден полицијата го нашла нејзиното тело. Се предозирала со лекови.

Денес, современата технологија ни овозможува да имаме стотици, па дури и илјадници „пријатели“ на социјалните мрежи, а за тоа е доволно само да ги додадеме нивните имиња на листата со контакти. А кога повеќе не сакаме да бидеме „пријатели“ со некого, едноставно го бришеме неговото име од листата. За жал, трагичниот случај на жената од Британија ја отсликува денешната реалност — вистинските пријатели се реткост. Всушност, една понова анкета покажа дека, иако сме во контакт со повеќе луѓе од кога и да е порано, денес има сѐ помалку вистински пријателства.

Најверојатно и ти ќе се сложиш дека вистинските пријатели се многу важен дел од животот. Веројатно ќе се сложиш и дека не можеш да станеш вистински пријател со некого само со кликање линкови на компјутер или на мобилен. Какви пријатели сакаш да имаш? Како можеш ти да бидеш вистински пријател? Што е потребно за едно трајно пријателство?

Разгледај ги следниве четири важни начела, и размисли како библиските практични совети можат да ти помогнат да бидеш личност со која другите би сакале да бидат пријатели.

 1. Покажи му на другиот дека ти значи

Вистинското пријателство подразбира обврска. Со други зборови, вистинскиот пријател има чувство на одговорност кон тебе и ти го мисли доброто. Се разбира, во едно вистинско пријателство таквото чувство е заемно, што значи дека и од двете страни се очекува да вложат труд и да прават жртви. Но, сиот тој труд се исплаќа. Прашај се: ‚Спремен ли сум да правам жртви, да ги трошам моето време и средства за пријателите?‘ Не заборавај дека, за да имаш вистински пријатели, најпрвин треба ти да бидеш вистински пријател.

КАКВИ ПРИЈАТЕЛИ САКАМЕ

Ирене: „За да имаш убава градина, треба да посветиш време и внимание. Истото важи и за едно пријателство. Првиот чекор е и самиот да бидеш добар пријател. Покажи му на другиот колку ти значи и биди спремен да жртвуваш од своето време кога си му потребен“.

Луис Алфонсо: „Денешното општество просто ги тера луѓето да бидат егоисти. Затоа, многу ми значи кога пријателот е тука за мене без да очекува нешто за возврат“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА?

„Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним. Давајте, и ќе ви се даде“ (Лука 6:31, 38). Со овие зборови Исус нѐ поттикнува да бидеме несебични и великодушни. Великодушноста е темел за едно вистинско пријателство. Ако несебично правиш жртви за своите пријатели без да очекуваш нешто за возврат, ќе им биде мило што те имаат за пријател.

2. Научи добро да комуницираш

Без комуникација не може да има вистинско пријателство. Затоа, разговарај со своите пријатели за работи кои ви се заеднички. Кога пријателот сака да ти каже нешто, сослушај го и почитувај го неговото мислење. Секогаш кога е можно, пофали го и охрабри го. Понекогаш можеби ќе треба да го посоветуваш, па дури и да го исправиш за нешто, а тоа не е секогаш лесно. Меѓутоа, вистинскиот пријател има смелост да ти укаже на некоја сериозна грешка и тактично да ти понуди помош.

КАКВИ ПРИЈАТЕЛИ САКАМЕ

Хуан: „Вистинскиот пријател треба да се чувствува слободен да си го каже мислењето, но и да не се лути ако ти мислиш поинаку“.

Јунис: „Многу ценам пријатели кои одвојуваат време за мене и кои знаат да ме ислушаат, посебно кога имам некаков проблем“.

Силвина: „Вистинските пријатели те сакаат и затоа ќе ти ја кажат вистината — дури и кога знаат дека боли“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА?

„Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Добрите пријатели ценат кога сме спремни да ги сослушаме. Но, ако не им даваме на другите да дојдат до збор, оставаме впечаток дека нашето мислење е најважно. Затоа, внимателно слушај кога некој пријател сака да си го отвори срцето. Од друга страна, кога искрено ќе ти каже дека не правиш нешто како што треба, немој да се навредуваш. „Ударите на оној што те сака се израз на верност“, стои во Изреки 27:6.

 3. Имај реалистични очекувања

Колку поблиски стануваме со некого, толку полесно ги забележуваме неговите маани. Нашите пријатели не се совршени, ама не сме ни ние. Затоа, никогаш да не очекуваме ниту да бараме совршенство од нив. Напротив, да ги цениме нивните добри страни и да покажеме разбирање кога ќе згрешат.

КАКВИ ПРИЈАТЕЛИ САКАМЕ

Семјуел: „Обично од другите очекуваме повеќе отколку од себеси. Ако си признаеме дека и ние грешиме и дека и нам некој треба да ни прости, тогаш ќе бидеме поспремни и самите да простуваме“.

Даниел: „Мораме да се помириме со фактот дека нашите пријатели ќе ни згрешат. Кога ќе дојде до проблеми, добро е да ги решаваме брзо и да се трудиме да заборавиме“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА?

Простуваш ли спремно? (Колошаните 3:13, 14)

„Сите ние честопати грешиме. Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото тело“ (Јаков 3:2). Ако сме свесни за овој едноставен факт, тоа ќе ни помогне да имаме разбирање за нашите пријатели. Така ќе можеме да преминеме преку ситниците и слабостите што нѐ нервираат кај нив. Библијата вели: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого... Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:13, 14).

 4. Прошири го кругот на пријатели

Точно, треба да бираме со кого се дружиме. Но, тоа не значи дека треба да ги бираме пријателите според возраста или потеклото. Животот ќе ни биде многу побогат ако се дружиме со луѓе од најразлична возраст, култура и националност.

КАКВИ ПРИЈАТЕЛИ САКАМЕ

Унај: Да се дружиш само со луѓе на иста возраст или со исти вкусови како тебе е како цело време да носиш облека во твојата омилена боја. Колку и да ја сакаш таа боја, еден ден ќе ти здосади“.

Функе: „Тоа што го проширив својот круг на пријатели ми помогна да созреам како личност. Научив да се сложувам со луѓе од различна возраст и различно потекло, со што станав поотворена и пофлексибилна. Гледам дека моите пријатели го ценат тоа“.

Отворен ли си за пријателства со најразлични луѓе? (2. Коринќаните 6:13)

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА?

„Возвратете на ист начин — ви зборувам како на деца — и вие широко отворете ги своите срца“ (2. Коринќаните 6:13). Библијата нѐ поттикнува да бидеме пријатели со најразлични луѓе. Кога вака гледаме на пријателствата, животот ќе ни биде поисполнет, а ќе имаме и повеќе вистински пријатели.

 

Нешто повеќе

ПОУЧНИ АНИМАЦИИ

Што е вистински пријател?

Како можеш да најдеш некој што ќе ти биде вистински пријател?