Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  мај 2014

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Поучи ги децата за опасностите на Интернет

Поучи ги децата за опасностите на Интернет

ПРЕДИЗВИК

Постојано кружат вести од кои добиваш впечаток дека Интернет е дувло на сајбер-насилници, на сексуални напасници и на крадци на идентитет. Загрижен си, и тоа со право: твојот тинејџер минува многу време на Интернет, а ти се чини дека не е свесен за опасностите.

Ти можеш да го поучиш твоето дете за опасностите на Интернет. Но, најпрво да разгледаме некои работи што треба да ги знаеш за Интернет.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Тинејџерите може да имаат Интернет на мобилни уреди. Правилото компјутерот дома да биде на место каде што секој може да го види е одлично правило. Но, ако твоето дете сега има таблет или смартфон со пристап на Интернет, може да биде онлајн многу повеќе отколку порано — и тоа без твое знаење.

Тоа што се случуваат сообраќајни несреќи не значи дека е погрешно да возиш кола. Истото начело важи и за употребата на Интернет. Твојот тинејџер треба да научи внимателно да „вози“ низ виртуелниот свет

Некои тинејџери трошат премногу време на Интернет. Една 19-годишна девојка искрено си признава: „Го вклучувам компјутерот со намера да си ја проверам поштата за пет минути, ама на крај ќе потрошам часови на гледање клипови. Морам многу да се контролирам“.

Тинејџерите би можеле да откријат премногу за себе. Од сликите и коментарите што твоето дете ги става на Интернет, некои расипани луѓе може да дознаат каде живее или каде учи и во кое време е само дома.

Некои тинејџери не се свесни за последиците од она што го ставаат на Интернет. Она што се става на Интернет, останува на Интернет. Понекогаш некои незгодни коментари и слики може да ги види и некој друг — на пример, потенцијален работодавач кој можеби на Интернет ќе побара информации за оној што бара работа.

Точно е дека се случуваат вакви работи, но имај го и ова на ум: Интернет не ти е непријател. Непријател станува само кога се користи неразумно.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Научи го детето да одреди кои се поважните работи и како да си го распореди времето. Една одлика на зрел човек е да знае да ги подреди работите по важност. Комуникацијата со семејството, домашните задачи и обврските низ дома се поважни отколку бесцелно да се пребарува на Интернет. Ако твојот тинејџер минува премногу време на Интернет, постави му ограничувања, па ако треба дури и намести му да му ѕвони аларм. (Библиско начело: Филипјаните 1:10.)

Помогни му на тинејџерот да сфати дека треба да размисли пред да стави нешто на Интернет. Поттикни го да размисли за прашања како овие: Дали со овој коментар ќе повредам нечии чувства? Како оваа слика ќе се одрази врз мојот углед? Ќе ми биде ли незгодно ако сликата или коментарот ги видат моите родители или некој друг возрасен? Што ќе помислат за мене ако ги видат? Што би помислил јас за некој што става на Интернет такви коментари и слики? (Библиско начело: Изреки 10:23.)

Научи го да живее според вредности, а не според правила. Не можеш постојано да го контролираш својот тинејџер. Освен тоа, како родител, твоја цел не е да ги контролираш децата, туку да им помогнеш нивната „моќ на согледување преку искуство [да] им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Затоа, наместо само да му поставуваш правила на твојот тинејџер и да му се закануваш со казни, пред сѐ труди се да му всадиш морални вредности. Поттикни го да размислува за прашања како: На каков глас би сакал да бидам? По кои особини би сакал другите да ме знаат? Твојата цел е да му помогнеш да донесува мудри одлуки, без разлика дали си покрај него или не. (Библиско начело: Изреки 3:21.)

„Децата знаат повеќе за технологијата. Родителите знаат повеќе за животот“

Кога возиш кола, не е доволно само да знаеш да возиш — мораш и добро да ги проценуваш работите. Истото важи и за користењето Интернет. Затоа, како родител, многу е важно да им помогнеш на децата во тој поглед. Како што вели Пери Афтаб, чија специјалност е безбедноста на Интернет: „Децата знаат повеќе за технологијата. Родителите знаат повеќе за животот“.

Нешто повеќе

ПОУЧНИ АНИМАЦИИ

Немој да се заплеткаш во социјалните мрежи

Забавувај се со своите пријатели онлајн, но биди свесен и за замките.

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

На што да пазиш во врска со пораките?

Пораките можат да се одразат врз твоите пријателства и врз твојот углед. Дознај како.