Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Разбудете се!  |  април 2014

 ИНТЕРВЈУ | ФРЕДЕРИК ДУМУЛЕН

„Уверен сум дека постои Творец“

„Уверен сум дека постои Творец“

Повеќе од десет години Фредерик Думулен врши фармацевтски истражувања на Универзитетот во Гент (Белгија). Едно време бил атеист, но подоцна се уверил дека Бог го создал животот. Разбудете се! разговараше со Фредерик, кој сега е Јеховин сведок, за неговата вера и професија.

Дали бевте религиозно воспитуван?

Да. Мајка ми беше католик. Но, откако прочитав некои работи за крстоносните војни и за инквизицијата, религијата ми стана одбивна. Освен за христијанството, читав и за други религии и дознав дека не се ништо подобри. На 14 години, дојдов до заклучок дека големата изопаченост во религијата е доказ дека Бог не постои. Затоа, кога на училиште почнав да учам за теоријата на еволуција, ми звучеше логично дека животот настанал преку природни процеси.

Како се заинтересиравте за наука?

Кога имав седум години, добив микроскоп, кој ми стана омилена играчка. Меѓу другото, го користев за да набљудувам интересни инсекти, како што се пеперутките.

Како се заинтересиравте за потеклото на животот?

На 22 години, сретнав една жена која беше научник и Јеховин сведок. Таа веруваше дека животот е Божје дело. Тоа ми беше многу чудно. Си мислев дека многу лесно ќе ѝ докажам колку бесмислена е религијата. Но, таа ми даде многу логични одговори на прашањата. Затоа, сакав да дознаам нешто повеќе за луѓето што веруваат во Бог.

Неколку месеци подоцна, запознав еден друг Јеховин сведок кој имаше доста познавања од медицината. Кога ми кажа дека би сакал да ми ги објасни своите верувања, се согласив, бидејќи ме интересираше зошто луѓето веруваат во Бог. Сакав да му помогнам да сфати дека е во заблуда.

И, успеавте ли во тоа?

Не. Почнав да проучувам разни теории за потеклото на животот. Се изненадив кога дознав  дека според некои видни научници, дури и наједноставната жива клетка е толку сложена што не е можно да настанала на Земјата. Некои од нив сметаат дека таквите клетки дошле од вселената. Има многу полемики во врска со тоа како настанал животот.

А дали научниците се согласуваат во нешто?

Интересно, многу научници се согласуваат дека на некој начин природните процеси предизвикале животот да настане од нежива материја. Се прашував: ‚Ако не знаат на кој начин настанал животот, тогаш како можат да тврдат дека настанал случајно, без Творец?‘ Затоа почнав да ја читам Библијата за да видам што вели таа за потеклото на животот.

Што заклучивте во врска со Библијата?

Колку повеќе дознавав од Библијата, толку повеќе се уверував дека она што стои во неа е вистина. На пример, дури неодамна научниците најдоа докази дека вселената имала почеток. Меѓутоа, првиот стих од Библијата, напишан пред околу 3.500 години, вели: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. * Освен тоа, се уверив дека, кога во Библијата се зборува за научни теми, информациите се секогаш точни.

Се уверив дека, кога во Библијата се зборува за научни теми, информациите се секогаш точни

Дали поради науката Ви беше тешко да верувате во Бог?

Не. Кога почнав да верувам во Бог, веќе трета година студирав фармација и биологија. И ден-денес, колку повеќе ја проучувам градбата на живите суштества, толку поуверен сум дека постои Творец.

Можете ли да наведете некој пример?

Да. Веќе некое време го проучувам дејството на разни лекови и токсини врз живите суштества. Она што ме одушевува е како нашиот мозок е заштитен од штетни супстанции и бактерии. Има една бариера помеѓу нашата крв и клетките во мозокот.

Зошто оваа бариера е толку впечатлива?

Пред повеќе од сто години, научниците откриле дека супстанциите што се внесуваат во крвотокот навлегуваат во секој дел од телото, освен во мозокот и во ’рбетниот мозок. Овој факт ме фасцинира затоа што една огромна мрежа од ситни капилари носи крв до секоја клетка во мозокот. Крвта ги чисти, ги храни и ги снабдува со кислород сите клетки во мозокот. Тогаш, како е можно крвта и клетките во мозокот да бидат одвоени? Долги години тоа беше мистерија.

Каква функција има оваа бариера?

Микроскопските крвни садови не се како пластични цевчиња. Пластичните цевчиња не дозволуваат она што е во нив да се меша со она што е надвор. Од друга страна, ѕидовите на крвните садови се изградени од клетки кои дозволуваат слободен проток на супстанции и микроорганизми на клеточно и меѓуклеточно ниво. Меѓутоа, клетките од кои се составени крвните садови во мозокот се поинакви. Тие се тесно поврзани една со друга. Овие клетки и тесните врски меѓу нив се неверојатни. Еден голем број сложени механизми ја контролираат размената на некои материи — како што се кислород, јаглерод диоксид и гликоза — меѓу крвотокот и мозокот. Но, не дозволуваат до мозокот да стигнат други протеини, клетки и соединенија. Тоа значи дека бариерата меѓу крвта и мозокот функционира на молекуларно ниво при што настануваат физички, хемиски и електрични бариери. Според мене, не е можно една ваква градба да настанала по пат на еволуција.