Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  јуни 2014

 ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Џозеф Пристли

Џозеф Пристли

„Поради неговата сестраност, жар, активност и хуманост, поради неговата безгранична љубопитност за сѐ што е поврзано со материјалниот свет, моралот и општеството, поради неговата улога во науката, теологијата, филозофијата и политиката, поради неговата голема поддршка на Француската револуција и поради неправдите што ги доживеал, може да се каже дека тој е една од најмаркантните личности на 18 век“ (Фредерик Харисон, филозоф).

ЗОШТО Џозеф Пристли е толку значаен? Неговите откритија и пишани дела оставиле печат врз сфаќањата на луѓето за улогата на владата, природата на Бог, па дури и за воздухот што го дишеме.

Сеедно дали пишувал за наука или за религија, Пристли ги отфрлал теориите и традициите во полза на фактите и вистината. Да видиме како.

ЈА БАРА ВИСТИНАТА ВО НАУКАТА

Откако во 1765 год. се запознал со американскиот научник Бенџамин Франклин, Пристли — кој дотогаш со наука се занимавал само површно — почнал да врши експерименти со електрицитет. Следната година, неговите колеги научници биле толку импресионирани од неговите откритија што го избрале за член на престижното Лондонско кралско друштво.

Потоа, вниманието му го привлекла хемијата. За кратко време, открил неколку нови гасови, меѓу кои и амонијак и азотен оксид (гас за смеење). Во една прилика додал јаглерод диоксид во вода, со што ја измислил газираната вода.

Во 1774 год., вршејќи експерименти во јужна Англија, Пристли изолирал еден необичен гас од кој свеќите гореле посилно. Еднаш, наполнил стаклен сад со 60 милилитри од тој гас и внатре ставил глушец. Глушецот живеел  двапати подолго отколку што би живеел во стаклен сад со обичен воздух! Самиот Пристли вдишал од овој гас и рекол дека ‚извесно време после тоа дишел полесно‘.

Џозеф Пристли, всушност, го открил кислородот. * Меѓутоа, тој го нарекол овој гас дефлогистиран воздух затоа што мислел дека открил обичен воздух во кој нема флогистон, хипотетичка супстанција за која се мислело дека го спречува согорувањето. Заклучокот на Пристли бил погрешен, но мнозина сѐ уште сметаат дека ова откритие е неговото „најголемо достигнување“.

ЈА БАРА ВИСТИНАТА ВО РЕЛИГИЈАТА

Пристли сметал дека, како што теориите кои слепо се прифаќаат како факт се пречка да се дојде до научна вистина, така и традициите и догмите се пречка да се дојде до религиозна вистина. Иронично е тоа што, иако цел живот трагал по библиското знаење, Пристли прифатил некои учења што биле во судир со Библијата. На пример, едно време не верувал дека Библијата е напишана под водство на Бог. Исто така, го отфрлил библиското учење дека Исус постоел и пред да дојде на Земјата како човек.

„Ако науката е потрага по вистината, тогаш Пристли бил вистински научник“ (Кетрин Кален, биолог)

Од друга страна, Пристли ги разоткрил лажните религиозни учења кои до ден-денес се застапени во главните религии. Тој напишал дека вистината за која поучувале Исус и неговите следбеници подоцна била извалкана со лаги, како што е лажното учење за тројство, погрешното верување дека душата е бесмртна и обожавањето на ликови кое, всушност, е осудено во Библијата.

Религиозните идеи на Пристли и неговата поддршка на американската и француската револуција биле причина за револт кај неговите сонародници. Во 1791 год., една разбеснета толпа му ги уништила домот и лабораторијата, по што Пристли избегал во САД. Иако е познат главно по своите научни откритија, Џозеф Пристли верувал дека „многу поважно и многу поблагородно“ е човек да учи за Бог и за неговата намера.

^ пас. 10 Шведскиот хемичар Карл Шеле успеал да изолира кислород и порано, но не го објавил своето откритие. Подоцна, францускиот хемичар Антоан Лавоазје му го дал името на кислородот.